Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Има ли опасност од блиски вулкански ерупции?

Има ли опасност од блиски вулкански ерупции?

25.01.2012

Во последно време се појавуваат прашања за тоа колкава е опасноста за Република Македонија од потенцијално активирање на вулканот Laacher See во Германија или од активирање на некој друг вулкан во близина. Затоа овде ќе се обидеме да одговориме на овие прашања.

Laacher See е име на езеро во Западна Германија кое е формирано во простран разорен кратер, односно калдера (таканаречено кратерско или калдерско езеро). Тоа е воедно привремено неактивен вулкан, чија последна ерупција била пред околу 12000-13000 години (1). Одредени истражувања покажаа дека последната ерупција била многу силна, со исфрлање на околу 6 км кубни магма и близу 16 км кубни пирокластичен материјал. Од силината на ерупцијата, прашината и пирокластичниот материјал се прошириле низ поголемиот централен дел на Европа, се до Италија на југ и Далмација на југоисток. Дури се смета дека големото количество на прав во атмосферата условило краткотрајно заладување на климата во регионот (2).

Последниве месеци се шпекулира дека активноста на Laacher се зголемува, а како доказ за тоа се наведуваат зачестените слаби земјотреси во областа, како и зголемената концентрација на јаглерод диоксид во езерото. Исто така, се тврди дека обично вулканот се активира периодично на околу 12000-13000 години, што значи дека во секој момент би можел да профункционира со некаква спектакуларна ерупција. Меѓутоа, реално нема никаква поткрепа за таквата циклична активност, ниту за значително зголемени концентрации на гасови или пак многу почести  земјотреси во околниот простор (3). Покрај тоа, вулканските ерупции временски се релативно непредвидливи, а само значителни сеизмотектонски промени во површинскиот дел на литосферата и одредени други феномени (па дури и промени во однесувањето на животните) можат да бидат сигурни предвесници на ерупција. Значи за сега нема никакви сигурни сигнали дали Laacher See ќе еруптира во следните 50, 100, 500, 1000 или неколку илјади години и колку силна би била ерупцијата. Ако е силна како последната или посилна, дури и да се преземат некои превентивни и заштитни мерки, веројатно последиците ќе бидат огромни бидејќи областа е многу густо населена и претставува економско „срце“ на Европа. Секако, одредени последици би се почувствувале и во Македонија (1500 км на југоисток) во однос на прашината и ситниот материјал кој би се транспортирал преку атмосферата, потоа во однос на влијанието врз климата и преку бројни индиректни природни и социоекономски ефекти. Дел од тие последици можат да се насетат од примерите за регионалните влијанија на неодамнешните ерупции на исландските вулкани, вулканот Етна на Сицилија, вулканите во Индонезија и други.

Можеби поголема опасност за Македонија и регионот во однос на вулканските ерупции се наоѓа во јужниот дел на Егејско Море помеѓу Пелопонез, островите Крит и Родос – простор познат уште како Јужно Егејски Лак. Оваа област на судир на две големи континентални плочи (Африканска и Евроазиска) и денес е многу активна, а се наоѓа на само 500-700 км од нашата држава. Всушност овде пред 3600 години се случила една од најсилните вулкански ерупции во поновата историја на Земјата – ерупција на вулканот Тера, или таканаречена Санторини, односно Минојска ерупција). За време на ерупцијата биле исфрлени околу 60 км кубни (над 100 милијарди тони) вулкански материјал, а прашината преку атмосферата се раширила по целата земјина топка (настанот го запишале и древните Кинези), што довело до краткотрајно, но речиси глобално климатско заладување (4). Голем дел од тогашниот остров Тера (Санторини) бил уништен и претворен во калдера, а сето тоа предизвикало 7-50 м високо цунами кое уништило или оштетило голем број на градови по бреговите на источниот Медитеран и Егејско Море (5). Геолозите потврдиле барем 12 силни вулкански ерупции во подрачјето на Санторини во последните неколку стотици илјади години, кое пак и денес покажува одредена подводна активност и испуштање на гасови над копното (6). Воедно, овој простор е познат по многу чести и силни земјотреси. Според тоа, нова, силна ерупција на вулканот Тера или Санторини би предизвикало сериозни последици за целиот регион во радиус од 300-600 км, па со тоа и во Република Македонија. Сепак, за сега нема никакви знаци или навестувања за зголемена активност, односно некаква можност од силна ерупција во блиска иднина.

Силни последици за овие простори би имале и супервулканските ерупции на Етна, Везув (познати по катастрофални ерупции) и другите вулкани покрај Тиренско Море. Тие се на само 480-600 км оддалеченост од Македонија, а западните ветрови би можеле да донесат значително количество вулканска пепел, гасови и друг материјал. Состојбата со овие вулкани постојано се следи во повеќе центри во Италија и се известува за било каква промена во активноста, со цел навремена евентуална евакуација на населението.

Други потенцијално заканувачки вулкански подрачја на мала оддалеченост до нашата земја моментално нема. Меѓутоа, на Земјата секогаш постои опасност од таканаречени суперерупции или мегаерупции кои можат да се појават во некој тектонски активен регион. Такви настани  имало повеќе пати низ историјата, а истите можат да се одразат глобално врз климата, атмосферата, растителниот, животинскиот свет и секако човекот. Но вакви ерупции се јавуваат ретко, а тешко може да се предвиди каде и со колкав интензитет би биле. Еден таков потенцијално опасен (во глобални рамки) супервулкан се смета Јелоустон (Yellowstone) во САД, со калдера широка 50-60 км, кој во најново време покажува одредена динамика. При евентуална суперерупција, овој вулкан би предизвикал катастрофа од невидени размери во делови од Северна Америка, а ефектите би се почуствувале во голем дел од северната хемисфера (7).

Од сето претходно произлегува дека за сега, за Република Македонија нема некоја поголема реална, директна опасност од блиска вулканска ерупција. Поголемите вулкани (потенцијални супервулкани) во овој дел на Европа не покажуваат некоја зголемена и загрижувачка активност. Последиците пак од евентуалната ерупција би зависеле од силината, близината и местото на ерупцијата, типот на исфрлениот материјал, циркулацијата на воздушните маси во тој период, временските прилики, сезоната (лето, зима и сл.), пропратните вулкански и сеизмички ефекти и многу други. Затоа, без оглед на тоа што моментално не се гледа некоја опасност од вулкански ерупции, треба да постои соодветна проценка на ризици од такви настани за подрачјето на нашата држава.

На крај, често пати кога посетителите ги набљудуваат вулканските купи по Кратовско-Злетовската област, прашуваат дали има некаква можност тие повторно да се активираат. Одговорот секако е не. Тоа се остатоци од стари вулкани кои функционирале пред повеќе милиони години, за време на поинаква тектонска структура на целиот овој дел од Балканскиот Полуостров. Денес, може сосема „безгрижно“ да уживаме во глетката кон нив и само во мислите да се вратиме до времето на спектакуларните ерупции.

Извори:

(1) http://en.wikipedia.org/wiki/Laacher_See
(2) http://www.time.mk/read/NONE/fe9509abd8/index.html
(3) http://www.kurir-info.rs/planeta/supervulkan-preti-evropi-167620.php
(4) http://en.wikipedia.org/wiki/Minoan_eruption
(5) http://www.drgeorgepc.com/TsunamiSantorin.html
(6) http://en.wikipedia.org/wiki/Santorini
(7) http://www.earthmountainview.com/yellowstone/yellowstone.htm

Автор: д-р Ивица Милевски, Институт за географија, ПМФ, Скопје

 

Оваа статија е прочитана 4898 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема · Tags: , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger