Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Познати јавни личности – географи

Познати јавни личности – географи

8.01.2012

Географијата, како една од најстарите научни дисциплини, со својата комплексна, широко-сознајна, авантуристичка и возбудлива природа, го побудувала интересот на многу луѓе – од античко време до денес. Бројни големи географи на своето време биле и познати јавни личности какви што се: Страбон, Ератостен, Птоломеј, Ал Идризи, Герард Меркатор, Александар Хумболт, Карл Ритер, Вилием Дејвис и многу други. Денес пак има многу познати јавни личности за кои ретко се знае дека по струка се географи и тоа од принц па до кечери, тапанари и пејачи. Можеби меѓу најпознатите јавни личности –географи е Принцот Вилијам (Prince William). Тој како голем вљубеник во географијата, студирал и дипломирал географија на универзитетот „Св. Ендрју“ во Шкотска кој се смета за еден од најстарите универзитети во Европа. Покрај тоа, имал доста висок успех во студирањето. Во Британија, неколку досегашни министри биле географи, меѓу кои познатиот министер за образование во владата на Маргарет Тачер-Џон Патен (John Patten). Познатиот и еден од најдобро платените кошаркари на НБА, американецот Мајкл Џордан, исто така бил многу добар студент по географија, а дипломирал географија на универзитетот во Северна Каролина. Дејвид Елери (David Ellery) – познатиот фудбалски судија во Премиер лигата и во ФИФА, не само што завршил географија, туку повеќе години по дипломирањето, пред да стане судија, работел како наставник по географија. Ник Хоџсон (Nick Hodgson) пак, тапанарот на рок групата Кајзер Чифс дипломирал географија на универзитетот во Лидс. Ејми Мекдоналд (Amy MacDonald) пред да стане позната пејачка, студирала а потоа и работела како наставник по географија. Курт Англ (Kurt Angle), еден од најпознатите кечери на денешнината, студирал географија на универзитетот Кларион. Во Јужна Америка, еден од најпознатите личности (иако во не баш позитивна конотација), Августо Пиноче (Augusto Pinochet), диктаторот на Чиле исто така бил географ кој напишал 5 географски книги за Чилеанската воена школа. На Балканските простори, позната јавна личност-географ е Ѓорѓе Балашевиќ, пејач и автор на текстови кој студирал географија на Природно-математичкиот факултет во Нови Сад. Лепа Брена и Рамбо Амадеус пак, студирале на Географскиот факултет во Белград. И во Република Македонија има повеќе личности (министри, градоначалници, новинари, директори на познати претпријатија, спортисти) кои по струка се географи. Дел од нив и уште голем број други јавни личности од Светот кои во одреден период од својот живот ја изучувале географијата или професионално се занимавале со неа, ќе пронајдете на интернет.

И.М.

Оваа статија е прочитана 7012 пати!

Од категорија: На тема · Tags: , ,

Leave a Reply