Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема, По Светот » Коралните гребени и нивното значење за природата и поморскиот свет

Коралните гребени и нивното значење за природата и поморскиот свет

16.12.2020

Коралните гребени се многу значајни за поморскиот свет. Тие се една од најубавите и најколоритните појави во природата, а воедно, се многу значајни за биодервизерзитот. Од целата океанска површина, тие се дом за повеќе од 25% од животните во океаните. Всушност, коралните гребени се значајни за поморскиот свет исто како што се дрвјата и шумите за копното. Фасцинантни се и поради нивното настанување. Имено, коралните гребени настануваат кога секој индивидуален каменит корален организам или полип лачи скелет на калциум карбонат и со тоа се формираат масивните структури на гребенот. Повеќето камени корали имаат многу мали полипи, во просек со дијаметар од еден до три милиметри, но целата колонија може да порасне многу голема и да тежи неколку тони. Овие колонии се состојат од милиони полипи, кои растат на остатоците од варовник на поранешните колонии, на крајот формирајќи масивни гребени. Општо земено, масивните корали имаат тенденција да растат бавно, зголемувајќи се во големина од 0,5 до два сантиметри годишно. Сепак, под поволни услови (многу светлина, постојана температура, умерено дејство на бран), некои видови можат да растат дури 4,5 сантиметри годишно.

Зошто се коралните гребени толку важни за екосистемот? Коралните гребени се еден вид на „сигурна зона“ или дом за голем број икри, кои се заштитени во коралните гребени. Тие, исто така се и прибежиште за разни видови риби, морски ѕвезди, морски желки, октоподи, морски ракчиња итн. Можеме да кажеме дека коралните гребени всушност на еден начин го одржуваат потребниот баланс во поморскиот свет и целокупниот екосистем. Меѓутоа, поради нивната комплексност, тие бараат погодни услови за опстанок. Во спротивно, доаѓа до нивно измумирање или се случува појавата наречена белење на коралните гребени.

Коралните гребени не можат да опстанат под високи водни температури, кои се предизвикани од климатските промени или загадени води. Тоа е така, бидејќи емисиите на стакленички гасови му отежнуваат на океанот да складира кислород и постепено да го ослободува. Поради стакленичките гасови, океанот станува позагаден, со што се отежнува клацификацијата кај коралите и така настанува појавата белење на коралните гребени. Оваа појава за прв пат се појавила во 1998 година, во коралните гребени на Белизе, како резултат на зголемувањето на температурата на водата, која достигнала 31.5°C, од 10-ти август до 14-ти октомври. Од таа појава, па се до денес, поради загадените океани, глобалното затоплување, истребувањето на ендемичните водни суштества, настанува се почесто избелување на коралните гребени. Најновите истражувања за коралните гребени велат дека во наредните 20 години скоро 90% од коралните гребени веќе нема да постојат, што е крајно загрижувачки.

Доколку навистина изумре 90% од коралните гребени, последиците за поморскиот свет, па и целиот екосистем можат да бидат фатални. Националната служба за морски риболов проценува дека комерцијалната вредност на Американскиот риболов од корални гребени е над 100 милиони американски долари. Коралните гребени создаваат и развој на една туристичка дестинација, пример преку понуда за фасцинантно нуркање во богат поморски биодиверзитет, но и индиректно помагаат на локалните бизниси (рибарници, ресторани, сместувачки капацитети итн.).

Република Сејшели или пак Сејшелските острови е уште еден пример за тоа како коралните гребени можат да придонесат или пак да го намалат туризмот. Сејшелските острови ги имаат едни од најубавите плажи на светот, тие се и дом на едни од најретките видови птици и животни. Меѓутоа во последните неколку години, поради климатските промени тие се соочуваат со избелувањето на коралните гребени. Тоа многу лошо се одразува врз економијата и биодиверзитетот, а со тоа и се намалува вредноста на туристичката дестинација.

Научниците и голем број здруженија сеуште работат на изнаоѓање нови методи за сочувување на коралните гребени, меѓутоа како најефективни методи се испостави дека е чистењето на плажите, намалувањето на отпадот во водите и работење кон решавање на проблемот со климатските промени. Човекот никогаш не може да се одвои од здравјето на планетата и одржувањето на балансиран екосистем, затоа е од големо значење заштитувањето на коралните гребени.

Извори:

  1. greenpeace.org/usa/whats-killing-coral-reefs-and-how-can-we-stop-it/
  2. coralguardian.org/en/coral-reef-important/
  3. oceanservice.noaa.gov/education/tutorial_corals/coral07_importance.html
  4. nature.com/scitable/blog/saltwater-science/why_are_coral_reefs_important/
  5. reefrelief.org/the-importance-of-coral-reefs/
  6. blogpatagonia.australis.com/importance-coral-reefs-environment/
  7. coralreefcare.com/facts/why-are-coral-reefs-important/
  8. nationalgeographic.org/article/coral-reefs/
  9. panda.org/discover/our_focus/oceans_practice/coasts/coral_reefs/
  10. oceanservice.noaa.gov

Автор: Емилија Маневска, Институт за географија, ПМФ

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , , , ,

Leave a Reply

*