Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Географски вести, На тема » Стандардизација и стандарди од областа на туризмот во Република Македонија

Стандардизација и стандарди од областа на туризмот во Република Македонија

06.04.2021

За потребите на истражувањето направена е анализа, со која се оценува примената и придобивките од стандардите во областа туризам и сродните услуги, со цел на заинтересираните страни да им се обезбедат критериуми за донесување информирани одлуки кои обезбедуваат одржливост во работењето. Стандардизацијата помага во развојот на бизнисот и стратегиите на компаниите, преку воведување на стандарди внатре во самата компанија заради поквалитетни производи и поголема продуктивност. Стандардите и процесот на стандардизацијата, претставуваат алатка за економски и социјален развој.

Стандардизацијата би ја дефинирале како активност, чија цел е воспоставување на правила за општа или повторлива употреба, заради постигнување на оптимален степен на уредност во определено подрачје. Стандардизациската активност се состои од: подготовка, обликување и публикување на стандардите (Национална стратегија за стандардизација, ИСРСМ, 2020)

За развојот на стандардизацијата голема улога имаат системите за стандардизација како што се:

  • Меѓународен систем за стандардизавија,
  • Европски систем за стандардизација  и
  • Националните тела за стандардизација

ISO (https://www.iso.org)  е мрежа на национални тела за стандардизација од 165 земји со голем број на технички тела, кои се одговорни за развивање на стандардите.

Националните тела за стандардизација од целиот свет, вклучувајќи ги развиените земји, земјите во развој и економиите во транзиција, се членки на ISO и тие го претставуваат ISO во нивната земја. Во Република Северна Макединија, Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија – ИСРСМ  е национално тело за стандардизација кое ги претставува националните интереси во меѓународните, европските и регионалните организации за стандардизација, ги промовира стандардизациските активности и преку здружување на јавните и приватните заинтересирани страни, ИСРСМ подготвува и усвојува доброволни национални стандарди (www.isrsm.gov.mk).

Изглед на интернет страницата ИСРСМ (Извор: www.isrsm.gov.mk)

 

Придобивки од стандардите и од целокупниот систем на стандардизацијата, нема само индустријата – производителите кои главно учествуваат во нивното создавање, туку придобивките може да ги почувствува и секој од нас, без разлика дали е во улога на потрошувач, на работник, заштитник на животната средина, и сл.

Придобивки за Бизнис заедница – темел за профитабилен и одржлив развој

  • Подобрување на производите или услугите;
  • Зголемување на конкурентноста;
  • Зголемување на довербата;
  • Намалување на веројатноста за грешки;
  • Зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците;
  • Компатибилност на производите
  • Олеснување на извозот на стоки;
  • Подобрување на можностите за успех;
  • Подобрување на задоволството на потрошувачите;

Придобивки за регулаторите – Создавање на подобра иднина за државата

  • Поддршка на техничките регулативи;
  • Поддршка на пазарот и меѓународната трговија;
  • Поттикнување на иновации;
  • Поттикнување на инвестиции;
  • Ефикасни јавни набавки.

Крајни корисници – во чекор со реалните светски аспирации

  • Можности за соработка и размена на знаење;
  • Квалитет на производите и услугите;
  • Квалитет на животот, заштита на животната средина;
  • Безбедност и заштита на здравјето на луѓето

Стандардот е документ со доброволна примена, а се состои од технички спецификации, базирани врз основа на резултатите од искуството и технолошкиот развој. Стандардите се резултат на консензус, воспоставен меѓу сите страни кои се заинтересирани и инволвирани во релевантната активност. Тие, исто така, мора да бидат признати од препознатливо тело за стандардизација.

За потребите на ова истражување потребно е да ги објасниме поимите:

  • Меѓународен стандард (ISO) е стандард усвоен од меѓународна организација за стандардизација, кој е достапен на јавноста.
  • Европски стандард (EN) е стандард усвоен од европска организација за стандардизација, и обврзува на негово усвојување како идентичен национален стандард, при што треба да се повлечат сите конфликтни национални стандарди и
  • Национален стандард (MKC) е стандард усвоен од националното тело за стандардизација, кој и е достапен на јавноста.

Истражувањето е на примерок од 60 ентитети т.е доставени се анкети до 60 ентитети, а одговорија 37 ентитети (62%).

Според направената анализа, во однос на капиталот заинтересираните страни се:

  • во приватна сопственост – 81%
  • државна сопственост – 16% и
  • мешовита сопственост – 3%.

Според бројот на вработени, застапени се:

  • малите претпријатија – 42%,
  • микро претпријатијата — 39%,
  • средните – 17% и
  • големи организации – 6%.

Во однос на работата на ИСРСМ, заинтересираните страни се:

  • запознаени со работата – 43%,
  • делумно запознаени – 32% и
  • не се запознаени – 24%.

Oд заинтеесираните страни директно поврзани со дејности од туризам се 65%, додека 35% се индиректно поврзани со дејности од туризам и сродни услуги (Организацијата е регистрирана со друга главна дејност различна од туризам и угостителство).

Извор: Прашалник за потребите на истражувањето, со кој се оценува опфатот и придобивките од примената на стандардите, Велибор Тасевски, 2020

Најголем дел од заинтересираните страни се од:

  • угостителскиот сегмент (хотелиерство и рестараторство) – 27%,
  • туристички агенции – 22%,
  • сместувачките капацитети – 16%,
  • обрзовните институции – 16%,
  • организациии од транспорт и логистика и друго – 11%,
  • туристистички асоцијации – 5%,
  • туристички здруженија и туристички комори – 3%.

Во сегментот на угостителство, 84% од заинтересираните страни имаат интереси за хотелиерство и за рестараторство, а некои одделно. Поголем процент околу 61% од заинтересираните страни се интересираат за хотелиерство, а 48% за рестараторство. Според географската припадност на туристите, 89% од заинтересираните страни  имаат интерес за домашен и странски туризам. Истите тие, според видот на туристичките ресурси имаат интерес во градскиот, крајбрежниот и планинскиот туризам.

Според должината на престојот заинтересираните страни имаат интерес за:

  • стационарен туризам – 85%,
  • екскурзивен туризам – 64%,
  • излетничкиот и за транзитниот туризам – 52%.

Техничкиот комитет ИСРСМ ТК 44- Туризам и сродни услуги има усвоено 34 македонски стандарди и стандардизациски документи. Од нив 14 европски стандарди со метод на индосирање се усвоени како македонски, а 19 меѓународни стандарди со метод на препечатување се усвоени како македонски.

Од стандардите на услуги застапени се:

  • Туристички услуги
  • Даватели на услуги за студиски тури за изучување на странски јазици- Барања
  • Услуги во рекреативното нуркање- Барања за обуки
  • Индустриски туризам – Обезбедување на услуги

Од стандарди на услуги со терминологија, усвоени се стандарди за:

  • Хотели и други типови на туристички сместувањa
  • Туристички агенции и туроператори

Од стандарди за туризам и сродни услуги усвоени се стандарди за:

  • Велнес спа – Барања за услуги
  • Таласотерапија – Барања за услуги
  • Медицински бањи – Барања за услуги
  • Сместување: Хотели – Барања за услуги
  • Упатства за развој на еколошки спецификации за сместувачки капацитети
  • Барања и препораки за работа на плажа
  • Пристаништа за јахти
  • Туристички услуги за јавна употреба обезбедени од надлежни органи за заштитени природни области

Од стандарди за авантуристички туризам застапени се:

  • Системи за управување со безбедност – Барања
  • Информации за учесниците
  • Лидери – Компетентност на персоналот

Истражувањето покажува дека заинтересираните страни се запознаени со:

  • ISO- меѓународните стандарди 81%,
  • CEN- европските стандарди – 54% и
  • МКС- македонските стандарди – 68%.

Стандардите публикувани од ИСРСМ сé повеќе се имплементираат во сите области кои директно или индиректно влијаат врз развојот на туризмот.  Директно влијание имаат стандардите кои се во делокруг на работата на техничките комитети за Туризам (ISO/TC 228, CEN/TC 329 и ИСРСМ ТК 44).

Влијание врз развојот на туризмот имаат и системите за управување кои се припремени од работните групи и усвоени во техничките комитети од соодветната област за управување и како такви се индиректни. На пример голем улога во развојот на туризмот имаат:

  • Системите за управување со безбедност на храна,
  • Системите за управување со здравје и безбедност при работа
  • Системите за управување со квалитет
  • Системите за управување на енергија,
  • Системите за управување на животна средина,
  • Управувањето со ризици,
  • Општествената одговорност итн.

Водечки стандарди кои се импленетирани од страна на заинтересирните страни се стандардите од областа на туризмот и сродните услуги со 57%. системите за управување со здравје и безбедност при работа 43%, системите за управување со квалитет 35% и системите за управување со безбедност на храна со 32%. Околу 11% од заинтересираните страни немаат имплементирано стандарди

Извор: Прашалник за потребите на истражувањето, со кој се оценува опфатот и придобивките од примената на стандардите, Велибор Тасевски, 2020

Истражувањето покажува дека 92% од заинтересираните страни сметаат дека имаат потреба од стандарди за успешно управување во дејностите од областа на туризам и сродни услуги. Тие имаат потреба од национални стандарди за:

  • Категоризација на хотели
  • Категоризација на сместувачки капацитети
  • Категоризација на угостителски објекти
  • Еко туризам
  • Еко превоз
  • Дојдовен (Incoming) туризам
  • Управување со квалитет во туризмот
  • Управување со ризици во туризмот
  • Управување на животната средина

Причините за неприменетост на стандардите заинтересираните страни ги гледаат во:

  • неинформираност за стандардизација и друго – 27%,
  • поради немање субвенции од држават за примена на стандарди – 24% и
  • поради немање интерес за имплементација на стандарди -13,5%.

Глобализацијата сè повеќе ја зголемува конкуренцијата на пазарот. Во контекс на глобализацијата, повеќето компании, организации и јавни институции, се соочуваат со употреба на стандардите и оцената на сообразност во нивните секојдневни активности. Впрочем, стандардизацијата е клучна за поддржување на отворените пазари, слободната трговија и интероперабилноста на глобално ниво. Стандардизацијата е алатка за подобрување на конкурентноста на претпријатијата, одржлив развој и корпоративно општествена одговорност и поттикнување на пристапот до пазарот на иновативни решенија.

Референци:

  1. http://www.isrsm.gov.mk
  2. https://www.cencenelec.eu
  3. https://www.iso.org
  4. Влада на РСМ, (2010)  Национална стратегија за одржлив развој во Република Македонијa 2009-2030, http://www.macefdrr.gov.mk/files/dokumenti/NSSD.pdf, 2010
  5. Национална стратегија за стандардизација, ИСРСМ, 2020, Скопје, http://www.isrsm.gov.mk/mk/images/upload/JASMINA2/strategija_20202022_finale_1.pdf
  6. Черепналковска С. (2014), Основи за стандардизацијата и сродните активности, Скопје

Изработил: м-р Велибор Тасевски

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, На тема · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*