Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема » Во познато меѓународно списание објавен труд за зонирање на теренот според подложност на свлечишта во Македонија!

Во познато меѓународно списание објавен труд за зонирање на теренот според подложност на свлечишта во Македонија!

15.11.2019

Деновиве во познатото меѓународно списание Open Geoscience излезе труд под наслов „Статистички и експертско базиран модел на подложност на свлечишта во национален опфат, на примерот на Северна Македонија“ (Statistical and expert-based landslide susceptibility modeling on a national scale applied to North Macedonia). Главен автор на трудот е д-р Ивица Милевски, а како коавтори се јавуваат д-р Славољуб Драгичевиќ од Географскиот факултет во Белград и д-р Матија Зорн од Словенечката Академија на науки и уметности. Трудот, кој неколкукратно е рецензиран од врвните светски експерти во областа е резултат на двегодишни интензивни теренски истражувања, анализи, барања и тестирања на најсоодветен пристап за зонирање на теренот според подложноста на лизгање т.е. потенцијал за појава на свлечишта.

Класификација на некои од факторите значајни за појава на свлечишта во Македонија.

Публикуваните резултати покажаа дека меѓу најдобрите пристапи е комбинација на експертски избор на релевантните фактори и нивното квантитативно – статистичко рангирање според важноста. Целата постапка главно се темели на поделбата на секој релевантен фактор на соодветни класи и пресметка на застапеноста на постоечки евидентирани свлечишта во дадена класа за некој фактор (frequency ratio). На тој начин се добиени вредностите или „тежините“ за секоја класа од некој фактор (на пример терен со наклон од 10-30 степени), како и за самиот фактор во целина (наклони, експозиции, врнежи, близина до пат, река и сл.). Во светската литература, ваквите пристапи обично се применуваат одвоено, а во последно време и се комбинираат. Сепак, во конкретниот случај, изведена е т.н. двојна комбинација на двата пристапи и тоа преку експертско-статистичкото одредување на значењето на секој фактор, а по втор пат, преку извлекување на просечни вредности од двата добиени модели, односно експертско-статистичкиот и чисто статистичкиот по дадени методи на класификација. За да се согледа точноста на моделите, разгледано е поклопувањето на положбата на регистрираните свлечишта, со просторните класи на висока подложност на свлечишта во моделите.

Најпрецизниот од неколкуте добиени модели за подложност на свлечишта во Македонија.

Резултатите покажаа дека поклопувањето, односно прецизноста на двојно комбинираниот модел, за голема или поточно државна територија (дополнително и со доста хетероген релјеф) е сосема солидна и изнесува околу 78%. Добиениот растерски модел е во висока резолуција од 15 m и може да се користи за разни намени, а пред се за планирање на просторот, изградба на поголеми објекти и крупни градежни зафати и многу др. Тоа особено ако се има во предвид очекуваната зачестеност на природни непогоди и екстремни метеоролошки појави во овој дел на Европа, како резултат на антропогено предизвиканите климатски промени. Мора да напоменеме дека ова е прв таков модел кој ја покрива целата државна територија во висока резолуција. Воедно напоменуваме дека за мали подрачја или урбани делови, како и за конкретни цели, наместо овој модел, потребно е да се изработи подетален, со резолуција од барем 5 m.

Споредба на 3 модели на подложност на свлечишта, на помал просторен опфат.

Инаку, треба да се напомене дека следна цел би била подобрување на моделот до точност од 85%, а со внесување на вредности за дополнителни фактори кои би можеле да влијаат врз појава на свлечишта. За такво нешто, неопходна е и далеку поголема база на свлечишта од она со која моментално располагаме (околу 400 појави со податоци за локација и големина).

Линк до трудот.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 530 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести, На тема · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger