Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема, По Светот » Податоци за катастрофалниот земјотрес во Петриња – Хрватска

Податоци за катастрофалниот земјотрес во Петриња – Хрватска

02.01.2021

Како што веќе ни е познато, земјотресите се природна појава која што е резултат на поместувањето на тектонските плочи, движењето на земјината кора, при што се ослободува голема енергија што води до потресување на Земјата. Секој од земјотресите се карактеризира со параметри: време на настанувањето, хипоцентар, епицентар, длабочина на хипоцентарот, епицентрално растојание и сила на енергија. Хрватската провинција Банија беше сериозно погодена на 28 декември 2020 година во 6 часот и 28 минути по локално време. Јачината на земјотресот беше со магнитуда од 5,1 степени по Рихтер, а VII според Европската макросеизмичката скала. Следуваа неколку послаби земјотреси, по што следниот ден на 29 декември 2020 година, во 12 часот и 19 минути по локално време се случи најсилниот земјотрес во серијата на 5 километри југозападно од Петриња. Јачината на земјотресот изнесуваше 6,2 степени според Рихтеровата скала на длабочина од 10 километри.

Земјотресот од 29 декември 2020 година го почувствуваа жителите околу околните земји, вклучувајќи 600 места и неколку километри од епицентарот. Земјотресот беше почувствуван низ цела северна Хрватска, како и големи делови на Словенија, Австрија, Босна и Херцеговина, Србија, Унгарија, Словачка и Италија, како и во некои делови на Црна Гора, Германија и Чешка. Земјотресот предизвика голема штета на околу 10 km наоколу, a најоштетени места беа во Петриња, Сисак и Глина.

Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ) објави дека станува збор за 20 земјотреси во последните 37 часа во таа област. Локацијата и длабочината на оваа природна непогода покажуваат дека станува збор за земјотрес што се случил како резултат на плитки удари во рамките на Евроазиската плоча. Градот Петриња беше најпогоден, со многу урнати згради, големи штети и прекин на електрична енергија во Двор, Глина, Кутина, Сисак, Суња и Загреб. Хрватска го прогласи 2 јануари 2021 година за национален ден на жалост во чест на жртвите од овој земјотрес.

Инаку, ова е најголемиот земјотрес што се случил во Хрватска од појавата на современи сеизмички инструменти. Земјотрес со слична големина се случил во 1880 година во близина на Загреб. Исто така уште еден позначаен земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала се случил на 27 Ноември 1990 година, на околу 175 километри југоисточно, кој што имено повредил 10 лица.

Воедно, во текот на 2020 година, Хрватска беше потресена од еден земјотрес со јачина од 6,4 степени, два земјотреси меѓу 5,0 и 6,0 степени, 16 земјотреси меѓу 4,0 и 5,0 , 78 земјотреси меѓу 3,0 и 4,0 и 444 земјотреси меѓу 2,0 и 3,0. Исто така имало 954 земјотреси  под магнитудата 2,0, што вообичаено луѓето не ги чувствуваат.

Во таа смисла, со денешната состојба на науката и технологијата, никој не може со 100% точност да предвиди кога, каде точно и со колкава јачина ќе се случи некој земјотрес, а истото важи и за ова подрачје во Хрватска.

Користена литература:

  1. wikipedia.org/wiki/2020_Petrinja_earthquake
  2. arso.gov.si/potresi/poro%C4%8Dila%20in%20publikacije/Petrinja_porocilo_koncno2.pdf
  3. pmf.unizg.hr/geof/seizmoloska_sluzba/izvjesca_o_potresima
  4. volcanodiscovery.com/earthquakes/croatia/archive/2020.html
  5. igeografija.mk/Portal/?p=4239

Подготвила: Симона Митевска, студент на ГИС – ИГ

Корекција: Бојана Алексова – ИГ

Оваа статија е прочитана 541 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, На тема, По Светот · Tags: , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger