Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот » Кои се најголемите полуострови на континентите? Седми дел – Австралија со Океанија

Кои се најголемите полуострови на континентите? Седми дел – Австралија со Океанија

02.06.2020

Австралија заедно со регионот Океанија претставува најмалиот континент на Земјата кој зафаќа површина од околу 8,5 милиони km2. Најголемиот дел од континентот е претставен со копното Австралија, а помал дел го зафаќаат островите од Океанија кои се наоѓаат во Тихиот океан. Регионот Океанија е составен од неколку големи острови како што се Нова Гвинеја и Нов Зеланд, како и огромен број на мали острови. Океанија се дели на три пространи области: Меланезија, Полинезија и Микронезија. Меланезија ги опфаќа островите што се наоѓаат североисточно од Австралија. Полинезија го опфаќа најголемиот дел од Океанија и  во неа се наоѓаат најголемиот дел на острови и островски групи во Тихиот Океан. Микронезија ги зафаќа просторите што се наоѓаат северно од Меланезија и во неа се наоѓаат голем број на мали острови кои се наоѓаат североисточно од Меланезија. Најголем дел од островите во Микронезија се корални острови.

Австралија со Океанија излегува на повеќе мориња како што се Арафурско Море, Тиморско Море, Коралско Море, Тасманово Море, Бандско Море, Соломоново Море, Ново-гвинејско Море и на два океани, на Индиски Океан и на Тихи Океан. Копното на Австралија има слаба брегова разгранетост, па на него се забележуваат само неколку заливи, острови и полуострови. Од тие полуострови, најголем  и најзабележителен е полуостровот Кејп Јорк или само Јорк, кој се наоѓа во северниот дел на континентот Австралија. Овој полуостров лесно се приметува, има карактеристична форма (како рог) и зафаќа површина од околу 220 000 km2. Полуостровот Јорк од север и запад е обиколен со водите на Арафурското море, додека пак на исток со водите на Коралското море. Името го добил од страна на капетанот Џејмс Кук во 1770 година, во чест на принцот Едвард, војводата од Јорк.  Релјефот е на овој полуостров е претежно низински. Во крајните југо-западни делови со своите северни делови се простираат големите Разводни Планини. Највисокиот врв на полуостровот Јорк е врвот Бартл Фрир со височина од 1611 метри. Во најголемиот дел од полуостровот е застапена тропската клима, додека во неговите северни делови преовладува екваторската клима. Тропската клима се одликува со појава на поголеми количества на врнежи од дожд особено во периодот од ноември до април, а во периодот од месец мај до месец октомври настапува сувата сезона. Средните

годишни температури се движат од 18 °C  на повисоките места и до 27 °C на низините во посувиот југозапад. Температурите над 40 °C и под 5 °C се ретки. На овој полуостров, од повисоките места се спуштаат неколку реки кои се вливаат во Карпетаринскиот залив, но најголема и најполноводна е реката Мичел. Останатите реки во сушните периоди значително ја губат водата, а дел од нив и пресушуваат. Со доаѓање на влажната сезона како резултат на големите количества на врнежи на дожд овие реки повторно се полнат со вода. Овој полуостров уште одамна е препознаен како еден од најголемите и најважните екорегиони во Австралија. Околу 10% од неговата територија се заштитени подрачја, вбројувајќи и три национaлни паркови: Езерско поле (5.370 km2), Мунган Канџу (4.570 km2) и Националниот парк на реката Јардин (2.530 km2).  Полуостровот Јорк преставува комплексен мозаик на недопрени екваторски дождовни шуми, тропски и суптропски пасишта, савани, степи, и мочуришта. Оваа различна вегетација е дом на околу 3300 видови цветни растенија. Полуостровот се одликува со највисока стапка на ендемизам во Австралија, при што досега се пронајдени повеќе од 260 ендемични растителни видови. Дождовните шуми на Јорк содржат најмалку 1000 различни растенија, вклучувајќи 100 ретки или загрозени видови и 16% од орхидејските видови на Австралија. Крајбрежните области на полуостровот се карактеризираат со мангрови шуми (крајбрежна  мочуришна вегетација) од кивила и други дрвја. Најголемата мангрова шума се наоѓа кај заливот Њукасл. Полуостровот има извонреден биодиверзитет, претставен со повеќе од 700 видови на ‘рбетници, од кои 40 се ендемични, 200 видови  на пеперутки од кои 11 ендемични пеперутки,  голем број на птици и цицачи. Полуостровот, исто така е дом на источната кафеава змија, која е една од најотровните змии во светот. Во мошуришните предели има голем број на риби, а тука живеат и крокодили. Покрај источните брегови на полуостровот Кејп Јорк се наоѓа и Големиот Корален Гребен кој е заштитен како национален парк и претставува најголемиот систем на корални гребени во светот. Големиот Корален Гребен е составен од над 2.900 индивидуални гребени и 900 острови протегајќи се на над 2.300 километри на површина од околу 344.400 km2 . Овој гребен е составен и  изграден од милијарди мали организми, познати како корални полипи и е најголема структура во светот составена од живи организми. Во Коралниот гребен живеат над 1500 видови на риби, џуџестиот кит, индо-пацифичкиот луксузен делфин, 17 видови на морски змии, 6 видови на желки итн. Полуостровот Кејп Јорк е ретко населен, и во него живеат околу 19 000 жители населени во 12 урбани центри (околу 8 700 жители) и околните помали гратчиња и рурални места (околу 9 000 жители). Најголемиот дел од населението на полуостровот Јорк се Абориџините кои се староседелци на копното Австралија.  

Литература:

  1. http://www.capeyorkinfo.org/
  2. Mittermeier, R.E. et al. (2002). Wilderness: Earth’s last wild places.
  3. Frith, D.W., Frith, C.B. (1995). Cape York Peninsula: A Natural History. Chatswood: Reed Books Australia. Reprinted with amendments in 2006.
  4. http://www.epa.qld.gov.au/
  5. Wildlife of Tropical North Queensland. (2000).
  6. https://www.worldwildlife.org/ecoregions/aa0703
  7. http://www.anra.gov.au/topics/vegetation/pubs/native_vegetation/nat_veg_contents.html
  8. http://www.environment.gov.au/erin/cyplus/lup/index.html
  9. https://en.wikipedia.org/wiki/Oceania

Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија

 

Оваа статија е прочитана 882 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger