Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Колку глацијални езера има на Шар Планина?

Колку глацијални езера има на Шар Планина?

24.11.2019

Кривошијско Езеро.

Познато е дека Шар Планина има најголем број на глацијални езера од сите планини во Македонија. Така, во географската литература најчесто се споменуваат околу 20-30 глацијални езера само во македонскиот дел на планината. Причина за толку глацијални езера на Шар Планина (повеќе од сите останати планини во Македонија заедно) е значителната просечна височина на планината и големиот број на циркови, валови како остатоци од мошне изразената плеистоцена глацијација. Заради различните податоци, а со цел прецизна валоризација на геодиверзитетот на оваа планина (која се очекува наскоро да стане национален парк), се потрудивме да добиеме колку е можно поточни податоци за бројот на глацијални езера. На почетокот, се јави проблем околу тоа што може да се смета како езеро, а што како „локва“, односно која е минималната големина за некое водно тело да се смета за езеро. Во таа смисла, како минимален праг е земена површина од 200 m2. Следен проблем е што нивото на водата и големината на повеќето езера доста се менува во текот на годината, а некои во летниот период (август-септември) целосно пресушуваат. Овој проблем е решен преку споредба на состојбата на езерата во различни периоди од годината.

Како и да е, со користење на сознанијата од бројните теренски истражувања (изведени во периодот 2017-2019 година), заедно со анализите на топографските карти во размер 1:25.000 и деталните сателитски снимки достапни на Google Earth, се утврди дека на македонскиот дел на Шар Планина има дури 44 глацијални езера. Од нив, 26 се постојани, односно функционираат во текот на целата година, а 18 се периодични и повремени и обично функционираат како езера помеѓу април и јули.

А. Боговинско Езеро, Б. Црно Езеро, В. Караниколички езера.

Просечната површина на сите 44 езера изнесува 250.500 m2, а вкупната должина на бреговата линија им изнесува 10.500 m. Што се однесува до надморската височина на која се јавуваат, најниското езеро е на 1940 m, а највисокото на 2428 m. Всушност 9 езера се на височина до 2000 m, 17 езера се на височина помеѓу 2000-2200 m, 17 езера помеѓу 2200-2400 m и само едно езеро е над 2400 m.

Најголем број на езера (19) имаат површина под 0.1 ha (1000 m2), додека 15 езера имат површина помеѓу 0.1 и 0.5 ha. Дополнителни 5 езера се со површина од 0.5 до 1 ha, додека 4 езера се со површина од 1 до 5 ha. Само едно езеро има површина поголема од 5 ha, а тоа е Боговинското Езеро (6,8 ha), кое што е најголемо не само на Шар Планина, туку и на територијата на Македонија. Дури и ако не се земат во предвид езерцата со површина помеѓу 200 и 1000 m2 чиј број е 19, остануваат 25 поголеми глацијални езера, од кои најголем дел се постојани. Со оглед на тоа што станува збор за глацијални езера, најголем дел од нив се наоѓаат во цирковите, а помал дел во валовските долини или во терминалните басени.

Двете Доброшки езера (лево) и малите езерца-локви во извориштето на Бистрица (десно).

Според сето претходно, глацијалните езера на Шар Планина се навистина од огромно значење, не само за геодиверзитетот, туку и за биодиверзитетот на овој простор и претставуваат особено атрактивен пејзажен елемент. За жал, дел од езерата се загрозени со намалување на количеството на вода или целосно пресушување, како последица на климатските промени и поради зафаќање на водата за потребите на локалното население. Дел од езерата пак се со влошен квалитет на водата поради испуштање на отпадни материи од бачилата и нивно навлегување во езерските басени. Во последно време, езерата се се’ повеќе на удар на зголемениот број посетители-туристи. Затоа се надеваме дека скорешното прогласување на Шар Планина за национален парк, ќе придонесе во зачувувањето и заштитата на овие извонредно значајни и атрактивни водни објекти.

Автор на текстот и фотографиите: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 1639 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger