Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Викенд предлог, На тема, Чудесна Македонија » Убавините на Тиквешијата

Убавините на Тиквешијата

25.05.2020

Со восхит, задоволство и преголем респект гледаме на убавата природа, убавите фотографии кои секојдневно ги гледаме на социјалните мрежи, а кои ни доаѓаат од нашето соседство, Европа или светот. За момент одеднаш сакаме да сме таму, да ги посетиме и да уживаме во убавините кои природата ги нуди. Без никаков проблем понесени од природата би патувале по 100-тици, 1000-ници километри. Сето тоа е добро, бидејќи сакаме да уживаме во природата. Но, има и нешто друго, недопрена природа која е во наша близина, која треба да ја цениме и почитуваме. Македонија може и тоа како да се пофали со својата преубава природа. Со природни убавини (прекрасни планини, езера, реки, извори, водопади) нашата држава е пребогата. На само 10-20 километри, од било кој град во Македонија може за момент да се одмориме во некое село, етно ресторан, манастир или црква. Потребно е само да си посакаш одмор и со секоја прошетка во природа ќе добиеш многу повеќе од тоа што го бараш. Така, може да издвоиме неколку природни атракции со кои може да се пофали Тиквешкио регион.

Од Кавадарци преку село Ваташа, по висорамнината Витачево, се поминува низ село Бојанчиште и патот завршува до село Куманичево. Должината на патот од Кавадарци до село Куманичево е 33 километри, од кои 5 километри од село Бојанчиште (900 m н.в.) до село Куманичево (870 m н.в.) е земјен пат и може да се помине со теренско возило. Најчесто пешачењето започнува од село Бојанчиште по рамен терен до село Куманичево, потоа има мало спуштање и пред местото каде треба да се искачи Видикот има 30 минутно лесно искачување. Видикот се наоѓа на 855 m н.в. и нуди поглед на Тиквешкото Езерото. Турата е лесна, во вкупна должина од 7 километри во еден правец. Времетраењето е 5 часа во двата правци. Кога ќе се искачите на Видикот, пред вас ќе ја добиете една од најубавите глетки кои природата во Македонија може да ни ги понуди. Здивот за момент застанува, а душата пак се нахранува. Прекрасна природа низ шумскиот предел по планинските масиви Голема Рудина, Вишешница и Мала Рудина.

Тука може да се сретнат и разни птици грабливки, белоглавиот орел и брадестиот орел кои се во изумирање. Погледот ни за момент не се тргнува и од Полошкиот манастир – Бисерот на Македонската средновековна уметност, кој што пред неколку дена одбележа 680 години од неговото постоење. Карактеристично за манастирот е дека до него се стигнува само по вода низ Тиквешкото езеро во должина од 12 km тргнувајќи од браната. За враќање е секогаш најтешко, кога треба да си заминеме од прекрасниот видик кој природата безрезервно ни го подарила, а наше е само да уживаме во истиот. Но, дел од оваа недопрена убавина е веќе со нас. Не исполнува, не скротува, не прави среќни, не прави задоволни, не „принудува“ да дојдеме пак, а кога ќе се вратиме свесно или несвесно сме станале вљубеници на природата.

На само 16 km од Кавадарци поминувајќи низ селото Ваташа, качувајќи ја висорамнината Витачево се наоѓа село Гарниково. Сточарско ридско село, на надморска височина од 680 метри, со атар чии простор зафаќа 12 km2. За разлика од годините зад нас и направените пописи кои укажуваат на тоа дека селото во 1900 година броело и над 460 жители, за жал денес има само 2 фамилии со вкупно 3 постојани жители. Во непосредна близина на селото, под изворишните делови на таинствената река Каменица може да се ужива во таква недопрена убавина што само природата може да ни ја дарува. Мали прекрасни водопади кои се вистинско мерило за добро поминат одмор во природа. Овие мали водопади освен што се непознати за пошироката Македонска јавност, непознати се и за голем дел од Кавадарчани. Речиси и никој да не знае за нив што ги прави уште по привлечни за посетување.

 Најголемиот водопад е висок околу 2,5 метри, додека другите се со помала височина, но и покрај малата височина уживањето не е ни во најмала рака скратено. Овие водопади се најполноводни од април до јуни и од октомври до декември, кога има најмногу врнежи или се топи снегот од Кожуф.

Ова се само дел од убавите предели со кои Тиквешијата може да се пофали. И не заборавајте, со секоја прошетка во природа ќе добиете многу повеќе од колку што барате.

Автор: Дарко Најдов, дипломиран професор по географија

Оваа статија е прочитана 2871 пати!

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог, На тема, Чудесна Македонија · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger