Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот » Островите Пи Пи во Тајланд – вистинска атракција во светот!

Островите Пи Пи во Тајланд – вистинска атракција во светот!

21.09.2020

Oстровите Пи Пи (Phi Phi) се наоѓаат во југоисточна Азија. Тоа се група на острови во Тајланд кои што се сместени меѓу островот Пукет и Малачкиот Проток и се едни од најубавите острови во овој дел. Оваа островска група се состои од шест острови, од кои главни се Пи Пи Ле (Phi Phi Leh) и Пи Пи Дон (Phi Phi Don).

Пи Пи Дон е единствениот населен остров кој привлекува стотици посетители кои уживаат на неговите брегови. Островите се одликуваат со тропски плажи, интересни карпести формации, бистри тиркизни води кои се преполни со различен живописен морски свет. Овие острови се вистинска атракција за посетителите, токму затоа имаат голема посетеност од туристи од целиот свет. Од туристичките места, односно островите Пукет и Краби се нудат тури со различни содржини за посета на атрактивните Пи Пи острови. Вообичаено, туристите во туристичките места во Тајланд доколку сакаат било каква тура можат да се обратат на рецепција во хотелите каде што се сместени, тоа е многу олеснителна можност за туристите поради тоа што не губат од своето драгоцено време за летување и може да се препуштат само на рекреација и уживање. Рецепционерите им договараат тура во соработка со локалните агенции кои ги организираат факултативните излети.

Како изгледа една од туристичките тури за Пи пи островите:

Овој прекрасен факултативен излет се состои од крстарење на најатрактивните места на Пи Пи островите. Почнувајќи од почетната точка каде бродот застанува во близина на познатата плажа Маја (Maya Bay) која се наоѓа на островот Пи Пи Лех (Phi Phi Leh), правејќи една обиколка околу Викиншката пештера (Viking Cave) и продолжувајќи кон познатиот остров Пи Пи Дон, па Плажата на мајмуните (Monkey beach) и завршува со посетата на малото островче Каи Наи (Khai Nai).

Островот Пи Пи Ле (Phi Phi Leh) е еден од двата главни острови и втор по големина во групата Пи Пи острови. Овој остров е ненаселен и спаѓа во провинцијата Краби во Тајланд и оддалечен е 1,5 km од најголемиот остров Пи Пи Дон. Исто така островот има неколку интересни места како што се заливот Ло Самах (Loh Samah), заливот Палонг (Palong Bay) и заливот Пи Ле (Pi Leh Bay). Меѓутоа, како најатрактивни и најпосетени од туристите се плажата Маја и Викиншката пештера.

Плажата Маја (Maya Bay) се наоѓа во прекрасен залив составен од карпи високи околу 100 метри кои што се наредени во облик на прстен. Оваа плажа е долга околу 200 m со свилен бел песок, со живописен морски свет, прекрасни шарени подводни корали, егзотични риби, бистра тиркизна вода, целиот залив е еден голем гребен. Маја Беј особено е привлечна од 1999 година откако филмот „Плажата“ (The beach) со познатиот актер Леонардо Ди Каприо имаше снимени сцени токму на оваа прекрасна палажа. Туристи од целиот свет доаѓаат да го посетат ова место. Последниве години  оваа плажа законски е затворена за посетители поради еколошки проблеми предизвикани од прекумерен туризам, меѓутоа туристите може да ја набљудуваат од бродовите со кои крстарат, да нуркаат и да уживаат во егзотичниот морски свет во нејзина близина.

Викиншката пештера (Viking Cave) е сместена е на дното на варовничка карпа на североисточната страна на Пи Пи Ле. На внатрешните ѕидови во оваа пештера се исцртани слики од различни бродови кои според локалните мештани се многу стари. Овие цртежи веројатно биле реализирани од морнари кои за време на бура се засолнувале во оваа пештера. Исто така, во оваа пештера има птичји гнезда кои што се многу профитабилни.  Во кинеската култура се верува дека со конзумирање на гнездата се подобрува здравјето, а се особено добри за кожата. Легендата вели дека пред многу години морнари на кои им потонал бродот во голема бура, се засолнале во оваа пештера и чекајќи некој да ги спаси преживеале, хранејќи се токму од овие гнезда. Цената на овие гнезда е околу 2.500 USD за килограм. Викиншката пештера туристите можат да ја видат од брод, пристапот и влезот во неа не е дозволен.

Островот Пи Пи Дон (Phi Phi Don) претставува најголемиот од оваа група острови, има површина од 9,73 km2 и главно е создаден од варовник. Тој е единствен остров со постојани жители, а повеќето се туристички работници кои престојуваат таму за туристичка трговија. Низ островот мештаните претежно како превозно средство користат моторцикли. Главниот центар и најголемата населба на островот е заливот Тонсаи (Tonsai Bay) каде што се наоѓа и селото. Во заливот Тонсаи има мало пристаниште каде се закотвуваат фери-бродчињата, во селото има многу продавници, туристички агенции, барови, ресторани, банки, салони за масажа и сл. Овој остров и неговите природни атракции се многу привлечни за туристите, особено оној дел на островот кој изобилува со прекрасни вили.

Плажата на мајмуните (Monkey beach) се наоѓа југозападно од заливот Тонсаи. На јужната страна на плажата се застапени варовнички карпи кои што се прекриени со бујна вегетација. Оваа плажа е позната по застапеноста на мајмуните, а исто така е многу интересна и за љубителите на нуркање. Со разнобојниот егзотичен морски свет прави да имате чувство дека се наоѓате во аквариум. Пред да излезат туристите од бродот со кој крстарат, задолжително туристичките водичи предупредуваат да внимаваат, затоа што туристите многу често ги хранат мајмуните, а воедно животните се навикнати и очекуваат храна од нив.  Доколку се случи мајмуните да нападнат и гризнат некој турист, туристот треба веднаш да прими вакцина против беснило. Посетата на ова место е едно незаборавно искуство, кое овозможува забавно доживување во дивата природа со крзнените животинчиња.

Оваа прекрасна незаборавна тура завршува со посета на островчето Каи Наи (Khai Nai) кое има површина од само 50 m и се наоѓа источно од островот Пукет во Андаманското море. На овој остров туристите уживаат во едно од најубавите зајдисонца. На островчето има неколку барови од кои се слуша пријатна релаксирачка музика, а посетителите можат да си го зголемат уживањето со свежо направен коктел од тропско овошје, кафе или некаква вкусна закуска.

Може да резумираме дека Пи Пи (Phi Phi) островите кои се дел од националниот парк Хет Нофарат Тара (Hat Nophharat Thara) во Тајланд се едни од најпознатите туристички места кои годишно привлекуваат стотици посетители. Овој природен феномен е интересен за секој посетител кој одлучил да го помине својот одмор или да го посети Тајланд. Посетата на овие места овозможува едно поинакво и интересно доживување, кое е незаборавно за туристите.

Автор: Рената Пишмановска, дипломиран туризмолог на Институтот за географија

Оваа статија е прочитана 1763 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger