Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Активности, Географски вести, На тема » Успешно реализирана првата Студентска Конференција за Глобални Климатски Промени

Успешно реализирана првата Студентска Конференција за Глобални Климатски Промени

03.10.2020

На ден 29.10.2020 година, се одржа првата Студентска Конференција за Глобални Климатски Промени. Заради состојбата со пандемијата, конференцијата се одржа on-line, на платформата “Zoom”. На настанот учествуваа шест млади истражувачи (студенти и дипломци) од неколку различни факултети, кои ги презентираа своите трудови на една од најактуелните теми во светот – влијанието на климатските промени согледано од повеќе аспекти.

Конференцијата ја отвори главниот координатор на Студентската Конференција за Глобални Климатски Промени – Јане Влахов, а огромна подршка и приденос со своето присуство дадоа Проректорот за меѓународна соработка на УКИМ, проф. д-р. Ордан Чукалиев, Деканот на Факултет за земјоделски науки и храна, проф. д-р. Вјекослав Танасковиќ, Деканот на Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг “Ханс Ем”, проф. д-р. Кирил Сотировски, Продеканот за настава на Факултет за ветеринарна медицина, проф. д-р. Игор Улчар, како и Претседателот на Комисија за Наука при Универзитетско студентско собрание, Ангела Најдоска.

Како што напоменавме, на настанот зедоа учество шестмина студенти-истражувачи, со пет интересни теми и тоа:

  1. Јана Ќортошева: „Термалниот стрес како фактор за намалена адаптивност и продуктивност кај фармските животни“,
  2. Доротеа Огненовска: „Влијанието на климатските промени врз животинскиот свет проследено низ книжевско-теориски примери и развојот на климатскиот жанр во фикцијата“
  3. Кристина Тодорова: „Биолошки мерки за спречување на заразите кај населението зафатено од поплави предизвикано од климатските промени“
  4. Марија Бошеска: „Влијанието на климатските промени врз секторот земјоделство во Република Северна Македонија“
  5. Бојана Алексова и Александар Стојаноски: „Современите климатски промени во Македонија и нивното влијание врз еволуцијата на релјефот“.

Секој учесник на свој начин даде свој значителен придонес на конференцијата, а програмата ја надополнија пленарните предавања од д-р. Мирослав Ќосевски, PhD, DVM од Факултетот за ветеринарна медицина и проф. Силвана Манасиевска – Симиќ од Факултетот за земјоделски науки и храна. Сепак, иако настанот се одвиваше on-line, пробуди интерес кај многумина, заради фактот што имаше трудови од различни факултети и области. Опфатени беа најразлични теми и самите студенти докажаа дека сите професии можат меѓусебно да најдат поврзаност. Конференцијата беше проследена од 40-тина слушатели, збогатена со дискусии меѓу студентите, професорите, а и слушателите.

На оваа прва студентска конференција, свое учество зедоа студентите од Институтот за географија при ПМФ, Бојана Алексова и Александар Стојаноски. Тие настапија со презентација поврзана со нивниот труд: „Современите климатски промени во Македонија и нивното влијание врз еволуцијата на релјефот“, изработен под менторство на проф. д-р Ивица Милевски. Со споменатата успешна презентација, се даде географски белег на конференција.

За време на Студентската Конференција за Глобални Климатски Промени „СКГКП) беа прогласени победниците на Геофотоконкурсот 2020 година, поточно 1во, 2ро и 3то место од Комисијата.

Се надеваме дека нашето учество ќе биде мотивација за идно настапување на поголем број млади географи на вакви настани, што ќе придонесе во промоција не само на студентите, туку и на Инстутот за географија, ПМФ и нашиот Универзитет. Она што очекуваме е веќе во следната година повторно да има учесници од Институтот за географија на вакви студентски конференции, поттикнати и мотивирани со нови истражувања и факти. До тогаш, да го чуваме нашиот единствен заеднички дом, планетата Земја.

Автор: Бојана Алексова

 

Објавено од:

Од категорија: Активности, Географски вести, На тема · Tags: , , , , , , ,

Leave a Reply

*