Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема, Чудесна Македонија » Карпински Езера – мистични природни езерца над с. Страцин

Карпински Езера – мистични природни езерца над с. Страцин

06.05.2020

Карпински Езера се две мали природни езера, кои се наоѓаат на планината Козјак, поточно нејзините јужни ограноци, на 5 km северно од Страцин. Лоцирани се во две мали депресии, под врвот Манастирска Курија (1016 m). Станува збор за две мали езерца, кои поради вегетацијата што расне во нив (трска, шавар, трева) наликуваат на мочуришни езера. Двете езера се на меѓусебни растојанија од околу 700 m.
Долното Карпинско Езеро е поголемо и се наоѓа на надморска височина од 930 m. Има должина од 110 m, широчина од 65 m, а вкупната површина му изнесува 6100 m кв., односно 0,6 ha. Длабочината на ова езеро е главно помеѓу 0.5 и 1 m, а максимум до 1,5 m. Овие димензии се мошне променливи, во зависнот од годишното време, така што за време и по врнежи или по топење на снег, површината и длабочината се речиси двојно поголеми. Обратно, посебно во месец август и септември, речиси и да пресушуваат.


Горното Карпинско Езеро е 700 m на североисток и на надморска височина од 943 m. Издолжено е во правец исток-запад и во тој правец максималната должина му изнесува 90 m, додека максималната широчина му е 50 m. Вкупната површина на ова езеро изнесува 4400 m кв. или 0,4 ha. Длабочината му е најголема во пролетниот период, достигнувајќи до 1 m, а најмала е кон крајот на летото, кога е можно езерото речиси целосно да пресуши. Брегот на ова езеро е каменлив и претставен главно од андензитски карпи. Околниот терен, за разлика од Долното Карпинско езеро е оголен и карпест.

Двете езера се пристапни само по лош макадамски пат (со теренско возило) кој започнува од с. Орах и води до Карпинскиот манастир. Секако, до нив може да се стигне и по пешачки патеки, од правец на с. Страцин. Езерата се мошне богати со разновиден растителен и животински свет. Според положбата и составот на карпите, претпоставуваме дека најголем дел од водата во нив потекнува од врнежите, а мал дел, посебно кај Долното Карпинско Езеро и од подземните води. Бидејќи нема значителен постојан дотек на вода, овие езера имаат доста променлив водостој. Поради положбата каде се наоѓаат, надморската височина и составот на карпите, веројатно станува збор за т.н. денудациски езера. Како такви, тие се реткост во Македонија и треба да бидат сочувани.

Автор на текстот и фотографиите: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6081 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, На тема, Чудесна Македонија · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger