Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот » Впечатоци од посетата на преубавиот остров Бали

Впечатоци од посетата на преубавиот остров Бали

17.05.2020

Островот Бали се наоѓа во Индонезија, помеѓу Ломбок на исток и Јава на запад. Овој остров се протега на површина од 5780 km2, со околу 5,6 милиони жители. Спаѓа во една од 33-те покраини, со главен град Денпасар, кој се наоѓа на јужната страна на островот. Во Бали преовладува тропска клима, со просечна годишна температура од 31˚C, а просечната температура на водата е околу 28˚C. Од октомври до април трае влажна сезона, од декември до март можно е да има монсунски дождови, а од мај до септември трае сувата сезона. Поради глобалното затоплување нема јасни граници помеѓу двете сезони, флуктуациите на температурата се мали. Бали е волшебен остров кој што воодушевува со неговите убавини и е една од најубавите и нјпознатите туристички дестинации во овој дел од светот. Овој остров годишно го посетуваат неколку милиони туристи од целиот свет. Островот ги нуди сите свои ресурси во функција на туризмот, исполнет е со природни, културно – историски потенцијали, голем број луксузни хотели и 80% од населението живее од туризам. Голем извозник е на ориз, кафе, памук и тутун, а исто така и овие ресурси се ставени во функција на туризмот и им се нудат на посетителите. Прекрасните егзотични плажи на кои се нудат различни активности како нуркање, сурфање, пливање, уживање на бел песок ги задоволуваат различните потреби на луѓето. Па во тој контекст, ова се неколкуте атрактивни места кои не смеете да ги пропуштите, доколку го посетите овој прекрасен  остров.

Ганунг Батур – Активен вулкан, кој се наоѓа на надморска височина од 1717 m, а локалното население го почитува како втора најсвета планина на островот. За посета на овој вулкан постојат факултативни излети со различни содржини, како на пример: посета на вулканот во раните утрински часови каде на самото место од топлината на вулканските камења се приготвува доручек за посетителите и сето тоа надополнето со прекрасниот поглед на изгревањето на Сонцето, или уживање во прекрасните ресторани и нивната традиционална храна со воодушевувачки поглед кон вулканот.

Поглед од ресторан кон вулканот Ганунг Батур

Плантажите со кафе – Едукативна тура низ плантажите за кафе, каде имате можност да научите нешто повеќе за производството на различните видови на кафе и чај, да го дегустирате и имате можност да си купите. Од сите видови, најпознато е  кафето  LUWAK. Ова кафе е едно од најскапите кафиња во Бали, се произведува така што мали животинчиња (мачките Тоди)  кои живеат во дрвјата односно стеблата од кафето ги јадат неговите плодови односно зрната кафе, кафето ферментира во нивниот стомак, производителите го собираат изметот од мачките, го измиваат, го оставаат да се суши на сонце, по што го печат и го мелат. Ова кафе е доста скапо – еден филџан е околу 30 долари. Овој тип на кафе се произведува единствено на островите Јава, Суматра, Бали, Сулавеси, како и на Филипините. Плантажите со кафе во Бали се наоѓаат помеѓу прекрасни зелени шуми со уредени патеки, места за сликање, лулашки кои ги има на секаде во Бали, поставени на високи места со преубав поглед, кои овозможуваат незаборавно авантуристичко искуство кое ниту еден турист нема да го остави рамнодушен.

Мачката Тодо од која се проиведува кафето LUWAK

Оризови полиња – Прекрасните оризови полиња нудат неаборавни едукативни прошетки за туристите, кои имаат можност да се прошетаат низ каскадните тераси, каде се одгледува оризот. Овие полиња се простираат на големи површини прилагодени за туристи, кои се уредени со патеки, места за одмор, каде туристите можат да се одморат и да пијат кафе или освежителен пијалок од  нивното тропско овошје.Портата на рајот (Gate of heaven) и Тирта Ганга (Tirta Gangga) – Портата на рајот и нејзините храмови се наоѓаат во источниот дел на Бали, на висорамнините на планината Лемпујанг и се сместени на 1775 m надморска височина. Овој комплекс е составен од седум различни светилишта, a храмовиte се меѓу најстарите и најценетите храмови во Бали. Целиот пејзаж е многу живописен од влезната порта (Портата на рајот), а исто така е позната уште и како порта на небото, место кое им го нуди на посетителите еден од највозбудливите погледи од храмовите во Бали. На самиот влез кон храмовите и портата, туристите добиваат наметки да го покријат своето тело за влезат во нивното свето место и број кој означува кои се на ред за сликање. Се случува посетителите да чекаат и по 4-5 саати за да се сликаат на Портата на Рајот каде што се прават прекрасни фотографии. Баш заради тоа, оваа тура е наречена и инстаграм тура.

Порта на Рајот, Бали

Тирта Ганга е поранешна кралска палата, која се наоѓа во источниот дел на островот Бали. Нејзиното име го добила по светата река Ганг според Хиндите. Според балискиот хиндуизам,  водите низ оваа палата се свети води, а исто така локалното население оваа вода ја користат и за земјоделско наводнување. Храмот Патриртан кој се наоѓа во Тирта Ганга има историско значење и во балиската традиција претставува место за аџилак и свети води. Од туристичка гледна точка ова место им овозможува рекреација на посетителите кои може да уживаат во хранењето на прекрасните разнобојни риби, кои ги има во голем број во базените со вода, во прекрасната природа, со прекрасни фонтани и преубав пејзаж кој овозможува пријатно чувство кај туристите.

Бали Сафари – Ова зоо сафари е неодоливо поради тоа што нуди различни содржини. Комбинација од набљудувње на животни (како лавови, тигри кои имате можност да ги гледате од прекрасните ресторани со стаклени зидови, во текот на вашиот ручек или вечера), со прекрасните театарски претстави, низ кои се прикажани балиската традиција и ритуали кои се одржуваат во големите театри што се наоѓаат во зоолошката градина, сафари тура со малите автобуси и набљудување на животните од близина, поминувајќи низ мали мочуришта, претстави на отворено со различни животни и сл. Бали Сафари нуди прекрасно и незаборавно искуство кое не смее да се пропушти.Овој прекрасен остров има уште многу места со различни активности и различни содржини, кои би ја исполниле вашата посета. Градовите Нуса Дуа, Семинјак, Убуд, Кута, изобилуваат со ресурси кои се прилагодени за туризам и им се нудат на туристите. Бали е волшебна туристичка дестинација која нуди разнолики уживања за секоја возраст на посетители. Посетете го овој остров, наречен уште и Остров на Храмовите, и уживајте во рајот на земјата!

Автор на текстот и фотографиите: Рената Пишмановска, дипломиран туризмолог

Оваа статија е прочитана 2765 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger