Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот » Вулканот Вакаари – „повторно видлив“

Вулканот Вакаари – „повторно видлив“

16.12.2019

Деновиве од земјата на Маорите, односно Нов Зеланд одекна веста за најновата вулканска активност, т.е. ерупцијата на вулканот Вакаари. Истата се карактеризираше со последици, а бидејќи ѝ претходеше и земјотрес со посилен интензитет, во продолжение ќе наведеме неколку работи кои се карактеристични за овој вулкан и неговата најнова активност.

Најпрво, колку за потсетување, да наведеме дека магматската актвност претставува процес на формирање на физичко-хемиски системи на одредени и делумни топења во Земјината обвивка или кората на Земјата при што се создаваат течни растопи кои на патот кон Земјината површина се разделуваат, претопуваат или оцврснуваат. Овие течни системи се нарекуваат магма, а самиот процес магматизам. Ако, пак, магмата се излее на Земјината површина, тогаш таа се нарекува лава, а самиот процес на излевањето на лавите на површината на Земјата или океанското дно се нарекува вулканизам. Под поимот вулканизам, пак, се вбројуваат сите појави кои се поврзани со движењето и излевањето  на магмата на Земјината површина, како што се појавите на излевање на лавата, вулканските ерупции при кои се создава поголема количина на пирокластичен материјал и гасови и така натаму.

Белиот Остров или островот Вакаари се наоѓа во заливот Пленти на 48 km од копното на Новозеландскиот Северен Остров. Името на островот Вакаари потекнува од маорскиот јазик и во превод има значење „да се направи видлив“, „изложен на гледање” односно „видлив“. Островот Вакаари е вулкански остров настанат благодарение на континуираната активност на истоимениот вулкан. Белиот Остров има приближно кружна форма со брегова линија од 8,5 km и зафаќа површина од 3,4 km2. Највисока точка на островот е купата на вулканот Вакаари, која е висока 321 m. Вулканот Вакаари е познат како еден од најактивните вулкани во Нов Зеланд, се наоѓа на подрачјето на вулканската зона Таупо и според типот на вулкан се класифицира во групата на мешан или стратовулкан (сличен на вулканот Везуф).

Најголемиот дел од вулканската мрежа со канали е под нивото на морето, а вулканот се издига од дното на морето на длабочина од 1500 m. За вулканот Вакаари постојат пишани записи од времето на легендарниот британски морепловец и истражувач Џејмс Кук, кој во 1769 година забележал како вулканот еруптура испуштајќи чад и гасови. Всушност Џејмс Кук е првиот кој го именува островот како „Белиот Остров“ по белите вулкански облаци или гасови. Според одредени научни истражувања вулканот Вакаари е активен околу 150 000 години. Последните 100 години се забележани неколку периоди на интезивна активност, како што се: од 1975 до 2000 година, од 2012 до 2013 година, 2016 година и последната активност во декември 2019 година. Периодот од 1975 до 2000 година е најдолгиот период на активност на вулканот за кој постојат пишани записи. Во текот на големите ерупции во  периодот 1981-1983 година се менува релјефот и формата на островот. Доаѓа до колапс и уривање на дел од вулканот и создавање на нови кратери, а како резултат на тоа целосно се уништува вегетацијата.

Кон крајот на 19 век островот е привремено населен, всушност тогаш се интензивира економскиот интерес кон островот и вулканот. Во контекст на тоа, најпрво на островот се отвора рудник за сулфур кој работи се до 1914 година, кога доаѓа до сурнување на дел од кратерот, при што рудникот е затрупан и катастрофално загинуваат 12 рудари. Подоцна рударските куќи се пренаменуваат за туристички цели и посети. Од 1953 година па сè до денес, годишно вулканот го посетуваат повеќе од 10.000 туристи. Во текот на последната ерупција на 9 декември 2019 година, затекнати се повеќе туристи, при што од вжештените гасови и водената пареа, голем дел од туристите се соочуваат со сериозни изгореници, а дел од туристите несреќно загинуваат.

Според последните официјални вести од Новозеландската полиција 29 лица се повредени, 16 лица се загинати, а уште неколку лица се водат како исчезнати (15.12.2019). Натамошното пребарување на останатите лица е отежнато и бавно заради густата водена пареа, која испарува од загреаната вода. Пред да се случи главната ерупција на 9 декември 2019 година претходеле неколку показателни појави, така на пример, во октомври 2019 година се појавиле вулкански чад и гасови, кои биле од втора категорија на предупредувачки аларм. На 24 ноември 2019 година, две недели пред ерупцијата, на 10 km од островот доаѓа до појава на земјотрес со јачина од 5,9 магнитуди.

Според повеќе вулканолози ерупцијата на вулканот не е од сериозен карактер од типот на силна експлозија и масовно исфрлање на лава и пирокластичен материјал, но истата е катастрофална со повеќе жртви, а главни причини за тоа се: недоволната информираност на туристичките работници за активноста на вулканот, игнорирањето на предупредувачките појави и доцното прогласување на забрана за посета на островот.

Литература:
1. Боев Б. (2006): Општа Геологија, Геомап, Скопје

Интернет страни:

  1. http://www.igeografija.mk/Portal/ (http://www.igeografija.mk/Portal/?p=799
  2. wikipedia.orgwikiWhakaariWhite_Island
  3. https://www.geonet.org.nz/about/volcano/whiteisland
  4. https://news.sky.com/story/new-zealand-volcano-eruption-what-do-we-know-about-white-island-11882100
  5. https://www.gns.cri.nz/Home/Learning/Science-Topics/Volcanoes/New-Zealand-Volcanoes/Whakaari-White-Island/About-Whakaari-White-Island
  6. https://www.whakatane.com/activities/white-island
  7. https://www.bbc.com/news/world-asia-50798205
  8. https://www.npr.org/2019/12/14/788087162/divers-search-contaminated-water-for-body-of-new-zealand-volcano-victim

 

Подготвиле: Дарко Стојчески, дипломиран географ, и Трајче Лазороски, дипломиран географ

Оваа статија е прочитана 1296 пати!

Автор:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger