Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Војводата Веле Марков (1870-1902). Сеќавања на настаните од Ракитничката провала

Војводата Веле Марков (1870-1902). Сеќавања на настаните од Ракитничката провала

23.06.2021

Општи биографски податоци

На 12.2.1870 г. во селото Селце, Крушевско, во семејството Марковци е роден Македонскиот социјалистички трибун и револуционер, Крушевскиот апостол, војводата Веле Марков, од сиромашните родители – Марко и Стојна Андрески кои имаа уште еден син по име Грујо и ќерка Бона. Марко го хранеше семејството со слугување кај турските чифликсајбии, особено кај неблагодарниот Осман Балабан од селото Житоше. Како десетгодишно момче, откога научил да чита и пишува кај учителот Павле, идниот војвода Веле бил главен да слугува, како козарче во селото Јакреново. Неговото јадење било секој ден сув леб и изварка. Во 1893 г. престанал да работи кај агата во с. Јакреново, а во 1894 г. заминал на печалба во Софија, каде работел во дограмаџиска работилница и посетувал вечерно училиште. Во 1895/96 се преместува во работилницата на македонскиот револуционер Васил Главинов, заедно со Никола Карев од Крушево и Најдо Вељаноски – Черга од с. Ракитница, а потоа набрзо отворил своја работилница на улица Пиротска во Софија.

ВЕЛЕ МАРКОВ (1870-1902)

Револуционерни активности

По неколку годишната работа и активност во револуционерните организации во 1899 г. во договор со Гоце Делчев била донесена одлука за формирање на социјалистички револуционерни групи во родната Македонија. Така во 1899 г. и 1900 г. во Крушевскиот регион се враќаат Веле Марков и Никола Карев, во Битола заминуваат Никола Петров Русински и Лазар Главинов, во с. Ракитница се вратил Најдо Вељановски – Черга а во Струга Димо Хаџидимов. Набрзо потоа во Крушево Веле Марков заедно со Никола Карев ја формирале Крушевската револуционерна социјалистичка група. Веле Марков во соработка со Никола Петров Русински од Битолската револуционерна социјалистичка група во синорот на с. Житоше (Крушевско) ја организирал Првата социјалистичка конференција во родната Македонија. Главна тема и резултат било помирувањето со Македонските револуционерни организации и договарањето дека и едните и другите се борат за иста цел, односно ослободување на Македонија и Македонскиот народ од вековното османлиско владеење.

Во продолжение, периодот од 1900 г. до јуни 1902 г. во Битолскиот, Леринскиот, Демирхисарскиот, Крушевскиот и Прилепскиот регион се одржуваат низа организациски и револуционерни активности во кои војводата Веле Марков има изразито голема улога. Кон неговата револуционерна чета во целост се вклучува и ајдутската дружина на Ѓурчин Наумов.

Инсерти од Ракитничката провала 1902 г.

На 21.6.1902 г. војводата Веле Марков со својата чета во состав Ѓурчин Наумов – Пљакот ос с. Сланско, Методија Стојчев од Крушево, Марко Хр. Алексовски од с. Сопотница, Тирчо Карев од Крушево, Ѓорѓија Христов – Скшениот од с. Света, Стојан Иванов Јошевски ос с. Жван, Христо Тасев од с. Воѓани, Ѓорѓи Кошинчето од с. Кошино и другите Петко Иванов,  Томо Крстев Дојчинов, Мирче Котев, Даме Новев, Павле Костов и Иван Боримечката од Крушево се упатиле кон с. Ракитница со задача да го ликвидираат повеќекратниот предавник и кодош Стојан Толев Чаде. Но кодошот насетувајќи ја организацијата дека е пристигната во селото успеал да побегне и да го изврши неговото најголемо предавничко злосторство, така што на 23 јуни 1902 г. четата на војводата Веле Марков била заобиколена од Турскиот аскер и во голема нерамноправна борба поголем дел од комитите загинале. Меѓу нив и војводата Веле Марков, кој во нерамната борба прво бил ранет, а потоа со прикрадување на турските војници бил убиен и му била отсечена главата.

На 24-25 јуни од с. Селце во Крушево на месноста Гумење ја донесле  мајката на војводата Веле Марков (нашата прабаба Стојна), каде пред нејзините нозе тркалајќи ја главата на нејзиниот син Веле барале од неа да изврши потврдна идентификација. Но, баба Стојна природно итра и пожртвувана, знаејќи дека ако признае ќе биде убиено целото семејство, совладувајќи ја страшната болка, ниту со еден гест не се издала, постојано повторувајќи дека тоа не е главата на нејзиниот син.

Револуционерниот пат на војводата Веле Марков и борбените дејства во Ракитничката провала

Рефлексии по Ракитничката провала и слава на војводата Веле Марков

Има многу рефлексии од улогата и значењето на војводата Веле Марков во Македонската револуционерна борба и движење, кое одекнува низ Македонскиот народ, ја поттикнува неговата борба за слобода и самостојна Македонија. И потоа во низа песни посветени на војводата Веле Марков револуционерниот дух се шири и живее до денес, а ќе живее и во иднина.

Вечна слава на Војводата и неговите соборци.

Вечна слава и спас на Македонија.

Автор: Проф. д-р Благоја Маркоски – ПМФ, Институт за географија, Скопје

Оваа статија е прочитана 585 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger