Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема, По Светот » Видиковец кај црквата Св. Сава – еден од најубавите погледи кон Јадранското Море

Видиковец кај црквата Св. Сава – еден од најубавите погледи кон Јадранското Море

14.06.2021

Патувањето е една од најисполнителните работи за секој човек. Сите ние патуваме од различни причини. Некој патува со цел да се одмори и рекреира, некој со цел да спортува, некој патува со цел да запознае нови луѓе и култури и слично. Во овој случај, Црна Гора е мала земја, но со изобилство на природни убавини, културни знаменитости и можности за патување, уживање, одмор и туристичко разгледување. Таа е земја на море и планина, чиста природа и свеж воздух, каде се чувствува традицијата и гостопримливоста од домашното население. Крајбрежјето и планините, поради нивната близина една до друга, се перцепираат како целина, што може да се окарактеризира како главна компаративна предност на Црна Гора во богатата туристичка понуда меѓу конкуренцијата на овој пазар. Меѓу сите други предности, климата е еден од одлучувачките предуслови за успешен развој на туризмот. Црна Гора има пријатна летна клима, слична на онаа на Сардинија, Азурниот брег или Мајорка и е идеална база за капење и летен туризам. Зимата се карактеризира со обилни врнежи од дожд на крајбрежјето, додека на планините има услови за различни видови на зимски спортови.

Општина Будва со Бечичи, моментално квалитативно и квантитативно го претставува најважниот туристички центар на крајбрежјето. Кога помислуваме на лето во Будва,  прво што ни паѓа на памет се ноќниот живот и гласната музика, брзата храна и баровите на плажа. Но, дека Будва е многу повеќе од тоа и дека можете да поминете убаво и квалитетно време без наметлива музика и прекумерна гужва, доказ се многубројните содржини во нејзината околина, а едно од оние места кои мора да ги посетите е видиковецот кај црквата Св. Сава.

Црквата Свети Сава со видиковецот во Џенаши се наоѓаат над Свети Стефан. Од ова место има неверојатен поглед кон брегот на Будва, Свети Стефан, Милочер, Режевичи и Будва. Овој поглед е омилен кај младите луѓе, кои редовно го избираат ова место за своите свадбени слики.

Интересен факт за оваа црква е што во минатото нејзините ѕвона често имале функција на предупредување. Поради одличната локација и погледот, монасите можеле да видат кога некои непријателски бродови се приближувале кон копното, па со ѕвоната ги предупредувале жителите на Св. Стефан да бидат спремни за нападот кој следува.

До црквата се стигнува со автомобил, пред Свети Стефан се врти десно кон селото Бизикуче, но постои можност и да се доживее патот до црквата низ шума, почнувајќи од манастирот Прасквица. Едно од најмагичните моменти во овој дел на јадранското приморје се прекрасните зајдисонца. Од лично искуство, ви препорачувам да изберете едно сончево попладне, кое ќе го искористите за посета на ова магично место, бидејќи доживувањето и погледот кои ќе ги искусите на ова место, ретко каде ги има.

Користена литература:

  1. https://www.montenegro.travel/
  2. Сознанија и забелешки од лично искуство и посета на црквата и видиковецот

Изработила: Габриела Ивановиќ – студент на туризам на Институт за географија

Корекција: Бојана Алексова – Институт за географија

 

Оваа статија е прочитана 739 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, На тема, По Светот · Tags: , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger