Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема » Национален приоритет: концесии или зачувување на природата?

Национален приоритет: концесии или зачувување на природата?

15.12.2019

Со оглед на територијата што ја има, подрачјето на Македонија се одликува со извонредно богато и разновидно природно наследство. Станува збор за 40-тина високи (над 2000 m), средно високи (1500-2000 m) и ниски (под 1500 m) планини, 20-тина котлини, секоја со сопствени климатско-вегетациски и почвени карактеристики, речни долини со клисури и кањони и др. Богатиот геодиверзитетот условил извонреден биодиверзитет, а сето тоа кај домашните, но и кај странските истражувачи, побудува голем интерес за нивно детално проучување. Всушност, понекогаш се стекнува впечаток дека странците се многу повеќе фасцинирани и загрижени за зачувување на природата која ја имаме, отколку ние самите. Токму затоа нивната зачуденост од недоволното внимание и посветеност на институциите во финансирање на истражувања, презентации и промоции на нашето извонредно гео и бионаследство. Исто така, тешко можат да го разберат фактот што бројни уникатни предели и појави сеуште не се законски заштитени или не се заштитени на соодветен начин. Воедно, сеуште немаме на повидок нови форми на заштита и промоција на геодиверзитетот, како што се геопарковите.

Мал дел од богатиот гео и биодиверзитет на Македонија.

Така, идејата за првиот геопарк во Македонија „Кратово-Злетово“, кој беше предложен како можност токму од странските истражувачи уште во 2014-та година, сеуште не е реализирана. Напротив, од неразбирливи причини, по инсистирање на локалните авторитети, активностите нагло беа прекинати на неодредено време. Така, наместо овој простор да влезе на светската карта на уникатни геоподрачја под закрила на УНЕСКО и да биде позната гео-дестинација, ќе продолжи да талка во локалните лавиринти за ситни економски интереси. Веројатно ќе продолжи депопулацијата, без никаква надеж за вистинско заживување и иднина на подрачјето. Бројни други предели во Македонија, кои се одликуваат не само со национални, туку и меѓународни вредности се предложени или веќе е започнато со постапката за нивна законска заштита. За жал, повторно заради некакви ситни интереси, наместо функционална и вистинска заштита и промоција на она најубавото што го имаме како држава, природните вредности се деградираат на разни начини. Се почесто, токму во најатрактивните подрачја се градат мали проточни централи, се издаваат концесии за истражувања и експлоатација, се врши несоодветна урбанизација или изградба на објекти и др.

Дел од разновидното геонаследство.

Заради тоа се поставува прашањето дали се поважни личните интереси на мал број луѓе, изразени преку профитот што ќе го имаат, или пак е поважно зачувувањето на уникатните убавини и вредности со кои располагаме и од кои можеме да оствариме значителна финансиска добивка преку разни други алтернативни начини. Во таа смисла, државата треба да одреди што е вистински приоритет. Дали сакаме сочувување на националното природно богатство за идните генерации? Дали сакаме Македонија да биде позната по мали хидроцентрали и копови или да биде позната по преубави планини, клисури и кањони? Дали сакаме да не има на картата на најдеградираните простори во Европа и пошироко или пак на картата на Европските и светските природни реткости? Можеби сите овие прашања се задоцнети, со оглед на тоа каква е состојбата на терен, меѓутоа, подобро час поскоро да се размисли за нив, отколку да се чуваат во „фиока“. Затоа што она што е уништено или наскоро ќе биде уништено, веројатно никогаш нема да биде вратено во својата оригинална, изворна форма, а и да се успее во таквото нешто ќе поминат децении, ако не и векови.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 1451 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести, На тема · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger