Климатски рекорди на Земјата

6.02.2012

Деновиве велиме дека е многу студено или дека има многу снег, а во лето пак ни е многу жешко, премногу сушно или премногу врне. Но како е тоа по Светот и кои се климатските екстреми за наведените појави?

Места со најтопла клима на Земјата

Највисоката температура на воздухот е измерена во местото Ел Азизија во пустинските делови на Либија со вредност од 57,8 степени целзиусови (во 1922 година)! Речиси иста вредност (57,1 степен) е забележана во Долина на Смртта во САД, во 1913 година. Највисока пак просечна температура во текот на годината, имаат некои места во пустината Калахари со 43,3 степени (1). Површината на потемните карпи во оваа пустиња, преку ден може да се загрее над 100 степени, а преку ноќ да падне и под нулата! Инаку, сите континенти (секако освен Антарктик) имаат места со рекордни температури над или околу 50 степени. Во Европа, рекордот го држи градот Севиља со 50 степени целзиусови измерени во 1881 година (2). Во Македонија, највисока температура е измерена во Демир Капија и изнесува 44,5 степени. Инаку, температурата на воздухот според меѓународните стандарди се мери во сенка. На отворено, таа е 10-20 степени повисока од споменатите вредности.

Најстудените места на Земјата

Најстуденото место на Земјата е во подрачјето на истражувачката станица Восток на Антартик, каде во јули 1983 година се измерени -89,2 степени целзиусови! Интересно е што овде, под 2,5 км дебелиот мраз се наоѓа едно од најголемите езера на Земјата до кое човекот сеуште не допрел. Второто најстудено место е селото Ојмјакон во североисточниот дел на Сибир, каде се измерени -71,2 степени. Температури до -50 степени овде се честа појава во зимскиот период и речиси нормални за населението (3). Во Европа, најстудено место е Устшчугор во Русија, каде се регистрирани -55 степени, а слични вредности се јавуваат во Финска, Шведска и други држави. Во Македонија, најниски температури се забележани во Битола и во Берово, достигнувајќи вредности од -31,5 степени!

Најснежни места на Земјата

Рекордот за најголема количина на паднат снег во Светот е забележан на планината Маун Бакер (Mount Baker) во североисточниот дел на САД, близу до островот Ванкувер. Овде,  во зимата 1998/99 година, вкупно наврнал снег со дебелина од 28,9 м. Претходен рекордер е соседната планинска област Mount Rainier, каде во зимата 1971/72 година наврнал снег со дебелина од 28,5 м. Навистина дебела снежна покривка е забележана и во Јапонија на планината Ибуки во 1927 година од 11,8 м (4), а со над 10 метри на неколку места во Норвешка, Канада и други. На Балканскиот Полуостров пак, рекордери по дебелина на снежна покривка се словенечките Алпи и Триглав (Кредарица) со над 2,5 м. Во Македонија, се смета дека најголема снежна покривка има во Маврово и на други делови од планината Бистра, со длабочина и до 2 м.

Најврнежливите места на Земјата

Најврнежливите места во Светот се наоѓаат главно во тропскиот и монсунскиот дождовен појас. Според просечната сума на врнежи во текот на годината, апсолутниот рекорд во Светот, а воедно и Гинисов рекорд го држи местото Мавсинрам во североисточна Индија со количество од 11.872 мм (11,8 метри) годишно (5). Нешто помал просек на врнежи има блиското место Черапунџи со 11.430 мм. Во овој регион во месеците јуни, јули и август речиси непрестано врне, а влажноста е над 90%. Годишниот рекорд пак на паднати врнежи го има градчето Тутунендо во Колумбија, во провинцијата Чоко на границата со Панама. Овде во 1974 година наврнало вкупно 26.303 мм (26 м) дожд, при што врнело речиси секоја ноќ во текот на годината. Забележани се врнежи од по 500 мм за едно деноноќие, што е речиси колку што врне за цела година во Скопје или другите градови кај нас! Во Европа, најврнежливото место е Црквице во Црна Гора, над Бокакоторскиот залив, со просечно 4650 мм годишно. Во Македонија пак, најврнежливи места се во долината на Радика и по падините на Бистра и Стогово, каде просечно годишно има по околу 1200-1400 мм врнежи.

Најсушните места на Земјата

Најсушните пак места во Светот секако се пустините, особено оние добро заградени со планини од повеќе страни. За најсуво место на Земјата се смета пустината Атакама во Чиле – Јужна Америка, со просек од само 0,7 мм врнежи годишно, што значи дека обично врне по еднаш на неколку години. Така, во малото градче Арика во Атакама, кое се наоѓа покрај брегот на Тихи Океан воопшто не заврнало цели 15 години: од 1903 до 1918 година. Се смета дека во внатрешноста на Атакама има места каде не заврнало повеќе од 500 години! Сепак, апсолутно најсуво подрачје на Земјата се наоѓа на Антарктик. Тоа е Dry Valley (Сувата Долина), каде воопшто не врне веќе стотици години. Ова подрачје иако е доста студено и ветровито, нема мраз или снег. Многу суви подрачја со врнежи под 10 мм годишно уште се и пустињата Куфра во Либија, потоа пустинските делови на Египет, пустината Мојаве и Долината на Смртта во САД, Западно-Австралиската пустина и други (6). Во Европа, најсуво подрачје е Астрахан во Русија со врнежи од 162 мм годишно (7), потоа делови на централна Шпанија, Сицилија и секако централните делови на Македонија (Градско) со само околу 350 мм годишно.

(1) http://wiki.answers.com/Q/Where_is_the_hottest_place_on_earth
(2) http://opentravel.com/blogs/over-50-c-i-e-the-hottest-places-on-earth/
(3) http://www.mnn.com/lifestyle/eco-tourism/stories/the-coldest-places-on-earth
(4) http://webecoist.momtastic.com/2010/06/22/9-more-most-extreme-places-on-the-planet/
(5) http://en.wikipedia.org/wiki/Rain
(6) http://www.ouramazingplanet.com/1597-10-driest-places-on-earth.html
(7) http://www.currentresults.com/Weather-Extremes/europe.php

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 11485 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Advertisment ad adsense adlogger