Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Колку студено може да биде во Република Македонија?

Колку студено може да биде во Република Македонија?

16.01.2012

Деновиве сме сведоци на доста ниски температури на воздухот, кои во одредени региони достигнуваат и до -26 степени целзиусови. Меѓутоа, такви ниски температури не се некоја невообичаена појава и ако не секоја, се јавуваат барем секоја втора или трета година во месец јануари или февруари. Всушност, од кога се мерат температурите во нашата држава, забележани се и многу пониски вредности. Така, на 27 јануари во 1954 година, во Берово е забележана температура од -31,5 степени, а на истиот датум, во Битола се измерени -29,5 степени. Тоа се апсолутно најниските досега измерени температури на воздухот во Македонија. Причина за така ниските температури на овие две мерни места се надморските височини на Берово (820 м) и Битола (590 м), како и релјефната конфигурација околу нив во вид на добро „заградени“ котлини, со планини од повеќе страни. На тој начин, спуштањето на околниот ладен планински воздух кон пониските делови (депресии), слабата ветровитост поради природните препреки и ладниот снежен покривач, условуваат застојување, „заезерување“ и подолготрајно разладување на воздухот до многу ниски вредности. Прилеп, иако е на само 40 км од Битола, нема толку изразени ниски температури, а минимумот е „само“ -23,6 степени. Други градови каде температурата може да се спушти под -25 степени се: Тетово со најниска забележана температура од -28,6 степени, потоа Делчево со -28,5 степени, Ресен со -26,5 степени и Македонски Брод, Кичево, Кочани и Скопје со по околу -25,5 степени. Во Скопје пак, ниските температури покрај природните фактори, во одреден степен се условени од протегањето и поставеноста на крупните градби (обично во правец север-југ) попречно на правецот на ветерот, кој главно дува од западен и северозападен правец. Заезерувањето на ладните воздушни маси, слабата ветровитост во комбинација со загаденоста, условуваат појава на долготраен смог со висока концентрација на одредени штетни материи во воздухот.
Интересно е што на многу повисоки планински места, како на пример на Попова Шапка (1750 м), температурите речиси не се спуштаат под -25 степени, пред се поради температурните инверзии (потоплиот воздух од дната на котлините се истиснува кон повисоките места од страна на ладниот, тежок воздух), но и влијанието на ветровите. Инаку, поради сличните, претходно наведени природни причини, Битола, Скопје, Кочани и други градови со многу ниски температури преку зима, во летниот период можат да имаат екстремно високи температури од над 40 степени.

Извори:

Лазаревски А. (1993) Климата во Македонија, Култура, Скопје

Подготвил: д-р Ивица Милевски 

Оваа статија е прочитана 3082 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger