Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, Чудесна Македонија » Реката и водопадот Уча – таинствена природа во Порече

Реката и водопадот Уча – таинствена природа во Порече

28.10.2019

Во областа Порече се наоѓа селото Девич, познато по Девините Кули и легендите за сестрите на Крале Марко, Дева и Пеша. Покрај богатото културно – историско наследство, атарот на селото Девич располага со повеќе природни вредности, како што се: изворот Асаноец, Девината пештера, пештерата Пешна и други. Исто така доста привлечна е бујната вегетација, особено во долината на реката Уча, каде се наоѓа и еден мал, но интересен водопад.

Реката Уча е една од двете изворни реки кои ја формираат Девичката Мала Река. Уча извира од источните падини на планината Песјак на надморска височина од 1680 m. Тече низ долина со бујна и тешко проодна вегетација и има должина од околу 6 km. Во горниот и средниот тек Уча има постојан водотек, а во долниот слив водата постепено се губи и понира. По течението на реката Уча се среќаваат неколку мали слапови, а еден од нив се издвојува со својата височина и форма. Учанскиот водопад или „Бучало“ како што го нарекува локалното население се наоѓа на одалеченост од 1,6 km од селото Девич. Подинскиот дел од водопадот е лоциран на надморска височина од 582 метри. Според типот на настанок водопадот е ерозивен и има височина од околу 2,5 метри. Во долниот дел водопадот има формирано вир (џиновски лонец) со димензи: ширина 3 метри, должина 2 метри и длабочина од околу 0,5 метри. Водопадот континуирано има вода во текот на целата година, притоа најголем водостој има во врнежливиот период  (зима – пролет), а најмалку во текот на летото и почеток на есента. До водопадот се стигнува по колски пат кој води од селото Девич по долината на Девичка Река, а по одминати 700 – тини метри патот се раздвојува во два правци, потребно е да се сврти кон југозапад и да се следи долината на реката Уча. Колскиот пат на некои места е зарастен со бујна вегетација, па се губи неговата трага, за да се продолжи кон водопадот потребно е само да се следи течението на водотекот Уча. Пред да се одлучите да го посетите овој водопад и терен, внимавајте на ловниот календар, проверете дали е ловна сезона, затоа што често се забележуваат ловџии. Според кажувања на мештаните во текот на студениот период од година, по долината на реката Уча се забележува присуство на крупен дивеч, особено на диви свињи и мечки.

Учанскиот водопад или „Бучало“ фотографиран во крајно сушен период (октомври, 2019)

Автор: Дарко Стојчески

Оваа статија е прочитана 2227 пати!

Автор:

Од категорија: На тема, Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger