Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот » Лагуна Верде и Лагуна Колорада – најфасцинантните солени езера во Јужна Америка

Лагуна Верде и Лагуна Колорада – најфасцинантните солени езера во Јужна Америка

05.05.2020

Во северниот дел на Чиле, на граница со Боливија, односно во подножјето на вулканот Ликанкабур се сместени едни од најинтересните лагуни во светот, а тоа се Лагуна Верде и Лагуна Колорада.
Лагуна Верде (Зелена лагуна) е солено езеро кое се наоѓа во југозападниот дел на висорамнината Алтиплано во Боливија (близу границата со Чиле), во подножјето на вулканот Ликанкабур. Ова езеро своето име го добило по зеленкастата боја. Езерото се наоѓа на 4300 m надморска височина, при што има доста ниски температури и силен ветер. Најдобро време за посета на Лагуна Верде е за време на сувата сезона, од април до септември. Езерската вода има високи концентрации на олово, сулфур, арсен и калциум карбонати, што го прави токсично и не толку привлечно за фламингосите, кои се присутни на ова подрачје во изобилие. Но, истите овие минерали, му даваат на езерото фантастична зелена боја, што го прави жариште за љубители на ваквите предели.

Лагуна Колорада или Црвено Езеро се наоѓа во подножјето на вулканот Ликанкабур и во близина на езерото Лагуна Верде, на 4300 m надморска височина. Истото има должина од 10 km и веројатно е најпознатото солено езеро на висорамнината Алтиплано во Боливија. Тоа особено заради неговите впечатливи црвени води и илјадниците розови фламингоси кои доаѓаат да се хранат тука. Покрај фламингосите, езерото е дом на разни други животни, вклучувајќи лами, лисици, мачки и пуми. Оваа интересна лагуна е дом на загрозен вид на фламингоси и претставува непроодна, но сепак убава област на дивиот свет.

Сателитска снимка на лагуната Колорада

Силната црвено-кафеава боја на ова плитко езеро, се должи на црвените седименти и алгите кои се присутни во нејзините солени води. Повремено, со промена на бојата на алгите, езерото добива зеленкаста боја. Типот на алгите се менува во зависност од соленоста и температурата на водата. Бидејќи сувата пустина клима условува силно испарување на езерската вода, езерото станува постепено солено.
Лагуна Колорада е дел од националниот резерват Едуардо Авароа Андан Фауна, кој фасцинира со неверојатни пејзажи, фауна, флора и претставува туристичка атракција во Боливија. Во тој контекст, најдобро време за посета на прекрасната Боливија е за време на зимскиот период (кон крајот на мај до октомври). До оваа извонредна лагуна пристапот е мошне лесен. Областа е опкружена со мали села, каде туристите можат да ја поминат ноќта, а исто така можат да го посетат како дел од многуте туристички екскурзии на Андите.

Во таа смисла, туристите и сите љубители на вакви извонредни предели, нема да зажалат од посета на оваа прекрасна област во дивиот свет.

Извори:
www.atlasobscura.com/places/laguna-verde
www.atlasobscura.com/places/laguna-colorada
www.intrepidtravel.com/adventures/your-guide-to-laguna-colorada-bolivia/

Автори: Бојана Алексова, студент на наст. географија и Трајче Лазороски, дипл. географ

Стручна корекција и рецензија: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 982 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger