Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Најзагадените градови во светот во 2011 година

Најзагадените градови во светот во 2011 година

6.02.2012

Многу светски градови претставуваат подрачја со нарушена рамнотежа на животната средина и загадувањето претставува најсериозниот проблем со кој се соочуваат. Животниот простор на човекот се повеќе се стеснува, на просторите на градовите сместени се многу индустриски објекти, густиот автомобилски сообраќај и ослободувањето огромни количества штетни издувни гасови се само некои од факторите кои го прават градскиот простор загрозен и загаден за човекот. Човекот постојани ги губи основните услови за нормално живеење и работење. Истражувајќи кои се најзагадените градови во 2011 година, дојдовме до следните податоци.

Лагос. Лагос со 12 милиони жители е најголем град во Нигерија и еден од поголемите во Африка. Најголем проблем претставуваат густиот чад и маглата, особено во градското централно подрачје. Околу една петина од сите болести кај луѓето поврзани се со загадувањето и проблемите на респираторниот систем. Понатака огромен проблем е тоа што не постои централна канализациска мрежа и пречисителна станица. Канализациите се празнат во лагуната, додека отпадоците од домаќинствата се собираат и се носат во депонија во северниот дел од градот, таму се палат, од каде поголемиот дел од чадот се враќа назад во Лагос.

Карачи. Карачи со 13 милиони жители е најголем град во Пакистан и главен финансиски и трговски центар. Најголем проблем во градот е загадениот воздух. Главен извор на загадувањето се големиот број моторни возила. Се проценува дека нивниот број е поголем од 1,5 милиони и дека секој ден бројот се зголемува за 300.  Една третина од болестите на луѓето се последица на неквалитетниот воздух. Во постојан пораст се срцевите заболувања, на црниот дроб, кожата и психички болести. Покрај загадениот воздух, голем проблем е бучавата, предизвикувајќи оштетувања на слухот, главоболки и хипертензија кај населението.

Дака. Дака е главен град на Бангладеш, има околу 7 милиони жители. Во минатото бил сиромашен и опустошен град од војни и природни катастрофи, но денес Дака е центар на политичкиот, културниот и економскиот живот на Бангладеш и пошироко. Индустријализацијата му донесе богатство, но ја избриша природата и градот има огромни проблеми со загадувањето. Проблеми со загадување на водата, која е загадена со нафта, бои, хемикалии и фекалии и загадување на воздухот со прашина и чад од големата концентрација на возилата. Купови ѓубре може да се видат на улиците, а нивното отстранување е многу бавно.

Мексико Сити. Мексико Сити е главен и најголем град во Мексико, има околу 9 милиони жители. Мексико Сити во многу краток временски период помина од групата на најчисти во групата на најзагадените градови во светот. Видливоста во 1940-тите била 100 км, а денеска таа изнесува само 1,5 км. Град кој се гуши во смог. Тоа е резултат е на пренаселеноста, густиот сообраќај и местоположбата. Поради големата загаденост на воздухот возењето е ограничено според последната бројка на регистарската табличка, но сепак децата се уште на цртежите небото го бојат со сива боја.

Њу Делхи. Њу Делхи е главен град на Индија, во него живеат 300.000 жители, а заедно со стариот дел Делхи, кој се наоѓа малку северно, има скоро 20 милиони жители. Развојот на индустријализацијата и имиграцијата се главните предизвици кои треба да се надминат. Секојдневно бројот на моторните возила се зголемува за околу 1000. Индустријата фрла 3.000 тони штетни честички во воздухот секој ден. Термоелектраните на загадувањето на воздухот придонесуваат со 13%. Подземните води се загадени со токсични хемикалии испуштени од индустриите.

Мумбај. Мумбај е град во Индија, најголемо пристаниште на Арапското Море и Индискиот Полуостров. Има околу 12,5 милиони жители или заедно со предградието скоро 20 милиони. Огромни купишта ѓубре и смрдеата го уништуваат и загрозуваат животот во овој град, не е организирано собирање на сметот. Поголемиот дел од Мумбаи нема канализација, а водоводот ги задоволува само половина од потребите.

Мапуто. Мапуто е главен и најголем град во Мозамбик, има околу 1,2 милиони жители. Се смета за еден од најпрометните и претрпаните градови во светот. Овде може да се видат купишта отпад во различни улици во градот. Постојат места во градот каде луѓе поради смрдеата од ѓубрето несмее да се оди. Загадувањето во овие делови е масивно и ја расипува убавината на целиот град. Канализацијата е застарена, потребна е итна реставрација.

Багдад. Багдад е главен град на Ирак и во него живеат околу 7,2 милиони луѓе. Поради војната која се водеше и уште се води во државата, Багдад е еден од најзагадените градови во светот. Честите бомби и експлозии постојано го зголемуваат загадувањето. Илјада тони токсични материии се наоѓаат во Багдад. Климата е сува со мали количества на врнежи што погодува за поголема загаденост на воздухот. Многу е лош и квалитетот на водата. Не ретко се појавуваат разни болести во градот, примерот со колера во 2007 година.

Извори:

(1) Селмани А., Димитровска О., (2004): Животна средина, Скопје
(2) http://www.tiptoptens.com/2011/04/12/top-10-most-polluted-cities-in-the-world/
(3) http://en.wikipedia.org

Подготвил: Ивица Маџевиќ, дипломиран географ

Оваа статија е прочитана 4685 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести · Tags: ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger