Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Активности, По Светот » Мистичните скаменети столбови во Ѓавоља Варош

Мистичните скаменети столбови во Ѓавоља Варош

20.03.2020

Ѓавоља Варош е геоморфолошки феномен во јужниот дел на Србија, на падините на планината Раден. Се наоѓа на 27 km оддалеченост од градот Куршумлија, а до овој локалитет освен од градот Куршумлија, може да се стигне и од општините Бојник и Лебане, но најлесен и најубав начин е пешачењето од Либан. Овој локалитет е составен од 202 земјени фигури чија височина изнесува од 2 до 15 метри, а широчина до 3 метри. Истите се формирани со забрзана ерозија во неотпорни вулкански карпи. Ѓавоља Варош неодамна беше единствен претставник на Србија во изборот на 7-те природни чуда во светот. Локалитетот е ставен под законска заштита во 1959 година, а во 1995 година е прогласен за природен феномен од исклучително значење и ставен во првата категорија на заштита. Ѓавоља Варош е класифициран во Седумте чуда на Србија, во категорија на историски и културни споменици на Србија, како и во седумте природни локалитети. И покрај тоа што не беше избран за ново чудо, тој привлекува бројни туристи, кои бараат авантура и мистерија.

Овие високи камени форми на планината Радан, на југот на Србија, во никој случај нема да ве остават рамнодушни, бидејќи ова необично и мистично место, кое по своето име ќе ве заплаши, се состои од две клисури со застрашувачки имиња: Ѓаволска и Пеколна. За настанувањето на локалитетот има бројни легенди. Според една народна традиција, станува збор за венчавка, каде, по наредба на ѓаволот, требало да се омажат брат и сестра по секоја цена. Но, ова не се случило заради Божјата сила, која ги скаменила сите сватови и ги оставила да сведочат дека ниту еден грев нема да помине без казна. Дека ова е место каде што владее мистицизам, се потврдува и со приказните за црвената вода, а всушност тоа е вода која е црвеникава поради мешавината на железна руда. Затоа, во овој дел на Србија, во средниот век, имало многу рудници за железо.Сепак, науката не мисли така и вели дека ова мистично и атрактивно место е создадено по пат на континуиран процес на ерозија која сè уште е во тек, а формите постојано се менуваат. Со текот на времето дел од столбовите се уништуваат, а нови „магично“ израснуваат. Од големо значење за формирањето на камените столбови на овој простор се вулканските карпи (туфови, вулкански бречи, лавични карпи) кои се последица на силната вулканска активност пред десетици милиони години. Формите настанале со селективна ерозија на неотпорните туфови, преку кои лежат капреси блокови распаднати од лавичниот материјал. Истите, како поцврсти ги штитат туфовите во подлогата од натамошна ерозија. На тој начин, со текот на времето се издвоиле голем број камени столбови. Овој геоморфолошки феномен е единствен во Србија и мошне редок во светот. Во Европа има слични појави на Алпите, како и во САД. Исто така, речиси идентична по својот изглед и постанок е појавата на „камени кукли“ на локалитетот Куклица.

Денес, локалитетот Ѓавоља Варош е мошне добро уреден. Од влезот до самите форми води патека долга околу 1 km, покрај преубав планински поток. Патеката е јасно маркирана, со бројни патокази и туристички знаци. Долж неа има поставено клупи, корпи за отпадоци, а самиот пристап кон формите е одлично обезбеден. На неколку места има видиковци со одлични позиции за панорамски фотографии и еден атрактивен пешачки мост. Сето наведено е исклучително добро вклопено во природниот пејзаж. Пред самиот влез во локалитетот има сувенирници и една мала кафетерија.Треба да се напомене дека постои континуиран мониторинг, на промените на овој локалитет, а за таа цел е инсталирана автоматска метеоролошка станица. Од страна на неколку универзитети, тука се врши следење на состојбата на ерозијата и промената на камените форми. Патеката која води до каменетите скулптури, нудат спектакуларен поглед кон околната природа. Околните извори, со исклучително кисела вода имаат добро познати чудесни својства. Откако ќе бидете воодушевени од Ѓавоља Варош опуштете се во еден од трите бањи – Пролом, Луковска, Куршумлија, кои се познати по нивната природна убавина и лековити сили, идеални за одмор, рекреација и заздравување.

Локалитетот Ѓавоља Варош може да ни послужи како одличен пример, како треба да се управува заштитениот локалитет Куклица, во нашата држава, а со цел развој на одржлив геотуризам и соодветни придобивки од него.

Извор:

www.serbia.com/visit-serbia/natural-beauties/unique-nature/djavolja-varos-devils-town/
www.slavorum.org/dont-be-afraid-to-visit-devils-town-in-serbia/

Изработилe:
д-р Ивица Милевски и Бојана Алексова

Оваа статија е прочитана 409 пати!

Автор:

Од категорија: Активности, По Светот · Tags: , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger