Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Активности, Географски вести » Промоција на две книги од проф. д-р Благоја Маркоски

Промоција на две книги од проф. д-р Благоја Маркоски

15.12.2019

На 4.12.2019 година во просториите на Природно-математички факултет Скопје се одржа промоција на книгите:
• „Дувало – сува мофета, с. Косел, Охридско“ од авторите проф. д-р Благоја Маркоски од Природно-математички факултет, проф. д-р Милорад Јовановски и проф. д-р Игор Пешевски од Градежен факултет. Книгата е во издание на Геомап ДОО – Скопје.
• „Македонската географска мисла, -по повод 70 години Македонско Географско Друштво“ под авторство од проф. д-р Благоја Маркоски. Книгата е во издание на Македонско Географско Друштво.
Настанот се одржа под покровителство на Деканот на Природно-математички Факултет – проф. д-р Ицко Ѓоргоски, промоцијата ја водеше проф. д-р Олгица Димитровска. Промотор на книгата „Косел – сува мофета, с. Косел, Охридско беше еминентниот проф. д-р Никола Думурџанов. Во врска со монографијата Македонската географска мисла, по повод 70 години Македонско Географско Друштво говореше проф. д-р Никола Димитров од Универзитетот Гоце Делчев – Штип. Од име на авторите во врска со целата процедура на публикување на книгите се заблагодари проф. д-р Благоја Маркоски.

Дувало – сува мофета, с. Косел, Охридско

Непосредните содржини во книгата се систематизирани и реализирани според принципот кратко и јасно со строго систематизиран, асоцијативно одбран и извонредно квалитетно обликуван илустративен фотографски и графички материјал (од кои поголемиот број се авторски оригинали).

Навлегувајќи во методолошкиот концепт на содржините кај книгата ДУВАЛО – сува мофета, с. Косел, Охридско се забележува таков пристап кој овозможува каузална причинско последична поврзаност на содржините, така што читателот има можност да се запознае и да ги проучи сите аспекти од областа на географијата и геологијата на локалитетот.
На почетокот се обработени, предметот и целите на проучување, а потоа карактеристиките на локалитетот Дувало како што се географската положба, геоморфолошките и геолошките карактеристики, заканите по природната реткост, заштитата и аспектите за економска валоризација и искористување.
Географската положба е опишана во однос на поширокиот регион, потесната микролокација и во однос на сообраќајната мрежа и административно територијалната припадност.
Геоморфолошките карактеристики се обработени така што се презентирани содржини во врска со планинските масиви Галичица и разграноците на Плакенска Планина во регионот, непосредните карактеристиките на Охридско-струшката Котлина и поконкретно Охридското Поле. Во овој дел се прикажани современите геоморфолошки процеси, степенот на географската сочуваност на локалитетот и врските на локалитетот со другите објекти од сверата на геодиверзитетот, биодиверзитетот и културното наследство.
Поопстојно внимание е посветено на геолошките карактеристики на регионот и локалитетот. Презентирани се историски податоци за локалитетот Дувало од периодот на 16 до 19 век кога во овај локалитет се спроведувал процес на експлоатација на сулфур. Првите научни проучувања на локалитетот Дувало со пишувани податоци датираат од 1925 г. кога Сима Тројановиќ го опишал локалитетот и појавата Дувало, а потоа во 1956 г. се спроведени поопстојни научни проучувања и до денес следат серија на истражувања во кои во основа е констатирано дека количеството на гасови кои избиваат од Дувало е 0,2 l/sek, а хемискиот состав е следниот: CO2 – 98,062%, H2S – 0,838% и инертни гасови 1,1%. Во периодот 1964-1972 г. се извршени систематски геолошки истражувања и меѓу другите е изработена Карта и Толкувач за листовите Охрид К34 – 102 и Подградец К34 – 114 (Основна Геолошка Карта на Македонија – ОГК, размер 1:100000). Автори на оваа карта се Думурџанов Н. и Ивановски Т. Картата е испечатена во 1977 година во Военогеографскиот институт во Белград. Така е утврден геолошкиот склоп на регионот. Проучени и соодветно се презентирани речиси сите пишувани материјали во врска со Дувало.

Во книгата се опишува активноста на дувалото/ата, така што врз основа на карактеристиките на локалитетот и дефинициите за поствулкански и сродни појави авторите констатираат дека појавата Дувало е лоцирана на раседна линија, претставува резултат на тектонски процеси, а според застапеноста на гасот CO2 со 98 %, и ниската температура на гасовите од околу 120 Ц појавата најверојатно припаѓа во категоријата на појави од типот на суви мофети. Авторите го објаснуваат, потеклото на гасовите, формирањето на елементарен сулфур, рецентните манифестации, повремената експлозивност на гасовите, избелувањето на карпите и сеизмичките аспекти. Интересно е што непосредно после серијата земјотреси во 2017 г. во Охридскиот Регион, авторите покрај старото дувало констатирале уште 10-ина други отвори/дувала, со што се потврдува тектонскиот карактер на појавата Дувало.
Авторите локалитетот Дувало го анализираат и од аспект на неговата деградација која може да биде од типот на природни и на антропогени влијанија, така што поодделно се опишани елементите на можна деградација.
Во продолжение на таа анализа се укажува на потребата од заштита на локалитетот низ законска рамка и непосредна физичка заштита. Како
Локалитетот Дувало е карактеристична геолошка појава, а мирисот на сулфурот (како расипани јајца) е предизвик за радозналоста на луѓето, така што објектот е интересен од разни аспекти. Во тој контекст авторите ја разработуваат потребата и можностите за искористување на овој локалитет за одредени непосредни научни, образовни и културни сознанија и посредни економски ефекти.

Книгата ДУВАЛО – сува мофета, с. Косел, Охридско е базирана на 50 библиографски единици и содржи пошироко резиме на Македонски и Англиски јазик.
Врз основа на целокупната пронајдена литература во врска со локалитетот Дувало и компарација со слични појави ширум светот главна констатација е дека локалитетот не претставува поствулканска појава (како што се нарекуваше до сега) туку дека истиот претставува сува мофета.
Книгата како што е конципирана, текстуално конкретна и богато фотографски колорно илустрирана ќе биде од голема корист за широк круг на корисници во општо образовните институции, научните институции и пошироката јавност.

Македонската географска мисла, по повод 70 години Македонско географско друштво

Оваа монографија содржи 116 страници, во кои се опфатени 10 поглавја со повеќе наслови и поднаслови. Содржината претставува склоп од хронологија на образовната, научно истражувачката и апликативната дејност во полето на географијата во Македонија.

На почетокот во воведниот дел се зборува за општиот развој на географската наука (особено после 17-от век кога меѓу другите науки како посебна е издвоена и географијата). Тогаш на географијата и е доделена задачата да прави спој меѓу природните и општествените науки. Глобална компонента на развој на географската наука и нејзините одделни дисциплини се повеќе се ширеше и во помалку развиените земји. Територијата на Македонија во овој период беше под владеење на Османлиската Империја, но, со одредени влијанија од Европа особено од Австро-унгарија, Русија и соседните држави.
Понепосредни истражувања поврзани со географската наука на територијата на Македонија се вршени од разни истражувачи во различни временски периоди и во различни свери од природните и општествените науки. Во 19-от век одредени географски аспекти се инкорпорирани во народното творештво каде низ приказни, раскази, случувања и слично се опишуваат разни географски објекти. Такви примери се среќаваат во творештвото на Кузман Шапкарев, Ѓорѓија Пулески, Марко Цепенков и други.
Посебно важни се делата на Димитрија Чуповски, особено неговата „Карта Македонија“ на која е прикажана етничката територија на Македонија и делата на револуционерот Ѓорче Петров кој географијата на македонската земја ја опишал во делото „Материјали по изучувањето на Македонија“ (на околу 700 страници). Во почетокот на 20-ти век посебно важно е делото „Основи за географија и геологија на Македонија и Стара Србија“. Во ова дело Цвијиќ расправа за географијата и геологијата на територијата на Македонија.
Посебно поглавје од книгата е посветено на географијата на Македонија меѓу двете светски војни. Во овој период се потенцирани улогата и значењето на:
д-р Петар С. Јовановиќ кој во Скопје во 1922 г. ја основал Катедрата за географија и Географскиот институт,
д-р Воислав Радовановиќ еден од основачите и уредник на Гласникот на Скопското научно друштво и
д-р Димитар Јаранов кој преку Македонскиот научен институт во Софија географските истражувања на Македонија ги публикувал/е во делото „Македонија како природна и географска целина“. Во книгата се опишува дека од овие истражувања е произлезена Карта на Македонија во нејзините етнички граници, која е издадена на Француски и на сеуште неетаблираниот стандарден и литературен Македонски јазик каде е прикажана географската посебност на Македонија, бидејќи на овие карти се прикажани етничките граници на Mакедонија како целина, но и политичките граници после поделбите на Македонија за време на Балканските војни.
Третото поглавје е посветено на формирањето и развојот на Институтот за географија во Скопје во рамките на Природно-математичкиот оддел при Филозофскиот факултет во Скопје, заедно со катедрите по биологија, географија со етнологија, математика, физика и хемија на 16.12.1946 г. Авторот низ прецизна хронологија ги потенцира настаните и личностите, така што кон секој има посветено должно внимание. Покрај другото, посветено е внимание на развојните аспекти на ПМФ како целина, а во рамките на него се потенцирани просторните услови, техничката опременост, географската библиотеката, организациската поставеност и раководните структури на Институтот за географија.
Во продолжение професорот Маркоски го претставува наставно-научниот кадар на Катедрата и Институтот за географија, така што низ една унифицирана форма се прикажани биографските податоци за пет генерациски постави со негова глобална оценка на карактеристиките на секоја генерација посебно.

Првата постава на наставници и асистенти на катедрата за географија била во состав: Атанасие Урошевиќ, Часлав Стојадиновиќ, Јован Трифуновски, Бранислав Русиќ, Тодор Кондев и Гиго Милески.
Наведените лица имале главно задача да формираат наставно научен кадар (првенствено) од областа на географија, а потоа и од областа на геологија и етнологија. Така произлегуваат првите дипломирани студенти на географија кои претставуваат основа за формирање на условно речено втората генерација на научни работници во географијата.
Втора постава на наставно-научни работници на Институтот за географија на ПМФ во Скопје произлегува од листата на првите генерации студенти на географија. Тука главно се вбројуваат професорите: Гиго Милески, Душан Манаковиќ, Митко Панов, Миливој Гашевски, Иван Несторовски.
Оваа генерација формира посистематизирани основи на фундаменталните географски дисциплини, квалитетен географски кадар, развива зголемена публицистичка дејност, активно се вклучуваат во апликативната географија, воспоставува комуникации со останатите географски центри од Европа и пошироко и други придобивки.
Трета постава на наставно-научни работници на Институтот за географија на ПМФ во Скопје ја сочинуваат професорите Васил Граматниковски, Станко Станковски, Александар Стојмилов, Митко Поптрандовски, Томе Андоновски, Васа Даскалоски и како новодојдени од други институции професорите Јордан Пенџерковски, Милорад Стојановиќ (од Геолошкиот завод на Македонија), Љубе Миленковски и Аслан Селмани (од Педагошката академија во Скопје) и Михаило Зиков (од Институтот за просторно планирање).
Карактеристика на оваа генерација е тоа што подолго време од нивниот период на работење немало примено асистентски кадар, така што во даден момент кадровскиот потенцијал се надокнадил со наставници кои дошле од други институции, односно од Педагошката академија во Скопје и Институтот за просторно планирање од Охрид.
Четврта постава на наставно-научни работници на Институтот за географија на ПМФ во Скопје ја сочинуваат неколкуте асистенти, примени во текот на осумдесеттите години на 20-ти век. Станува збор за Драган Василески, Татјана Темелковска, Никола Панов, Благоја Маркоски, Драган Колчаковски, Ристо Мијалов, Мирјанка Маџевиќ и Мирјана Георгиева.
Четвртата генерација особено се истакнува во процесите на осовременување на универзитетската настава и наставата по географија во основните и средните училишта. Се одликува со плодна публицистичка дејност така што под нивно авторство се објавени поголем број универзитетски учебници по различни научни дисциплини, голем број монографски изданија и секако голем број на научни трудови објавени во домашни и странски списанија.
Посебна одлика за оваа генерација е иновативниот аспект со развој на нови насоки и примена на техниките и технологиите на ГИС.
Петтата постава на наставно-научни работници на Институтот за географија ја чинат генерациите родени во седумдесеттите и осумдесеттите години на 20-ти век, а нивниот непосреден работен ангажман главно датира од 2000-тата година наваму. Во оваа генерација се вбројуваат Олгица Димитровска, Ивица Милевски, Билјана Апостоловска Тошевска, Свемир Горин, Иван Радевски, Милена Талеска, Дејан Илиев, Христина Димеска-Трајкова, Марија Љакоска, Анита Тодорова, Владимир Златаноски и Горан Китевски,
Четвртата и петтата генерација денес се главни носители на сите наставни, научни, апликативни и организациски активности во полето на географската наука во Република Македонија.
Во посебно поглавје се обработени студиумите и студиските програми кои се реализирале и се реализираат на Институтот за географија. Прикажана е хронологијата на развој на додипломските, постдипломските и докторските студии по географија и одделни географски дисциплини.
Во монографијата посебно поглавје е посветено на наставно-научниот кадар по географија во Република Македонија кои работеле или работат во други институции и организации надвор од Институтот за географија на ПМФ во Скопје. Списокот е пообемен но како посебно активни во географската наука, настава и активности на Македонското географско друштво се потенцирани проф. д-р Емануел Чучков – Мане, д-р Панче Кировски, д-р Владимир Точковски, Велимир Костовски, д-р Илија Башевски, д-р Михајло Будиноски, д-р Ѓорѓи Павловски, д-р Никола В. Димитров и Илија Петрушевски и други..
Во монографијата е прикажана и соработката на Институтот за географија при ПМФ во Скопје и Македонското географско друштво со други институции и организации во земјата и странство.
Посебно внимание е посветено на научно-истражувачката и апликативната дејност, така што се презентирани списанијата и книгите кои се производ од разни научни конгреси, симпозиуми и стручни собири во земјата и во странство. Во вид на скратена библиографија е прикажан дел од индивидуалната публицистичка дејност на македонските географи во која се поместени библиографски единици од Универзитетски учебници, книги и монографии, учебни помагала и скрипти.
Во посебен сет е прикажан дел од поважните научно-истражувачки и апликативни проекти.
Посебен дел е посветен на педагошката дејност со листа на учебници и учебни помагала по географија во училишта, листата на советници по географија и координатори по географија низ регионите во Република Македонија, а потенцирани се и географските екскурзии и теренски настава.
Поводот за издавање на монографијата е 70-годишнината од Македонското географско друштво така што во врска со друштвото се прикажани информации за неговото формирање, целите на дејствување, раководните структури, името на друштвото, манифестациите и активностите кои ги спроведува како што се: издавањето на списанието Географски разгледи, организацијата на научни конгреси и симпозиуми, натпревари по географија за млади таленти, секции во склоп на друштвото, признанија и награди, организација и управување и соработката со други институции и организации.
Мора да се потенцира дека активностите на Македонското географско друштво се во постојана и тесна корелација со работата и активностите на Институтот за географија при ПМФ во Скопје.
Монографијата е резултат од над 20 библиографски единици и особено на интуитивноста на авторот кој почнувајќи го студентскиот и работниот период кон крајот на 70-ите години непосредно ги познава настаните и географите од втората до петтата генерација.
Во контекст на потреби и случајно да не биде некој неспомнат во оваа монографија се вклучени:
АНЕКС 1 Докторски дисертации одбранети на Институтот за географија при ПМФ во периодот од основањето на институтот до 2019 г. и
АНЕКС 2 Магистерски трудови одбранети на Институтот за географија при ПМФ во периодот од основањето на институтот до 2019 г.
На промоцијата беше изразена општа благодарност до професорот Маркоски, бидејќи се одважил да посвети толку внимание, време и труд, така што со оваа монографија ја збогати Македонската култура со уште едно поле од науките, каде прецизно и хронолошки се потенцирани развојот на македонската географска мисла, развојот на Институт за географија при ПМФ во Скопје и Македонското географско друштво, активностите и поединечните актери во полето на географијата.
Беше констатирано дека книгата ќе биде патоказ за идните генерации, бидејќи авторот истата ја посветува на идните генерации Македонски географи.

Подготвил: м-р Владимир Златаноски

Оваа статија е прочитана 390 пати!

Автор:

Од категорија: Активности, Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger