Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Вселена, На тема » Кометата Атлас наскоро ќе помине покрај Земјата

Кометата Атлас наскоро ќе помине покрај Земјата

11.04.2020

C/2019 Y4 (Атлас) е комета која беше откриена на 28 декември 2019 година, со помош на телескоп од планината Мауна Кеа на Хаваите, од страна на врвни астрономи. Неодамна откриената комета се наоѓа во coѕвездието Камелопардалис и го привлекува вниманието на астрономите и љубителите на ноќното небо, затоа што од средината на месец март помина низ период на брзо осветлување. Сето ова предизвика огромна љубопитност кај астрономите, со надеж дека на крајот може да стане толку светла како планетата Венера.

Кометата периодов ја преминува орбитата на Марс и се приближува кон внатрешноста на Сончевиот Систем. Како што се приближува до Земјата, се очекува да стане уште посветла и лесно видлива со телескоп или двоглед. Сепак, за да може да се гледа со голо око, треба да биде многу посветла. Се очекува кометата Атлас да биде најблиску до Земјата на 23 мај, а најблиску до Сонцето на 31 мај 2020 година. Астрономите утврдиле дека кометата има зеленикава нијанса, која произлегува од цијаногенот во нејзиното јадро и станува флуоросцентна кога е погодена од UV зрачење. Ако предвидувањата на астрономите се точни, таа околу 1 мај ќе достигне визуелна магнитуда од +5 и теоретски, ќе биде доволно светла за да се набљудува со голо око.

Сепак, во последните неколку денови, кометата почна да ја губи својата светлина. Можно е да се распаѓа (што е вообичеаено за кометите понекогаш), иако од друга страна постои веројатност да преживее. Во таа смисла, едно од многуте значајни прашања на кои се трудат астрономите да одговорат е дали всушност кометата се распаѓа или не, а покрај тоа, дали ќе имаме можност да ја видиме со голо око на ноќното небо или не. Со текот на времето, кометите се покажаа како многу непредвидливи и непостојани. Се поставуваат многу прашања во врска со оваа комета, на пример колку би била сјајна при нејзиното поминување низ Сончевиот Систем, дали можеби оваа комета ќе биде најсјајната појава на нашето небо во последните седум години и сл.

Прашањето кое најмногу ги интересира астрономите и љубителите на ноќното небо е колку блиску кометата Атлас ќе помине до Земјата. Според пресметките, се очекува најмалото растојание на 23 мај да изнесува 116 милиони километри, што е навистина далеку. Се очекува на 31 мај да помине многу блиску до Сонцето, поточно на оддалеченост од 37.8 милиони km, поради што може да се распадне пред да стане доволно светла за да се види со голо око. Пресметките на НАСА укажуваат дека на оваа комета и се потребни околу 6000 години за да ја заврши орбитата околу Сонцето. Набудувањата покажуваат дека има слична орбита со Големата комета од 1844 година, што укажувана на фактот дека постои можност Атлас да е фрагмент од истата комета од 1844 година. Дали кометата Атлас ќе обезбеди феноменален спектакл на ноќното небо или ќе се распадне, очекува да видиме…

https://theskylive.com/3dsolarsystem?obj=c2019y4

3D модел на кометата Атлас

Извор:

https://earthsky.org/space/how-to-see-bright-comet-c-2019-y4-atlas

Автори: Бојана Алексова и д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 1994 пати!

Објавено од:

Од категорија: Вселена, На тема · Tags: , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger