Интересни факти за Белград

01.10.2021

Белград е главен, но и најголем град во Србија, кој се наоѓа на устието на реките Сава и Дунав. Овој град брои над 1,2 милиони жители, додека во рамките на неговите административни граници живеат над 1,6 милиони луѓе. Тој е најголемиот град на територијата на поранешна Југославија и по бројот на жители е четврт во Југоисточна Европа по Истанбул, Атина и Букурешт. Белград има статус на посебна територијална единица во Србија, со посебна автономна градска власт. Градот зафаќа преку 3,6% од територијата и 21% од населението на Србија (без Косово). Претставува економски центар и главен град на српската култура, образование и наука.


Белград се наоѓа на околу 120 метри надморска височина. Урбаната површина на градот изнесува 359,92 километри квадратни. Неговото историско јадро (денешна Белградска тврдина) се наоѓа на десниот брег на реката Сава, на раскрсницата на западната и источната европска култура. Има статус на посебна територијална единица во Србија, со посебна автономна градска власт. Неговата територија е поделена на 17 општини, и тоа: Барајево, Бождовац, Врачар, Гроцка, Ѕвездара, Лазаревац, Младеновац, Нов Белград и Земун (кои се наоѓаат на левиот брег на реката Сава), Обреновац, Палилула, Раковица, Савски венец, Сопот, Стари град, Сурчин и Чукарица. Мошне актуелност станува новата населба „Белград на вода“, која ќе биде една од најелитните населби во градот. Сообраќајот во Белград е прилично развиен, со патен, железнички, воден и воздушен сообраќај. Патниот сообраќај е составен од автобуси, трамваи, автомобили и сл., а железничкиот со возови. Меѓутоа треба да се напомене дека населението има голем проблем со паркинг места во центарот на градот. Водниот сообраќај е исто така доста развиен, со бројни трговски и туристички пловни објекти по реките Дунав и Сава. Најпрометниот аеродром во Србија е Никола Тесла, оддалечен 12 km од центарот на Белград. Изградбата на аеродромот започнала во април 1953 година и завршила на 28 април 1962 година, кога официјално бил отворен од тогашниот претседател Јосип Броз Тито.

Поради својата атрактивност, Белград го посетуваат голем број туристи од различни делови на светот. Значајни туристички атракции се: тврдината Калемегдан, Храмот „Св. Сава“, Боемскиот кварт односно Скадарлија, интересни музеи, шопинг центарот Ушче и други. Една од најпосетуваните локации во Белград е тврдината Калемегдан, која се наоѓа во општината Стар Белград, на десниот брег на Сава, на нејзиниот влив во Дунав. Тврдината е градена од 13 до 19 век. Во 19 век е трансформирана во парк, така што денес важи за историско-културен комплекс. Пред Првата светска војна Калемегданскиот парк завршувал на местото каде денес има камени скали кои водат кон долната тераса. Земјиштето зад овие скали сè до 1929 година било потполно неуредено и обраснато со коров. По 1931 година, паркот бил проширен, а во негова околина се поставени многу споменици. На Калемегдан се наоѓаат: Воениот музеј, уметничкиот павиљон „Цвијета Зузориќ“, Градскиот завод за заштита на споменици на културата, Зоолошката градина, римскиот бунар, детски забавен парк, Гробница на народните херои на Калемегдан, голем број на спортски игралишта и угостителски објекти и Музејот на природата.

Освен Калемегдан, како една од посетуваните и атрактивни локации, Белград, исто така го има најголемиот православен храм на Балканот, Храмот „Свети Сава“. Подигнат е на местото за кое се сметало дека Коџа Синан-паша во 1594 година ги запалил моштите на Свети Сава, основачот на Српската православна црква. Храмот „Свети Сава“ е изграден во српско-византиски стил, со четири ѕвона, високи 44 m. Висината на врвот на куполата изнесува 70 m, додека главниот позлатен крст е висок уште 12 m, што му дава на врвот на храмот вкупна висина од 82 m.

Шопинг центарот Ушче е доста посетуван и е еден од најпознатите молови во Белград, оддалечен од центарот околу 1,8 km. Скадарлија, наречена и Боемски кварт е еден од симболите на градот Белград. Се наоѓа во центарот на градот и делумно го има зачувано амбиентот на традиционалната урбана архитектура, која е позната како главниот боемски кварт на Белград. Од 1967 година Скадарлија е заштитено културно-историско наследство. Скадарлија е една од локациите во Белград која што ја посетуваат голем број на странски туристи, посебно заради вкусната храна и пријатната боемска атмосфера.

Има уште многу што да се каже за овој прекрасен град на две големи реки. Сепак останува на вас да го посетите и да уживате во неговата волшебна привлечност. Градот ќе ве воодушеви со прекрасниот амбиент, вкусната храна и богатиот ноќен живот.

Користена литература:
mk.wikipedia.org/wiki
religija.mk/sveti-sava-hramot-shto-ne-e-zavrshen-veke-122-godini/
www.beogradskatvrdjava.co.rs/?lang=en

Изработила: Михаела Димовска – студент на Институтот за географија, ПМФ

Корекции: Бојана Алексова – дипломиран географ

Оваа статија е прочитана 453 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Advertisment ad adsense adlogger