Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема, По Светот » Најстарите езера во светот!

Најстарите езера во светот!

16.08.2020

Често пати сме се запрашaле кои се најстарите езера во светот, каде се наоѓаат и колку всушност  изнесува нивната старост. Во оваа статија ќе се обидеме да дадаме одговор на овие прашања, врз основа на истражувањата на многумина геолози, истражувачи и научници. Во продолжение следува листа на 8-те најстари езера во светот.

Езерото Зајсан

Езерото Зајсан е најстарото езеро во светот, иако неговата точна старост не може да се утврди прецизно. Се наоѓа во источниот дел на Казахстан и се смета дека е формирано за време на гролошкиот период креда, односно пред околу 65 милиони години. Зафаќа површина од околу 1,810 km2 и се наоѓа помеѓу планините Тарбагата и Алтај. Од ноември до крајот на април, ова езеро е замрзнато.

Бајкалско Езеро

Бајкалското Езеро се наоѓа во јужен Сибир, Русија и настанало пред околу 25 милиони години во длабок стар расаден блок. За разлика од езерото Зајсан, истражувачите се сигурни за староста на ова езеро, а некои дури и сметаат дека токму ова е најсторото езеро во светот. Има површина од 31,722 km2 и просечна длабочина од 744 m. Ова езеро е најдлабоко на Земјата и во него се наоѓаат 20% од вкупното светско количество слатка површинска вода во светот. Најголемата длабочина на езерото изнесува 1.642 m.

Езерото Тангањика

Езерото Тангањика се наоѓа во источна Африка и се протега на север до Бурунди, на исток до Танзанија, на југ до Замбија и на запад до ДР Конго. Формирано е пред околу 9 милиони години. Зафаќа површина од околу 32,900 km2 и има просечна длабочина од 570 m, што го прави најдлабоко езеро во Африка. Таа има околу 4500 милиони m3. вода што е еквивалентно на околу 16% од површинската вода на Земјата.

Касписко Езеро

Касписко Eзеро, често пати именувано како и Касписко Mоре, претставува најголема затворена водена површина на Земјата. Постои околу 5,5 милиони години, a според типот на постанок е дел од групата на реликтни езера, езера кои настануваат под влијание на издигнување и преградување на теснеците или заливите. Така, Каспиското Езеро е остаток од некогашниот океан Тетис. Неговата површина се наоѓа 28 m под нивото на Светското море. На неговите води излегуваат 5 држави: Русија, Азербеџан, Иран, Туркменстан и Казахстан. Зазема површина од 371.000 km2 и има волумен од околу 78.000 km3. Најголемата длабочина на ова езеро изнесува 1.025 m. Водата на Каспиското езеро е солена, чиј солинитет се движи околу 1,2%. На неговите брегови се наоѓаат следниве поголеми градови: Баку (главен град на Азербеџан), Гурјев (Казахстан), Махачкала (Русија) итн.

Езеро Бива

Езерото Бива претставува најголемото езеро во Јапонија со површина од 670.3 km2. Има максимална длабочина од 104 m и волумен на вода од 27.5 km3. Езерото постои во последните 4 милиони години, што го прави најстаро езеро во Јапонија.

Охридско Езеро

Охридско Езеро е најголемо и најзначајно природно тектонско езеро во Македонија, најстаро во Европа, а од биолошки аспект претставува најзначаен стагнантен воден екосистем на континентот. Се карактеризира со богата историја, културa, археолошки наоѓалишта и природна убавина, и го делат две држави: Македонија и Албанија. Со своето постоење во последните 3 милиони години, ова наше најголемо езеро спаѓа во групата на најстарите езера во светот. Зафаќа површина од 358 km2 и има просечна длабочина од 155 m. Охридското Езеро е најдлабоко езеро на Балканот (288 m) и има околу 55,4 km3 вода. Благодарение на ваквите особености, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за Светско културно наследство, под заштита на УНЕСКО. Светската важност на езерото се потврдува во 2010 г. кога НАСА и Меѓународниот астрономски сојуз решаваат едно од езерата на Сатурновата месечина Титан да го носи името „Охридско Езеро“.

Езеро Ланао

Езерото Ланао се наоѓа во провинцијата Ланао дел Сур, Филипини и постои во последните 2 милиони години. Зафаќа површина од околу 340 km2 и е второто најголемо езеро на Филипините по езерото Лагуна де Беј. Ова езеро се смета за едно од 15-те најстари езера во светот, па затоа научниците настојуваат на вклучување на езерото во списокот за светско наследство на УНЕСКО. Максималната длабочина на Ланао е 112 m.

Езеро Малави

Езерото Малави се наоѓа во источниот дел на Африка, поточно помеѓу државите Малави, Мозамбик и Танзанија. Постои во последните 40 000 години. Тоа е деветто езеро по големина во светот, со површина од околу 29,600 km2 и просечна длабочина од 292 m. Езерото има 8,400 km3 вода, а максималната длабочина му изнесува 706 m.

Важноста на најстарите езера во светот е од големо значење. Научниците ги проучуваат за да ги утврдат механизмите на промените во животната средина (геолошки, релјефни, климатски, хидрографски, биолошки, антропогени и др.) со текот на времето. Токму затоа, ние како држава треба да сме горди што токму Охридското Езеро е дел од најстарите езера, не само на Европско тло, туку и во светски рамки. Затоа, треба максимално да го сочуваме за нас, а особено за идните генерации.

Користена литература:

  1. www.worldatlas.com/amp/articles/the-oldest-lakes-in-the-world.html?fbclid=IwAR1GDXWf6AFNj5odNvrKKtPkXxuz_d8N8fzwO23Pj04PVoCRhlIhuwyJAlU
  2. www.igeografija.mk/Portal/?p=1788

Автори: Бојана Алексова и проф. д-р Ивица Милевски, ПМФ

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , , , , , , , ,

Leave a Reply

*