Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Дали од Солунска Глава може да се види Солун?

Дали од Солунска Глава може да се види Солун?

29.01.2012

Солунска Глава е највисокиот врв на планината Јакупица, висок 2540 м. Тој е и највисок врв во овој дел на државата. Според разни противречни кажувања и тврдења, за многу ведро време и чиста атмосфера, од врвот се гледа градот Солун, односно Солунскиот Залив, што често се наведува и како причина за името на врвот. Така, според една анегдота, во 1924 година група војници и еден офицер од тогашна Југославија биле на логорување во реонот околу врвот. Една тивка вечер офицерот покажал кон треперливите светулки во далечината низ повардарието, велејќи им на војниците дека тоа е Солун. Но, дали тоа е навистина точно?
Разни истражувања и сознанија низ Светот, покажуваат дека при солидни временски услови и добра положба (височина), човечкот може да види подрачја оддалечени 200-300 км, а најмногу до околу 500 км (1). Растојанието помеѓу Солунска Глава и Солун е само 180 км, што значи тоа не би било проблем. Меѓутоа, временските услови околу врвот во текот на годината не се многу поволни, а и да има „поволни денови“ тешко со сигурност би потврдиле до каде е видикот. Затоа, за да се провери митот, изведовме едно мало истражување со користење на 90 метарски (SRTM) и 30 метарски (ASTER) дигитален модел на релјефот. Потоа поставивме серија на дигитални топографски профили помеѓу двете места, како и серија на анализи на топографска видливост. Во постапката е земена во предвид и закривеноста на земјината површина.
Резултатите покажаа дека во никој случај не е возможно од врвот Солунска Глава, но и од било кој дел на Јакупица да се види градот Солун ниту околниот рамничарски или морски простор во Солунскиот Залив. Главна пречка за тоа се високите делови на планината Кожуф кои се испречени широко на видиковата линија. За ведро и убаво време, најблиску што би можело да се види до Солун од врвот Солунска Глава се ниските планини 35 км на североисток од градот. Од друга страна пак, делови од Солун и Солунскиот Залив од наша територија би можеле убаво да се видат од високите била на Ниџе, Беласица, па дури и Плачковица, 140 км на север.

(1) http://mintaka.sdsu.edu/GF/explain/atmos_refr/horizon.html

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 7551 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger