Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот » Островот Родос – Медитеранската убавина!

Островот Родос – Медитеранската убавина!

07.09.2021

Најголемиот остров на Додеканезите и четвртиот по големина грчки остров Родос, поради својата стратешка позиција меѓу Крит и Турција, има големо значење и исклучително бурна историја со векови. Антички Грци, Римјани, Византијци, Османлии и Италијанци живееле на ова подрачје. Мешањето на овие народи кои ги оставиле своите траги и стапки, го прави Родос толку многу уникатен. Сепак, имајќи предвид дека срцето и најголемата атракција на Родос е Стариот град изграден од витезите болничари во текот на 14 век, слободно можеме да кажеме дека Родос бил и останува остров на витези, а исто така се уште може да се почувствува здивот од средновековниот дух на неговите улици.

Кога на тоа ќе додадеме десетици плажи во близина на Родос, со нереално убави сино-зелени нијанси на морето, непроценливо историско и културно наследство, манастири на карпи, заносен панорамски поглед, вкусна храна и бесконечни можности за излети и екскурзии, ни станува јасно зошто Родос е меѓу најпосетуваните грчки острови. Стариот град е центар на сите настани и без сомнежи е омилен кај туристите на островот. Тој е меѓу најдобро сочуваните и најголемите средновековни градови во Европа и е под заштита на УНЕСКО. Најпосетуваните атракции во внатрешноста на ѕидините се од историски тип, поврзани со Хоспиталците, како што е големата палата која меѓу различните цели низ историјата, некое време беше летна резиденција на Бенито Мусолини, за време на италијанското владеење на островот. Тој е еден од ретките примери на готска архитектура во Грција.

Доколку одите во Родос, препорачливо е да го посетите Линдос. Ова елегантно планинско село, а воедно и археолошки локалитет се наоѓа на околу 60 km од Стариот град и е едно од најубавите места на островот. Линдос освојува со архитектурата и белите куќи карактеристични за Кикладите, прекрасните песочни плажи и нереалните глетки. Линдос има и своја акропола на ридот над селото. За да стигнете до него, потребно е да искачите значителен број на скали, но за тоа ќе бидете наградени со преубава панорама на Родос. Тука сè уште се истражуваат антички урнатини, а особено е интересно да се видат активните ископувања.

Она што го прави Родос како уникатен остров е исто така и комплексот Калитеа Терме. Импресивна мешавина од зачудувачка архитектура, уметност и прекрасна природа на само 9 km од центарот на градот. Организирани екскурзии често нудат комбинирана посета на бањи, долината на пеперутките (сезоната трае до јуни и јули) и друго природно чудо наречено Седум извори. Тоа е езеро со мал водопад опкружен со бујно зеленило, а погоден е и за пливање.

Плажите на Родос се многубројни и разновидни. Од големи, уредени плажи, до мали, скриени, напуштени заливи – Родос нуди по нешто за секого. Најубавите плажи се наоѓаат на источната страна на островот. Западниот дел е посвеж и има борова шума, додека југот е многу ветровит, тивок и популарен меѓу љубителите на спортови на вода.

Кога станува збор за манастирите на Родос, не пропуштајте го Цамбику, кој се наоѓа на рид со незаборавен поглед. Без разлика дали патувате со вашето семејство, барате неодоливо романтично прибежиште, планирате авантура со пријателите или сакате место каде да уживате, уникатноста на Родос никого не остава рамнодушен.

Користена литература:

  1. www.grckainfo.com/blog/rodos-ostrvo-koje-se-pamti
  2. www.rhodesguide.com/
  3. www.visitgreece.gr/islands/dodecanese/rhodes/

Изработил: Дамјан Николовски – студент на туризам на Институт за географија

Корекција: Бојана Алексова – дипломиран географ

 

Оваа статија е прочитана 306 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger