Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Интересни карпести форми на планината Манговица

Интересни карпести форми на планината Манговица

23.01.2012

Манговица е ниска (862 м) и издолжена (23 км) планина помеѓу Овче Поле на запад и Пробиштипско-злетовскиот басен на исток. Оваа планина е составена главно од многу стари карпи, а само на неколку места во северниот дел има помлади вулкански карпи, кои очигледно се во врска со некогашните околни вулкани. Планината има релативно едноставен и едноличен релјеф, освен на неколку места на западната страна, во сливот на реката Мавровица, каде има појави на карпести или таканаречени денудациски форми. Во областа, денудациските фор­ми најмногу се застапени око­лу месноста (ридот) Гложје (655 m), потоа кај врвовите Ман­говица (741 m), Голем Осој (734 m) и други. Некаде овие форми се јавуваат во поголеми групации, а често и како издво­ени-поединечни форми. До овој интересен простор се стигнува преку асфалтните патишта кои од регионалниот пат Куманово-Св. Николе се исклучуваат кон селата Долно Ѓуѓанце и Орел. Потоа, кон внатрешноста се оди пеш по соодветни патеки се до ридот Гложје. Оддалеченоста од Св. Николе е околу 12 км од кои околу 8 км асфалтен пат, но и покрај тоа овој интересен простор е сосема малку познат меѓу населението.

Месноста Гложје и истоимениот врв, се наоѓаат на десната до­линска страна на Мавровица (Киселица), околу 3,5 км спротиводно до с. Орел и околу 2,5 км источно од с. Долно Ѓуѓанци. Кај Гложје се кон­статирани две локалности со поинтересни појави на денудациони форми. Првата локалност е на југоисточната страна од ридот (41°57′ 54″N, 21°59’21″E), на надморска височина од 560-600 м, односно на 60 м до 100 м над речното корито. Овде, на должина од околу 300 м се издвојуваат дваесетина остенци со столбест, печуркаст, купест и гла­вичест изглед. Формите не се многу големи, така што нивната висо­чи­на е околу 1-2 м, а најмногу до 5 м. Изгледот доста им варира, што е последица на локалните литолошки, микрорелјефни и микроклимат­ски разлики. Различниот интензитет на селективна ерозија, условил некои форми да изгледаат доста интересно, потсетувајќи на човечки, животински фигури, предмети, кули и сл. Обично поцврстите делови на остенците и главичестите форми се изградени од андезитски, иг­ним­бритски карпи (блокови) или бречи, а подножјето и понеот­пор­ниот дел од бречи и туфови. Распаднатиот пак материјал се натрупува во непо­сре­дна близина или долж падината. Покарактеристични форми овде се: остенокот во вид на пехар, печурката, остенокот во вид на куче и др.

Втората локалност со карпести форми е на околу 400 m ју­гозападно од претходната, односно на јужното подножје на ридот Глож­је, над речното корито на Киселица (Мавровица). Овде, на дес­ната долинска страна, во должина од околу 250 m, се јавуваат оголени карпи, остенци и неколку главичести форми во вид на земјени пира­миди. Ос­тен­ците и земјените пирамиди се со мали димензии, така што ретко надминуваат височина од 1 м. Причина за настанување на формите на оваа локалност, покрај геолошкиот состав е дирекната јужна експонираност со големите дневни температурни амплитуди и силното плакнење што го вршат транзитните води од врнежите. Крупни камени блокови, распаднат материјал и помали карпести форми се среќаваат на источната и северната страна на ридот Гложје и по долината на Строиманска Река-лева притока на Мавро­ви­ца. Кај месноста Банев Рид (источно од с. Долно Ѓуѓанце), камените блокови и изданоци како печурки го прекриваат теренот. На западната страна пак на ридот Гложје, забележана е голема карпеста форма во вид на птица, чија височина изнесува околу 3,5 м.

Освен кај месноста Гложје, карпести форми се забележани и околу врвот Манговица (741 m), односно на не­говите јуж­­ни страни кај селото Макреш. Овде почвата е целосно однесена, рас­­­тителниот свет многу сиро­ма­шен, а подлогата е покриена со рас­паднат материјал или е претворена во ерозивни плочници. Во овој дел има огромен број на карпести изданоци, хумки и блокови по подлогата. Самиот врв е изграден од цврста андезитска капа и се истакнува во релјефот, што ука­жу­­ва на неговиот па­лео­вулкански карактер. На ридовите Голем Осој (734 m) и Бабин Град (639 m), кои се на спротивната (јужна) страна од ридот Гложје, карпести форми се застапени во повисоките присојни делови. Покрај остенци и купишта од камени блокови, забележан е голем карпест блок „висибаба“ со височина од 4 m. На хоризонталните карпести површини се констатирани и ма­ли вдлабнати денудациони форми во вид на чашки и стапалки.

Покрај ваквите камени форми, интересно е и самото корито на Мавровица со повеќе мали водопади и природни базени под нив, од кои еден е длабок околу 2 метри. Всушност целиот овој простор кој е ретко посетуван, делува примамливо за авантуристите кои можат да уживаат во глетките кон некогашните вулкани, длабоката речиси кањонеста долина на Мавровица или како уште се нарекува Орелска Река и на одредени места уникатниот растителен и животински свет.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2941 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger