Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Географски вести, На тема, По Светот » Окленд – Градот на едрата!

Окленд – Градот на едрата!

30.11.2020

Окленд, не само што е најголемиот град на Северниот Остров на Нов Зеланд, туку и во земјата. Имено, лоциран е во најсеверниот дел на Северниот остров, помеѓу заливот Хаураки на Тихиот Океан на исток, ниските планински венци Хунуа на југоисток, заливот Манукау на Тасманово Море на југозапад и планинскиот венец Ваитакере на северозапад. Централниот дел од населената област го завзема теснецот помеѓу заливот Манукау на Тасмановото Море и заливот Ваитемата на Тихиот Океан.

Воедно, Окленд се наоѓа на само помалку од 10-30 минути возење од бреговите на океанот, на источниот и на западениот брег и е еден од ретките градови на светот со пристаништа на две мориња/океани. На маорски, градот го носи името Tāmaki Makaurau –„Теснец на сто љубовници“. Ова име е дадено поради тоа што било доста посакувано и плодно место во центарот на мрежата на водни патишта.

Атрактивни аспекти за овој град се неговата умерена клима и бројните можности за образование, забава и разонода. По квалитет на живот, според истражувањето за ранг-листа од 55 града, Окленд се рангира на осмото место, по Цирих и Женева, а исто така се наоѓа на 31-во место на листата на најбогатите градови во светот. Поради големиот број на бродови и јахти кои секојденевно може да се видат на пристаништата, овој град го добива прекарот „Градот на едрата“.

Она што е впечатливо и интересно за Окленд е тоа што, исто така е препознатлив и како град на дождови и заспани вулкани, кои ги има над 48, лоцирани во непосредна близина на градот. Постојат околу 50 вулкански отвори во градот, во облик на конуси, езера, лагуни, острови и депресии. Според радиометричкото датирање, најстарата ерупција се јавила пред околу 150.000 години, а најновата пред само 600 години. Окленд, засега е мирно, односно заспано вулкано подрачје. Научниците проценуваат дека има 0,1% шанси за да се случи било каква ерупција. Нема начин да се предвиди точно кога тоа може да се случи, иако се верува дека никој од постојните вулкани нема повторно да еруптира. Островот Рангитото е најкарактеристичното обележје на вулкани во Окланд. „Ранги“ значи „небо“, а „тото“ значи „крв“, што значи дека името му е дадено откако некои Маори ја проследиле неговата ерупција.

Рангитото е всушност и најмладиот вулкан во Нов Зеланд и најактивен во градот, кој последен пат избувнал пред само 600 години. Имено, овој вулкан е најзначајната географска атракција во градот. Островот е мистично тивок и е речиси ненаселен од птици и инсекти, или било кои други животни, поради богатата кисела почва и видот на вегетација, која расте на ваква каменеста почва. Посетителите за да стигнат до кратерот, висок 259 m, треба да поминат низ полиња со стврдната лава и низ шумски предели.

Имено, како најголем град во Нов Зеланд, располага со прекрасни општински паркови и бројни патеки за пешачење, разни одлични објекти за спорт и многу опции за сместување за сите буџети и вкусови. Па според тоа, Окленд е центар на деловниот и социјалниот живот.

Окленд, најпрвин бил населен од Маорите околу 1350 година, кои биле домородно население на Нов Зеланд. Тие таму се населиле од нивната митска полинезиска татковина Хаваики која обично била идентификувана како Тахити. Нивната традиционална историја го опишува нивното потекло во смисла на миграциските бранови што кулминирале со доаѓањето на „големата флота“ во 14 век. Денес, се смета дека еден од седум жители на Нов Зеланд е идентификуван како Маор. Нивната историја, јазик и традиција се од клучно значење за идентитетот на Нов Зеланд. Пред доаѓањето на Белците, Маорите имале околу 20.000 села во регионот, бројка која подоцна го квалификува местото како град. За повеќето Маори, да се биде Маор значи да се признаваат и почитуваат нивните предци и да има наследено семејно земјиште.

Многу од современите култури на Маорите и ден денес се одржуваат во живот во Нов Зеланд. Сите формални маорски собири се придружени со ораторство, акциони песни, формални приеми на посетители, придружени со хонги, или допирање  на своите носеви како поздрав, а понекогаш и со ритуални предизвици, како готвење храна во печки на земја (хаанги), односно на загреани камења.

Користена литература:

  1. www.britannica.com/topic/Maori/Maori-culture-in-the-21st-century
  2. www.gooverseas.com/blog/new-zealand-maori-culture
  3. www.newzealand.com/int/maori-culture/
  4. www.virtualoceania.net/newzealand/regions/auckland.shtml
  5. teara.govt.nz/en/auckland-region/page-3
  6. www.aucklandnz.com/visit/discover/volcanic-cones
  7. www.wikiwand.com/mk
  8. www.citymayors.com/features/quality_survey.html
  9. edition.cnn.com/travel/article/auckland-new-zealand-volcanoes/index.html

Изработила: Марија Василева – студент на географија

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, На тема, По Светот · Tags: , , , , , , , , ,

Leave a Reply

*