Познати географи во знакот на водолија

19.02.2021

Географ е човек кој е специјализиран за изучување на географијата, вклучително проучување на Земјата, нејзините својства и распределбата на животот на различните делови на планетата. Географот има задача да ги анализира ефектите на географијата и нејзиното влијание врз човечките животи на континентите во светот. Имено, географот всушност е експерт кој е умешен и добро упатен во областа на географските истражувања и разграничувања, проучувајќи ја топографијата, климата, почвата, вегетацијата и структурата на површината на Земјата. Географот може да биде вработен во различни сектори, како на пример управување со катастрофи, планирање на градовите и селата, развој на заедницата, управување со животната средина, во земјоделски сектор и градежна индустрија, во приватни фирми, катастари и сл. Географите исто така се вклучени во истражувањето и проучувањето на човековата активност и нивната врска со природната средина околу нив. Тие користат различни техники со цел да проценат и проучат за различните аспекти на географијата и имаат значително влијание врз животот на луѓето и животните.

Во оваа статија ќе ги откриете некои од најфасцинантните факти за светски познатите географи, во хороскопскиот знак водолија, читајќи ги нивните биографии кои вклучуваат интересни факти.

Имено, водолија е 11-тиот хороскопски знак во зоодијакот и го носат оние коишто се родени помеѓу 20 јануари и 18 февруари. Со овој знак владее планетата Уран. Иако листата на познати географи во знакот на водолија е голема, меѓутоа, во контекс на оваа статија, ние се обидовме да издвоиме топ 10 најпознати географи-водолии во светски рамки.

  1. Себастијан Минстер (20 јануари, 1488) бил германски картограф, космограф и научник. Неговото дело, „Космографија“ од 1544 година, беше најраниот германски опис на светот.

2.. Јоханес Хевелиус (28 јануари, 1611) беше германски и полски астроном, претприемач и картограф. Како астроном, тој се здоби со репутација како „основач на лунарната топографија“, и опиша десет нови соѕвездија.

3. Шарл Мари Де Ла Кондамин (28 јануари 1701) бил француски истражувач, географ и математичар. Тој помина десет години во денешен Еквадор, мерејќи ја должината на одредена ширина на екваторот и подготвувајќи ја првата мапа на регионот Амазон врз основа на астрономски набљудувања. Понатаму, тој беше соработник во Енциклопедијата.

4. Вилијам Хопкинс (2 февруари, 1793) беше познат математичар и геолог од Велика Британија, кој ја напиша книгата „Елементи на тригонометријата“. Хопкинс започнал да ја проучува појавата на раседи и пукнатини на површината на Земјата, а потоа ја истражил ротацијата на земјата. Неговите истраги беа пофалени од Геолошкото друштво во Лондон и на крајот тој стана претседател на комитетот.

5. Џејмс Д. Дана (12 февруари, 1813) американски геолог, минералог и натуралист, кој во истражувањето на Јужен Пацифик, северозападен САД, Европа и на други места, направија важни студии за настанокот на планините, вулкански активности и потекло и структура на континентите и океанските сливови.

6. Пол Видал де Ла Блеш (22 јануари, 1845) бил француски географ. Тој се смета за основач на модерната француска географија и исто така основач на Француската школа за геополитика. Тој ја замисли идејата за жанр де ви, што е верување дека начинот на живот на одреден регион ги рефлектира економските, социјалните, идеолошките и психолошките идентитети втиснати во пејзажот.

7. Вилијам Морис Дејвис (12 февруари, 1850) бил американски географ, геолог и метеоролог, кој ја основал науката за геоморфологија – проучување на облиците на земјиштето. Тој честопати се нарекува „Татко на американската географија“. Тој ја започнал својата кариера како метеоролог со националната опсерваторија во Кордоба, Аргентина, и за три години се здоби со позиција во Универзитетот Харвард, каде што го продолжил своето вработување во следните 36 години. За време на неговиот живот, тој има објавено повеќе од 500 дела во областа на географијата.

8. Халфорд Џон Мекиндер (15 февруари 1861) бил англиски географ, академик и политичар, кој се смета за еден од основачите и на геополитиката и на геостратегијата. Од 1923 година, тој беше професор по географија на Лондонската школа за економија.

9. Свен Хедин (19 февруари, 1865) бил шведски истражувач, географ и патописец познат по своите експедиции во Централна Азија, што довело до важни археолошки и географски наоди. Тој не само што ги лоцирал изворите на реките Брамапутра, Инд и Сутлеј за време на неговата серија експедиции, туку исто така ги мапирал остатоците од градовите, гробните места и Кинескиот Ѕид. За време на неговата смрт тој ги доделил правата на своите книги и неговите обемни лични работи на Кралската шведска академија на науките.

10. Јан Радерфорд Плимер (12 февруари, 1946) е австралиски геолог, професор емеритус на земјини науки на Универзитетот во Мелбурн, претходно професор по рударска геологија на Универзитетот во Аделаида и директор на повеќе истражувања на минерали и рударски компании. Објавил многу научни трудови, шест книги и е еден од ко-уредниците на Енциклопедија за геологија. Тој исто така беше критичар на креационизмот и негира дека стакленичките гасови предизвикуваат климатски промени.

Во осврт на географијата, вредно е да ги напоменеме и географите кои дале научен придонес  кон проучувањата на просторот на територијата на Македонија. Како познати географи-водолии од почетоците на формирањето на Институтот за географија се издвојуваат:

  1. Д-р Војислав Радовановиќ, редовен професор кој е роден на 27.01.1894 год. и има значаен придонес во геоморфолошките истражувања на релјефот во некои области во Македонија.
  2. Д-р Гиго Милески, редовен професор, роден на 24.01.1923 год. и бил првиот примен асистент по картографија на Катедрата за географија на Филозовскиот факултет во Скопје и е основоположник на Сеизмолошка опсерваторија во Скопје (01.11.1956 год.)
  3. Д-р Милорад Стојановиќ, редовен професор кој е роден на 24.01.1931 год. и неговата научна дејност е во областа на регионалната геологија и минералните суровини.

Како моментално активни професори и асистенти географи-водолии на Институтот за географија се:

  1. Д-р Благоја Маркоски, редовен професор, роден на 16.02.1959 год. Како негово главно подрачје на научен интерес му се картографијата, тематското картографирање, Географски информациски системи и регионалната географија. Добитник е на државната награда „Гоце Делчев“ во 2014 год. До сега има објавено околу 170 научни трудови.

2. Д-р Ивица Милевски, редовен професор, роден на 12.02.1972 год. и се занимава со проучување во областа на физичката географија и географски информациски системи. До сега има објавено околу 114 научни трудови. Главен уредник е на стручно-научното географско списание „Географски Разгледи“. Во 2011 година го покренува првиот географски портал во Република Македонија ИГЕО (со речиси милион прегледи), во кој до сега има објавено околу 250 авторизирани статии (од вкупно 1100).

3. Д-р Свемир Горин, вонреден професор, роден на 4.02.1977 год. и својот научен придонес го дал во областа на Географски информациски системи и картографија. До сега има објавено околу 35 научни трудови.

4. Д-р Иван Радевски, вонреден професор, роден на 14.02.1984 год. и негово главно подрачје на научен интерес е физичката географија со потесна специјалност на хидрологијата. Објавил научен труд во меѓународното списание „Sciences“. До сега има објавено околу 38 научни трудови.

5. М-р Владимир Златаноски, асистент, роден на 12.02.1987 год. и негово главно поле на научен интерес е регионалната географија. До сега има објавено околу 15 научни трудови.

Користена литература:

  1. Монографија, 70 години Природно-математички факултет, УКИМ

ih.pmf.ukim.edu.mk/files/Attachment/PMF_Kniga_70_Godini.pdf

  1. Маркоски Б. (2019): Македонската географска мисла по повод 70 година Македонско географско друштво, Скопје, стр. 1-116

www.researchgate.net/profile/Blagoja_Markoski/publication

  1. igeografija.mk/Portal/?p=1025
  2. thefamouspeople.com/geographers.php
  3. pmf.ukim.edu.mk/tabs/view/

Автори: м-р Анита Тодорова, асистент на ИГ и Бојана Алексова, демонстратор на ИГ

Оваа статија е прочитана 1654 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *