Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема, По Светот » Извонредна туристичка атракција во Бали – Шума на мајмуните!

Извонредна туристичка атракција во Бали – Шума на мајмуните!

15.09.2020

Последниве години сведоци сме за големиот развој на туризмот и неговите различни облици. Во некои земји низ светот туризмот претставува водечка индустрија. Денешниот турист не купува само одредени услуги и производи, туку е заинтересиран за сето она што може да му го даде туристичката дестинација која што ја избрал. Токму затоа земјите низ целиот Свет тежнеат да остварат се повеќе облици на туризам, со цел да имаат поголема заинтересираност и побарувачка, а со тоа се поголем економски развој. Во оваа статија ќе ви доловиме како флората и фауната се ставени во функција на туризмот на островот Бали. Станува збор за Шума на мајмуните (Monkey forest). Во овој случај, Бали е остров кој нуди различни форми на туризам и истите претставуваат главна индустриска гранка на Балиската економија. Во туристичките места Убуд, Кута, Семинјак, Нуса Дуа и сл. туристите имаат голем избор како да ги задоволат нивните туристички желби.

Шумата на мајмуните (Monkey forest) во Убуд е една од туристички-атрактивните места во Бали, која има околу 10. 000-15.000 посетители дневно. Оваа шума зафаќа површина од 12,5 хектари, во која има 700 мајмуни и околу 186 видови дрвја меѓу кои и најпознатото дрво Пуле Бандак (Pule Bandak). Шумата на мајмуните се наоѓа во селото Падантегал (Padangtegal) под чие властништво и припаѓа. Мајмуните кои живеат во оваа шума се од видот Балиски мајмун и имаат долги опашки. Научното име им е Macaca fascicularis на англиски macaque, женките мајмуни имаат просечна тежина од 2,5-5,5 kg и живеат 20 години, додека мажјаците имаат тежина од 3,5-8 kg а животниот век им е 15 години.

Оваа шума е многу убаво уредена и прилагодена за туристи, пред влезот има езеро во кое има разновидни риби, убави Балиски скулптури, продавници, барови и сл. Исто така пред влезот во шумата се поставени банери со предупредување за односот со животните, посетителите не смеат да се обидуваат да ги хранат животните, не смеат да носат храна во облеката или во ранец која мајмуните можат да ја забележат (ако мајмунот забележи храна тој ќе се обиде да ја земе, мајмуните во оваа шума се познати крадци, често се случува да отвараат и ранци од туристите барајќи храна) и најважно од се не смеете да ги гледате дирекно во очи (мајмунот гледањето дирекно во неговите очи го резонира како провокација и може да нападне). Во шумата се влегува преку еден интересен мал тунел на кој е извајана скулптура со мајмуни.

Интересно за оваа шума е тоа што многу од дрвата кои се во шумата според Балискиот народ имаат духовна вредност, односно се користат за различни духовни обичаи. Вредно е да се спомнат дрвото Мaјгеган (Majegan) кое го користат исклучително само за изградба на свети храмови, дрвото Беригин (Berigin) кое го користат во ритуалите за  кремирање. Меѓу најпознатите дрва е историското дрво Пуле Бандак (Pule Bandak) кое го означува духот на шумата и од кое изработуваат маски кои се користат само во храмовите. За да одсечат парче и да изработат маска од ова дрво многу се внимава да не го оштетат, токму затоа се одбира ден кога свештеникот бара дозвола од самото дрво за да одсече дел од него, на тој начин според нивните верувања духот од дрвото се пренесува и во маската. Oваа шума според научни испитувања  има околу 115 одделни видови дрва.

Во шумата има и три храма: Пура Далем Агунг (Pura Dalem Agung), Пура Беји (Pura Beji), Пура Пријапати (Pura Prajapati). Овие храмови датираат од 14 век, првиот храм Пура Далем Агунг е создаден за поклонеие на богот Рецинклер (The Recycler), вториот храм Пура Беји е за духовно и физичко просветлување, а третиот храм Пура Прајапати го симболизира задгробниот живот. Интересно е да се напомене за нивниот познат духовен настан Ngebejiang каде се одржува церемонија токму во оваа шума, каде што мештаните заедно се собираат и им пеат и танцуваат на боговите, со што веруваат дека тоа ќе им донесе благосостојба, здравје и мир на Хиндусите.

Во шумата има голем број вработени кои се грижат за животните, а исто така и за посетителите. Честопати се случува мајмуните да бидат привлечени по накит, телефон, очила од посетителите, меѓутоа вработените во паркот се премногу заштитнички настроени кон посетителите и не дозволуваат некој од туристите да биде нападнат од животните. Низ густата шума има убави патеки, мали базени со риби и клупи каде што туристите може да уживаат во погледот на зеленило и див свет. Шумата на мајмуните (Monkey forest) во Убуд, Бали нуди едно фантастично и незаборавно доживување. Оваа шума е вистинска туристичка атракција за сите посетители во Бали и има огромна посетеност на туристи од целиот свет. Да ги наполнете вашите бели дробови со кислород, да ги одморите вашите очи со зеленило и див животински свет, да го збогатите вашето знаење кое подоцна ќе се преточи во спомени за флората и фауната на една земја.

Автор: Рената Пишмановска, дипломиран туризмолог на Институтот за географија – ПМФ-УКИМ

 

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , , , ,

Leave a Reply

*