Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Напуштени градови

Напуштени градови

16.02.2012

Постојат илјадници целосно напуштени градови во светот. Сите тие ја имаат сета потребна инфраструктура, улиците, куќите, училиштата, но седат празни и безживотни, остануваат да сведочат за животот кој некогаш постоел таму. Причините за нивно иселување се најразлични, поради војни, некои природни катастрофи, ја изживеале својата намена, со текот на времето и слично. Градови со минато, без иднина, кои на прв поглед делуваат и малку морничаво. Ова се некои од најинтересните.

Кадикан. Кадикан е иселен град во Сусуманскиот регион на Магаданската област, во североисточна Русија. Изграден е со одлука на комунистичкиот режим за населување на напуштени делови на СССР, за време на Втората светска војна, на место на поранешен гулаг (логор за присилна работа во кој биле затворани противниците на тогашниот режим). Неговата економија се базирала на рудниците за јаглен. Во 1989 година во градот живееле 5.794 луѓе, 2002 година имало 875 луѓе и во 2010 година, во прелиминарните резултати од пописот, во градот немало население. По распаѓањето на Советскиот Сојуз драстично се намалува индустриското производство во земјата и 1996 година во експлозија во еден од рудниците ќе загинат 6.000 луѓе. Сето тоа ќе доведе рудниците да бидат затворени. Поради неисплативоста и скапото оддржување на градот, владата на Русија ќе го исели. Луѓето преселени се во други градови, зад себе оставајќи ги своите лични работи, парковите, куќите, зградите, оставајќи го градот празен и тивок.

Петра. Петра е иселен град во југозападниот дел на Јордан, некаде на средина пат помеѓу Акабскиот Залив и Мртвото Море. Историјата на градот поврзана е со Набатејското царство во 6. век п.н.е.. Бил негова престолнина, еден од најубавите градови од тој период и јазол на најважните трговски патишта. Петра во 106 година станува дел од Римската империја, а околу 630 година бил освоен од муслиманите. За време на Ерусалимското кралство, она што останало од градот, заземено е од Балдуин I, a под контрола на крстоносците останува се до 1189 година. Од периодот на крстоносците, па се до 1812 година Петра ќе биде заборавен за Европа, кога повторно ќе биде откриен од Швајцарецот Буркхарт. Од 6 декември 1985 година се наоѓа на Листата на светското културно и природно наследство на УНЕСКО. Во 2007 година го посетиле 580.000 туристи, а таа година ќе се најде на листата на Седумте светските  чуда на новиот свет. Сочувани се околу 800 поединечни споменици, вклучувајќи згради, гробници, погребни сали, бањи, храмови, светилишта и улици, врежани во карпи од многу технички и уметнички гении од тоа старо време.

Хашима. Хашима е остров во Јапонија, 15 км оддалечен од градот Нагасаки. Поради својот изглед, познат е и како остров Воен брод. Бил населен се до крајот на 19. век, кога е откриено дека под него се кријат бојати наслаги на јаглен. Островот во 1890 година го купила компанијата Мицубиши. Првата бетонска станбена зграда со 6 катови била изградена во 1916 година за да ги збрине работниците и од тогаш интензивно се започнува со ископувањето јаглен. Во 1959 година бројот на население го достигнува својот максимум и на него имало 5.259 луѓе. Во Јапонија 1960-тите јагленот се заменува со нафта, јагленокопите се затвораат, а не била исклучок ниту Хашима. Затворањето на рудникот било во 1974 година и од тогаш целиот остров е празен и пуст. Стрчат празни и руинирани разни згради, напуштени училишта и празни станови полни со стари предмети кои луѓето ги оставиле зад себе. Најверојатно поради се поголемиот број на луѓе кои илегално доаѓале да го видат, островот за туристичка посета отворен е на 22 април 2009 година. Слободно туристите може да се прошетаат по напуштените улици, згради, продавници итн.

Боди. Боди е напуштен град кој се наоѓа во Калифорнија, во САД. Се наоѓа на источните падини на планината Сиера Невада, на надморска височина од 2550 м. Градот настанал во 1859 година, во периодот на златната треска. До 1882 година во потрага по злато во градот ќе поминат повеќе од 10.000 луѓе. Во тој период бил еден од поголемите и напредните градови во Калифорнија.  Можело да се најде се она што денес гледаме на филмовите: имало две банки, крчми, затвор, цркви, коњушници, јавни купатила, градски весници и др. Боди бил познат и по беззаконие, убиствата, пљачкањето и караниците биле секојдневие. Откако било исцрпено златото населението полека почнало да го напушта градот. Во 1880 година имало 2.712 луѓе, 1900 година живееле 965 луѓе, во 1940 година 90 и денес е потполно празен. Под заштита е на државата,  во 1962 година прогласен е за Историски парк. Денеска Боди е туристичка атракција и секоја година го посетуваат околу 200.000 туристи. Градот е автетичен и недопрен, внатрешноста на куќите останала онаква како ја оставиле нејзините жители пред многу години, останати се 170 објекти. Значајна забелешка: се зборува дека секој што ќе помери, допре, или господ да чува, украде некој предмет го следуваат многу несреќни години.

Припјат. Припјат е иселен град кој се наоѓа во северните делови на Украина. Направен е во 1970 година како живеалиште за работниците од Чернобилската Нуклеарна Централа, која се наоѓа 14,5 км северно, музеј и гордост на тогашниот Советски Сојуз. Градот е напуштен по Чернобилската несреќа која се случила точно во 1 часот и 23 минути по полноќ на 26 април 1986 година. Пред несреќата во Припјат живееле 49.400 луѓе, имало 13.414 станови, 15 основни училишта, 5 средни училишта и еден факултет, болницакоја може да прими 410 пациенти, 3 клиники, кино, театри, 25 трговски центри, 27 кафетерии и ресторани, 3 затворени базени, 2 стадиона, забавен парк итн. Инаку откако дошло до несреќата, вистината за нејзиниот размер се криела, децата тоа утро се играле на игралиштата, отишле во училиштата, луѓето се шетале по улиците вршејќи ги секојдневните обврски. Дури на 27 април во 14 часот започнува целосната евакуација на градот. Биле ангажирани 1.200 автобуси и луѓето со себе понелепо еден куфер со документи, малку храна и алишта. Илјадници семејства ги оставиле своите станови, незнаејќи дека никогаш нема да се вратат. Денес радијацијата е значително ослабната и можна е посета на туристи за кои направени се специјални туристички патеки да се избегне било каква можност од радијација. Градот изгледа како времето да е запрено и треба да се притисне некое магично копче за повторно тишината да се замени со врева.Можат да се видат креветите со расфрлана постелнина, школските клупи полни со книги, рѓосаниот забавен парк со мали автомобили за деца и големото тркало.

Автор: Ивица Маџевиќ, дипломиран географ

Оваа статија е прочитана 3169 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger