Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Научниците на НАСА тестираат ровер кој ќе бара траги од жив свет на сателитот Европа

Научниците на НАСА тестираат ровер кој ќе бара траги од жив свет на сателитот Европа

15.12.2019

Во изминатите месеци, научниците на НАСА тестираа подводен ровер кој би барал вонземски живот длабоко под замрзаната површина на Јупитериовиот сателит Европа. Тестирањето беше извршено на делови од Антарктикот за кои се смета дека се со слични услови како на сателитет Европа. Малиот ровер е дизајниран да биде доста издржлив во подводна средина. Истиот има две тркала, две камери и може да издржи неколку месеци во длабочините под мразот на Антарктикот, само со едно полнење на батериите. Научниците сметаат дека овој експериментален ровер ќе помогне во барањето на евентуален жив свет во водениот океан под замрзнатата површина на сателитот Европа. Роверот е конструиран да биде „штедлив“, па заштеда на енергија, додека прибира примероци ги исклучува сите останати функции и тогаш е во целосно мирување.

Првичната цел на научниците на НАСА е да го користат овој роботизиран ровер во истражување на региони кои се на контакт помеѓу океанскиот слој и замрзнатата површина на сателитот Европа. Сепак, мора да се напомене дека неопходен е понатамошен напредок во конструирањето на уште посовршена верзија, бидејќи се смета дека мразот на овој сателит е со дебелина од 10 до 20 km, додека на Антарктикот дебелината на мразот варира од 1 до најмногу 3 km. Постоечките сензори на роверот се состојат од две камери и мерачи на температура, соленост и ниво на кислород во водата. Сепак, се смета дека видот на сензорите треба да се промени, бидејќи е многу веројатно животот на другите планети или другите места во Вселената да е сосема поинаков од оној на Земјата. Следната мисија на НАСА насочена кон детално проучување на Јупитер и неговите сателити е предвидена за 2025 година, кога сондата Европа Клипер ќе се обиде да прибере што повеќе информации за овој „минијатурен Сончев систем“.

Најверојатна градба на сателитот Европа. Се смета дека под моќната мразна кора (10-20 km) постои длабока водена обвивка со поволни услови за постоење на жив свет. Дали е тоа така, ќе биде утврдено веќе во следната деценија.

Извор: www.dailymail.co.uk/sciencetech/article-7712451

Подготвила: Бојана Алексова

Оваа статија е прочитана 499 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger