Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Првата карта на Титан детално ја „открива“ мистериозната површина на Сатурновиот сателит

Првата карта на Титан детално ја „открива“ мистериозната површина на Сатурновиот сателит

24.11.2019

Неодамна, тим истражувачи од НАСА и Европската вселенска агенција ја објавија првата карта на површината на „Титан“, најголемиот сателит на Сатурн. Како основа за картирањето, астрономите ги користеле податоците од сензорите на сондата „Касини“, снимени во периодот помеѓу 2004 и 2017 година. Картата, објавена во специјализираното списание „Nature Astronomy“, покажува дека површината на „Титан“ е полна со дини, езера, рамнини, висорамнини и кратери и има голема сличност со Земјата. Поточно, 65% од површината на Титан е покриена со рамнини, а 17% со формации кои наликуваат на дини. Дополнителни 14% од површината, претставуваат ридско-планиниски подрачја, односно возвишенија на Титановата замрзната кора. Ваквата структура укажува на динамичната релјефна површина на овој сателит, голем речиси колку планетата Меркур, што претставува вистинско изненадување. Инаку, картата е составена главно од научниот тим на оделот за Земјени и Вселенски истражувања при Универзитетот во Аризона, во соработка со JPL (Jet Propulsion Laboratory) на НАСА во Пасадена, Калифорнија.

Сондата „Касини“ која орбитираше околу Титан во периодот 2004-2017 година.

Според податоците од картата, научниците размислуваат дека е сосема можно да постои некаков жив свет на Титан, со оглед на тоа што освен Земјата, тоа е единственото небесно тело во Сончевиот Систем кое има „стабилна“ течност на површината. Всушност, овој сателит на Сатурн има густа атмосфера, составена главно од азот, кој служи како природен штит против сончевото зрачење и атмосферскиот притисок и е скоро еднаков со оној на нашата планета. Сепак, за разлика од типичните дождови на Земјата, поради ниските температури кои се движат до -200°С, на Титан паѓаат капки од метан и етан, кои ги надополнуваат езерата (морињата) со речиси идентичен состав. Претходно, истражувачите на НАСА утврдија дека поради постоечката гравитација, јаглеводородните мориња на Титан имаат надморска височина која во просек е слична на „нивото на морето“ на Земјата.

На картата прикажани езера, висорамнини, кратери, долини и рамнини.

Голема мистерија за сега, претставува хидролошкиот циклус на овој сателит, а научниците сметаат дека е можно подлабоко во езерата да постојат сложени организми, посебно ако се има во предвид дека освен многубројните потоци на површината, уште поинтересни појави се кријат под неговите замрзнати површини. Таму се наоѓаат океани во кои има поголемо количество на вода отколку метан. Токму тоа подземно скривалиште на вода, би можело да биде место погодно за живот каков што нам ни е познат, додека пак неговите површински езера и мориња во кои има јаглеводороди можат да создадат таков живот, каков што не познаваме. Покрај тоа, Титан има значителни резерви на течни јаглеводороди и стотици поголеми резерви на нафта и природен гас од резервите на Земјата. Сето ова го прави Титан еден од само неколкуте мошне интересни и ветувачки објекти за постоење на евентуален жив свет во нашиот Сончев Систем.

Првата целосна карта од најголемата месечина на Сатурн, Титан, заснована на радарски, видливи и инфрацрвени слики од мисијата Касини на НАСА.

Наскоро се очекува нова мисија од страна на НАСА, која ќе биде насочена токму кон откривање на евентуални траги на живи организми или барем нови возбудливи податоци за овој навистина интересен сателит во нашиот Сончев Систем.

Извор: www.dailymail.co.uk/sciencetech

Подготвиле: д-р Ивица Милевски и Бојана Алексова, Институт за географија при ПМФ, Скопје.

Оваа статија е прочитана 416 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger