Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Интересни податоци за Охридското Езеро

Интересни податоци за Охридското Езеро

21.02.2012

Ви претставуваме некои од претходно познатите но и неодамна презентираните сознанија за Охридското Езеро.

Охридското Езеро спаѓа во групата на многу стари, тектонски езера, можеби меѓу неколкуте најстари во Светот, а со сигурност најстаро во Европа. Според повеќе истражувања, неговата старост изнесува помеѓу 3 и 5 милиони години, што значи дека настанало уште во Плиоцен! Слични, многу стари езера се Бајкалското во Азија, Титикака во Јужна Америка и Тангањика во Африка. Инаку, за стари езера се сметаат оние коишто настанале пред Холоцен, а за многу стари се сметаат оние настанати пред Плеистоцен (1). Обично, езерата за период од неколку десетици до стотици илјади години се засипуваат со седименти, но кај Охридското Езеро кое добива многу бистра, изворска вода од карстните терени, тоа не било случај. Втора причина е долготрајното тектонско „тонење“ на дното од езерото, со што се компензирало слабото засипување со седименти.

Охридското Езеро е меѓу најбогатите езера во светот со ендемични видови кои ги има над 200! Побогати се единствено Бајкалското, Тангањика, Викторија и Малави, меѓутоа тие се и многу поголеми од Охридското. Според големината, Охридското Езеро се смета за најбогато со ендемити во Светот! Голем број од овие видови се непроменети уште од времето на настанувањето на езерото, па претставуваат „живи фосили“ со огромно значење за согледување на еволуцијата на живиот свет, но и на самото езеро (1).

Охридското Езеро се прихранува претежно со изворска вода од бројните површински и подводни извори. По тој однос, одделни истражувачи го сметаат како единствено во светот. Најголемиот дел од површинските извори се наоѓаат на јужниот брег од Езерото кај манастирот Свети Наум на македонска страна, потоа во околината на селата Тушемиште и Старово и градот Поградец во Албанија. Во Езерото се вливаат околу 40-тина реки и потоци (23 на албанска територија и 17 на македонската територија). Најголемиот дел од нив во текот на летниот период пресушуваат, додека реките Сатеска, Коселска и Чорава се единствените водотеци со значаен протек што се влеваат во Езерото.

Охридското Езеро е со најголема просечна длабочина (155 м) во Европа, а 14-то во светот. Тоа е меѓу 10-те најдлабоки (289 м) езера во Европа и меѓу 50-те најдлабоки во светот (2)! Поради големата длабочина, подлабоко од 100-150 м не може да допре сончевата светлина и таму владее потполн мрак. Меѓутоа, во Охридското Езеро има организми навикнати и на такви услови и прилагодени за живот во потполн мрак.

Поради значителната максимална (289 м) и просечна длабочина (155 м), Охридското Езеро располага со голема количина на вода од 55 км кубни (3)!  За споредба, тоа е многу повеќе од сите други природни и вештачки езера во Македонија заедно, а кога би се распоредила рамномерно, таа вода би ја прекрила целата територија на Македонија со длабочина од над 2 м! Големото количество на вода влијае врз климата во регионот на езерото – преку лето врши разладување, а преку зима загревање на воздухот! Од истите причини, Охридското Езеро никогаш не замрзнува.

Силните ветрови над Охридското Езеро, условуваат тоа да биде доста разбранувано. При многу силни ветрови, брановите на одредени делови од езерото може да достигнат голема височина до речиси 1,5 м! Покрај бранови, целата вода во езерото се движи во правец обратен од стрелките на часовникот, но и вертикално, што условува мешање на водата.

Провидноста на водата во Охридското Езеро е доста голема и според повеќе мерења изнесува до 22 м (4)! Причина за тоа е чистата вода со која се „храни“ езерото, а која главно доаѓа од карстните терени на околните планини. Најголем дел од водата доаѓа од повисокото Преспанско Езеро и преку подземни пукнатини низ планината Галичицана, избива на повеќе места во вид на силни извори – врутоци покрај источниот брег.

По дното на Охридското Езеро со текот на вековите се исталожени огромни напласти на седименти, дебели стотици метри. Тие претставуваат „историски записи“ за езерото и приликите во овој простор. Со нивното проучување е утврдено дека климата во овој регион доста се менувала – од многу студена и сува, до доста топла и влажна. Во седиментите се пронајдени дури и тенки слоеви на вулканска тефра, донесена и исталожена за време на минатите вулкански ерупции на Везув и Етна!

По брегот на Охридското Езеро има околу 100-тина природни плажи, а по стрмните карпести брегови има поголем број на кратки пештери. Дел од тие пештери и поткапини се формирани со ударите на брановите во брегот низ долг временски период.

Извори:

(1) Wagner B., Wilke T. (2011): Evolutionary and geological history of Balkan Lakes Ohrid and Prespa, Biogeosciences, 8, 995-998
(2) http://en.wikipedia.org/wiki/List_of_lakes_by_depth
(3) Matzinger, A., Jordanoski, M., Veljanoska-Sarafiloska, E., Sturm, M., Muller, B., and Wuest, A.: Is Lake Prespa jeopardizing the ecosystem of ancient Lake Ohrid?, Hydrobiol., 553, 89–109, 2006
(4) Стојмилов А. (2003): Физичка географија на Република Македонија, Скопје

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3236 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , , , , ,

Leave a Reply