Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема » Во недела започнува зимата!

Во недела започнува зимата!

20.12.2019

Во недела, на 22 декември 2019 година, во 5 часот и 19 минути, во Македонија и на северната полутопка почнува зимата, а на јужната полутопка започнува летото. Воедно, неделата на северната полутопка ќе биде најкраткиот ден во годината (краткоденица или зимски солстициум), а на јужната полутопка ќе биде најдолгиот ден (долгоденица или летен солстициум). Во Македонија, најкраткиот ден ќе трае само 9 часа и 7 минути. Ноќта пак (22.12-23.12), ќе биде најдолга за 2019 година и ќе трае цели 14 часа и 53 минути. Веќе од понеделник (23.12), ноќите ќе почнат да се скратуваат за по околу 2-3 минути, а за сметка на тоа ќе се зголемуваат деновите и тоа до 22 јуни 2020 година.
Зимата астрономски ќе заврши на 20 март 2020 година во 5 часот и 50 минути, за време на пролетниот еквиноциум (рамноденица) и во тој момент ќе почне пролетта. Тоа значи дека истата ќе трае 89 дена. Инаку, на 5. јануари 2020 година, Земјата ќе биде во перихел – најблиску до Сонцето (на околу 147,1 милиони km), што особено ќе го почуствуваат жителите на јужната полутопка преку високите летни температури во тој дел. Всушност, последните десетина дена во Австралија веќе се забележани рекордно високи температури, а се очекуваат и уште повисоки рекорди.Интересно е и да се напомене дека помеѓу декември и јануари, Земјата се движи најбрзо околу Сонцето, односно во просек со околу 30,3 km во секунда, заради што зимата трае најкратко во однос на останатите годишни времиња.
Според среднорочните прогнози на AccuWeather и повеќе други метео-центри, оваа зима на Балканот и во Македонија ќе биде малку постудена и повлажна од просекот за нашите подрачја, но „метеоролошки“ ќе започне дури во јануари. Така, пообилни врнежи од снег се очекуваат во во втората половина на јануари (по перихелот) и почетокот на февруари, а ниски температури ќе има речиси до крајот на март. Причина се очекуваните спуштања на ладен арктички воздух и минималната Сончева активност во овој период.

Ви посакуваме на најубав начин да ја искористите најдолгата ноќ во 2019-та година од речиси 15 часа!

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 1492 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести, На тема · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger