Кањонот на Гошинска Река – уште една слабо позната атракција во Македонија!

Северно од Скопје, поточно помеѓу градот Скопје и Куманово се наоѓа средно-високата планина Скопска Црна Гора со највисок врв Рамно (1651 m). Иако првата помисла на оваа планина не не асоцира на нешто атрактивно, сепак истата има бројни „скриени“ природни убавини, кои се недоволно познати на пошироката јавност. Такви се клисурата на Липковска Река, потоа клисурата на Бањанска Река, истакнатите врвови и гребени, планински реки и водопади и сл. Од нашите бројни теренски посети, особено силен впечаток ни остави клисурата на Липковска Река, над езерото Глажња. Клисурата на Липковска Река (притока на Кумановска Река т.е. на Пчиња) со Гошинска Река (Камена) се наоѓа во источниот дел на планината Скопска Црна Гора. Долга е 15 km, од с. Брест до с. Липково. Клисурата е длабока 400-600 m, на некои места доста стрмна. Во самата клисура се двете вештачки езера, Липковско и Глажња.

На овој простор, особено атрактивен е краткиот кањон на Гошинска (Камена) Река, непосредно под с. Гошинце. Кањонот се протега од составот на Гошинска и Малинска Река, па до вливот на Брестанска Река, односно до почетокот на Глажњанско Езеро, на вкупна должина од 4 km. Неговата длабочина е помеѓу 300 и 500 m, а највисоките, вертикални карпести отсеци имаат височина до 150 m. По дното на кањонот, низ карпесто корито тече Гошинска Река, по чија должина се јавуваат мали водопади. Поради застапеноста на палеозојските мермери, по кањонските страни, има појава на поткапини и кратки пештери, кои сеуште не се истражени. Инаку, кањонот е формиран долж тектонски расед и всечен во палеозојски карпи (мермери, кварцити и шкрилци).

До кањонот може да се дојде на два начина. Првиот е преку патот кој води околу езерото Глажња (Глажњанско Езеро) и се искачува кон с. Гошинце. До с. Думановце истиот е асфалтиран, а потоа продолжува како макадамски пат. Од него се протега извонреден поглед кон кањонот, особено на неколку истакнати места непосредно под с. Гошинце. Овој пат преку Копиљача и врвот Кодра Фура на самата граница кон Косово се спојува со асфалтниот пат кој води до с. Танушевци. На овој начин се пристапува кон горниот, повисок дел на кањонот, на околу 150 m над Гошинска (Камена) Река. Вториот начин е со пешачење по дното на кањонот. За ваква авантура, првин со теренско возило треба да се дојде до подножјето на с. Брест (до местото каде што Брестанска Река се влива во Гошинска Река), односно над вливот на Гошинска Река во езерото Глажња. Сепак, движењето по дното на кањонот треба да биде внимателно, бидејќи истото на некои места е ризично. Од друга страна, ова е најдобар, па и единствен начин кањонот да се доживее во сета негова атрактивност. Тоа од причина што движејќи се по дното на кањонот, се минува покрај вертикални карпи, кои оставаат впечаток на тунел.

Освен кањонот на Гошинска Река, на овој просор мошне величествени се длабоките, речиси кањонски долини на Брестанска и Маринска Река, кои всушност се изворишни делови на Липковска Река. Овој простор го краси, не само извонреден геодиверзитет, туку и богат биодиверзитет. За жал, во последните децении се врши силна деградација на шумите преку прекумерна, илегална сеча што за последица има оголување на планинските падини и претерана ерозија.

Добро е да напоменеме дека по патот помеѓу Липковско Езеро и Глажња има повеке ресторани, во кои може да се освежите и да уживаме во панорамскиот видик. Без оглед на извонредната (делумно загрозена) убавина, овој простор е релативно слабо посетуван. Причината за тоа е што истиот е сеуште недоволно познат за јавноста, но и слабата и лоша сообраќајна поврзаност. Во најголем дел тоа се лоши макадамски патишта по кои се поминува со теренско возило (нашите посети ги реализиравме со Dacia Duster без никакви потешкотии).

На крај, мора да напоменеме дека покрај преубавиот природен пејзаж и извонреден геодиверзитет, бевме непријатно изненадени од слабата грижа за зачувување на природата на овој простор. Тоа особено во поглед на десетиците диви депонии и огромна количина на отпадоци и градежен шут расфрлани на сите страни покрај двете езера и покрај патот до с. Гошинце и с. Брест. Во таа смисла, мора да се постави соодветна инфраструктура, да се делува на свестаа на локалното население и посетителите. Воедно, треба да се размислува и за законска заштита на уникатните кањонски предели на овој дел на Скопска Црна Гора.

Консултирана литература:

Милевски И. (2011): Викенд предлог: Скопска Црна Гора, www.igeografija.mk/Portal/?p=522

Автори: Ивица Милевски и Бојана Алексова

Оваа статија е прочитана 2589 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *