Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Преубавите долини на Шарските реки Бистрица и Габровница

Преубавите долини на Шарските реки Бистрица и Габровница

9.11.2019

Шар Планина е една од највисоките (2747 m), најголемите и најубавите планини во Македонија. Покрај атрактивниот и добо изразен глацијален релјеф во високите делови (над 2000 m), во релјефот на оваа планина се истакнуваат длабоко всечените речни долини во вид на клисури со стрмни, на некои места речиси вертикални страни. Меѓу нив највпечатливи се долините на Пена, Маздрача, Теаречка Бистрица, Габровница, Вратничка-Љуботенска Река и други. Во текот на летниот период од оваа година, имавме можност да изведеме теренски истражувања на повеќе од споменатите долини, од кои вниманието посебно ни го привлекоа долините на реката Бистрица (Теаречка) и Габровница.

Циркот во изворишниот дел на Теаречка Бистрица со двете мали локви во него.

Бистрица е краток планински водотек (18,8 km; од тоа 12,6 km до излезот од планината), чие извориште се наоѓа на околу 2300 m надморска височина, во еден простран цирк со пречник од 1,5 km, познат како Бистрички цирк. Самиот цирк, од сите страни освен од северната е ограничен со врвови високи помеѓу 2510 и 2571 m. По страните на циркот има неколку помали секундарни (стадијални) циркови, како и бројни периглацијални форми, а на дното пак, се јавуваат две локви (остаток од некогашно глацијално езеро), чија длабочина изнесува до 1 m. Од овој изворишен, цирков дел на долината на Бистрица, низводно и кон североисток, до височина од 1700 m, долината добива профил во форма на „U“, јасно укажувајќи дека станува збор за остаток од глацијален валов.

Валовскиот дел од долината на Теаречка Бистрица, со преубава панорама во позадината.

Уште пониско и низводно, долината на Бистричка Река е длабоко всечена и со стрмен пад, што условило формирање на бројни брзаци, водопади (високи до 11 m) и мали слапови. Покрај главната река Бистрица, во овој дел е интересна и нејзината притока Чаушичка Река, на која исто така има бројни водопади, високи до 8 m. Значи, долината на Бистрица над 1700 m има глацијален и периглацијален карактер, а теренот е покриен со тревна и жбунеста вегетација. Понискиот дел пак е добро пошумен, претежно со букова шума. Интересно е што низ долината има доста извори, кои главно функционираат преку цела година и од кои се формираат бројни планински потоци. Инаку, пристапот по долината на Бистрица е можен по макадамските патишта кои навлегуваат од с. Теарце или од с. Лешок и Брезно и водат до месноста Три Воде. Од тука, се продолжува пеш по јасно означена патека до највисоките делови, односно до Бистричкиот цирк.

Еден од бројните водопади на Теаречка Бистрица.

Реката Габровница (14,5 km; од тоа 7,8 km до излезот од планината) е на североисток од Теаречка Бистрица, со извориште кое се наоѓа во простран цирк (Доброшки или Езерски цирк) на 2300 m надморска височина. Нејзиниот десен – изворишен крак, поради тоа што истекува од глацијални езера, се нарекува Езерска Река. Слично како Бистрица, и Габровница е мошне длабоко всечена во цврстите гранитоидни карпести маси. Особено стрмен е делот над 1500 m надморска височина, каде има голем надолжен пад, со бројни водопади и слапови. Најголемите слапови се пред вливот на Езерска Река и достигнуваат вкупна височина до 40 m. Во највисокиот дел на Габровница т.е. Езерска или Добропка Река има јасно присуство на траги од плеистоцена глацијација во вид на два цирка и повеќе помали (секундарни) циркови. Посебно атрактивни во овој простор се двете споменати езера, односно Горно и Долно Доброшко Езеро, кои се наоѓаат на височина помеѓу 2270 и 2320 m.

Доброшкиот (Езерски) цирк во изворишниот дел на истоимената рекичка, со двете глацијални езера.

Името го добиле по селото Доброште, кое се наоѓа во самото подножје на планината. Горното Доброшко Езеро е помало, со должина од 31 m, широчина 50 m, најголема длабочина од 2 m и површина од 1280 m². Се одликува со многу бистра и студена вода, чија проѕирност се должи на протечноста на водата која се влева и истекува од него, како и од каменестата околина и дно. Веднаш над него извира, а воедно и низ него протекува изворишниот дел на Езерска Река. Долно Доброшко Езеро има должина од 82 m, широчина од 70 m, површина од 3.760 m² и длабочина од само половина метар. Дното на езерото е рамно и песокливо, делумно со плочест нанос. Со вода се храни од атмосферските врнежи, потоа од Езерска Река и неколку помали поточиња, а водата ја губи преку истеката Езерска или Доброшка Река, потоа преку понирање во моренските седименти и со испарување. Сепак, во сушни години, кон средината на летото при многу високи температури, ова глацијално езеро речиси целосно пресушува. Веднаш под големиот цирк и под езерата, до височина од околу 1800 m, долината има валовски карактер, со бројни остатоци од странични и пробиени челни морени.

Поголем слап на Доброшка (Езерска) Река, со вкупна височина од 41 m.

Според тоа, долините на Бистрица и Габровница се мошне атрактивни, длабоко всечени и со голем надолжен пад, што резултирало со создавање на бројни водопади и слапови. Всеченоста на долините е последица на тектонското издигање на Шар Планина, што се одвива до ден денес (доказ за тоа се последните земјотреси во областа). Двете реки имаат најголем протек помеѓу мај и јули, а најмал во август и септември. Пониските долински делови се густо пошумени, со ситен и крупен дивеч во нив. Повисоките се каменливи или покриени со густа тревна или жбунеста вегетација, наместа со извонреден панорамски видик.

Горно и Долно Доброшко Езеро.

Она што најмногу го наруши нашиот впечаток за овие преубави предели на Шар Планина се бројните мали хидроцентрали на двете реки. До нив се пробиени макадамски патишта, главно преку минирање, кршење на карпите и нивно исфрлање кон долинските дна, со што е предизвикана трајна деградација и деструкција на пејсажот. Покрај тоа, евидентна беше претераната сеча на шумите и оголувањето на стрмните терени, што пак предизвикува засилена ерозивна деструкција. Во таа смисла, целиот овој простор и поголемиот дел на Шар Планина, треба да бидат заштитени во рамките на идниот Национален парк, на што интензивно се работи.

Деградација на Габровничка Река со изградба на мали електрани и пробивање на патишта до нив.

Автор: д-р Ивица Милевски

Статијата е посветена на прерано починатиот д-р Љупчо Меловски, професор на ПМФ во Скопје, биолог – еколог и вљубеник во природата, а посебно убавините на Шар Планина.
Благодарност за помош во теренските истражувања до географите Дарко Стојчевски, Бојана Алексова, д-р Марјан Темовски и др.

Оваа статија е прочитана 346 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger