Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Интензивните снежни врнежи не се ништо невообичаено за Македонија

Интензивните снежни врнежи не се ништо невообичаено за Македонија

13.02.2012

Првата половина на месец февруари беше карактеристична по интензивните снежни врнежи во Македонија, но и на целиот Балкански Полуостров. Кај нас, височината на снежната покривка на одредени места достигна големи вредности во однос на претходните неколку години, што предизвика вистинско изненадување. Тоа е поради фактот што во последните десетлетија, веројатно како последица на глобалното затоплување, зимите на овие простори станаа доста потопли и посушни. Сепак, ако се вратиме наназад, имало периоди и години со многу подолготрајни и поинтензивни снежни врнежи. Особено била карактеристична зимата 1953/1954 година, кога во Скопје снежната покривка непрекинато се задржала дури 74 дена, а снегот достигнал височина од 46 см. Истата година, во тетовско снегот кој достигнал височина од 117 см, се задржал непрекинато цели 106 дена, додека во гевгелиско снегот достигнал височина од за овој простор импозантни 80 см. Во кумановско пак, највисока снежна покривка од 70 см имало 1962 година, а најдолго задржување на снег во споменатата 1954 година и тоа непрекинато дури 77 дена! Во битолско, најдолго траење на снежниот покривач од 70 дена се случил 1974 година, а снегот достигнал височина од 65 см (1). Од 1980-тите години наваму, траењето и висината на снежната покривка значително се намалуваат, а како покарактеристични години кои отстапуваат од овој тренд се 1985, 2000 и секако оваа 2012 година. Оваа зима, снегот речиси насекаде низ државата достигна значителна височина од неколку дестици см, а според одредени извештаи, на Кожуф се измерени дури 220 см снег што би било рекордна вредност за Македонија од почетокот на мерењата во нашата држава. Причина за вака снежна и студена зима, веројатно се промените на циркулацијата на воздушните маси во овој дел на Европа како последица на топењето на Арктичката мразна маса во летото, потоа влијанието на зголемената сончева активност (чиј 11-годишен максимум е 2012/13 година), перихелната положба на Земјата (која беше најблиску до Сонцето околу 5-ти јануари, што услови интензивно испарување над океанско-морските области) и многу други. Инаку, снегот секако ќе има многу поволно влијание со оглед на претходно сушниот летно-есенски период во 2011 година и лошата хидролошка состојба. Затоа, да му се порадуваме на снегот уште неколку дена, бидејќи веќе во текот на идната недела се очекува престанок на врнежите и топење во пониските места. Тоа пак може да предизвика други проблеми како појава на лавини, одрони, а подоцна и високи води, поплави и слично, но за нив во некоја следна прилика.

Извор:

(1) Лазаревски А. (1993): Климата во Македонија, Скопје

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2055 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger