Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Викенд предлог, На тема, Чудесна Македонија » Берово – Македонската Швајцарија!

Берово – Македонската Швајцарија!

25.05.2021

Ако сакате да дознаете од каде „изгрева сонцето“ во Македонија, упатете се на исток кон малото планинско гратче Берово, кое е сместено под падините на Малешевските планини, обиколено со борова, букова и дабова шума. Низ крошните и височините на дрвјата, ѕирка Беровското езеро кое ви дава чувство на недопрена убавина, која вреди да се види и доживее.

Берово е град кој се наоѓа во источниот дел на Република Македонија, кој е сместен под падините на Малешевските Планини, чии општински граници се простираат на површина од 598 км2. Во негова близина се наоѓа и Беровското Езеро. За тоа како го добило Берово своето име, постојат две верзии. Според првата, тоа го добило своето име по името на некој сточар Беро. Аргумент за ова е постоењето на таканаречената Берова ливада, во атарот меѓу селата Мачево и Робово, за која се смета дека му припаѓала на овој сточар. Според втората верзија која е поверојатна, името Берово произлегло од тоа што луѓето се береле (се собирале) на тоа место. Се поставува прашањето од каде се „берело“ населението. Во таа смисла се претпоставува дека се собирале, т.е „береле“ од старите населби во месноста Туртела, Селца, Рибница, Раздоло, Клепало, Добри Лаки и други, а подоцна и од другите малешевски села.

Кога доаѓате во Берово, мислите дека сте дошле на крајот на светот. Затоа што не е транзитно, затоа што е планинско и затоа што изобилува со недопрена убавина. Беровци и духот на овие луѓе, секогаш се сплотени во една чиста душа. Нивната верба е мирна како капка вода на дланка. Иста како и нивното Беровско Езеро. Во една хармонија со природата, преку која го доживувате оној исконски контакт со Мајката Природа.

За разлика од летувањето на море, кое за жал со себе го носи ризикот од штетното дејство на сончевите зраци, летувањето во Берово знае да биде многу покорисно и попродуктивно, дури и за тие со најлоша дијагноза. Природните убавини ќе ви ја вратат физичката сила, а манастирите и црквите лоцирани во околината ќе ви помогнат да си го пронајдете душевниот мир. Лично јас, имам посетено повеќе места во Македонија, како и надвор од неа, но на ниедно место се немам одморено ментално како што тоа беше во градот Берово. Самата тишина, природа, целото зеленило, како и самите луѓе се само дел од работите кои го прават овој град посебен.

Кога сте во Берово, нормално, би било штета да не го посетите Беровско езеро. Тоа се наоѓа на шест километри од градот, по патот за граничниот премин Клепало, кон Бугарија. На бреговите од езерото можете да забележите бујни борови шуми, а во негова околина разнобојни цвеќиња, шумски плодови, лековити тревки. Езерото е богато со риби и постои можност за спортски риболов. Покрај него има ресторан и бунгалови. Целиот локалитет е лоциран на брегот од езерото и на надморска височина од 1000 метри. Покрај езерото се протегаат и голем број приватни викендички што можат да се изнајмуваат, прекрасни терени за рекреација и за спортување и преубава панорама.

Дел од туристичката населба кај Беровско езеро, со прекрасен поглед на езерото е комплексот „Аурора“, воедно, најголем комплекс во оваа област. Со панорамски поглед на градот, на 350 метри од центарот на Берово е сместен и Ловниот дом. Покрај прекрасната глетка, тука има можности за разни спортски активности, за планинарење и за прошетки. Објектот поседува и тениско игралиште и голема тераса, а во негов состав е и ресторан.

Сепак, освен Аурора, Берово има и други сместувачки капацитети. При мојата посета на Берово доста атрактивни беа и бунгаловите кај детското одмаралиште Берово кои нудеа одличен престој. Сепак сега тие бунгалови не се во функција и ресторанот кој што се наоѓаше во близина на овој смештај е срушен. Во самиот град, поточно, во центарот на Берово е сместен музејот на градот.

Зградата во која се наоѓа е реконструирана во духот на оригиналната архитектура од крајот на 19 век, за која беровчани се сентиментално поврзани бидејќи таа е еден од препознатливите елементи на градот. Историската поставка во музејот се состои од документи и од предмети од времето на дедо Иљо Малешевски, Димитар Поп-Георгиев Беровски, Разловечкото востаниe, итн. Тука се и античките и средновековните монети пронајдени во оваа област, како и етнолошката поставка што се состои од реконструкција на малешевска соба, малешевска носија, накити, грнчарски производи, музички инструменти. Исто така, во Берово и денеска се негуваат традиционалните занаети, а локалните специјалитети имаат неповторлив вкус.

Изработил: Никола Тодевски – студент на туризам на Институт за географија

Корекција: Бојана Алексова – Институт за географија

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог, На тема, Чудесна Македонија · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*