Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Македонија ја очекува зголемена опасност од лавини, одрони, свлечишта и поплави!

Македонија ја очекува зголемена опасност од лавини, одрони, свлечишта и поплави!

17.02.2012

Интензивните снежни врнежи кои паднаа на подрачјето на нашата држава во изминатиот месец, предизвикаа натрупување на голема снежна маса, посебно во планинските подрачја. Според проценка од извештаите, просечно за целата држава наврнаа околу 50-60 см снег, или вкупна снежна маса од 10 милијарди метри кубни, што пак одговара на околу 2 милијарди метри кубни водена маса! Поради ниските температури, снежната маса беше стабилна, компактна и со слаб интензитет на топење. Меѓутоа, следните неколку денови и недели се очекува пораст на дневните температури, што може да предизвика забрзано топење на снегот, превлажнување на подлогата и појава на „нестабилност“ со лавини, одрони и свлечишта. Под зголемен ризик од вакви појави ќе бидат стрмните планински и долински терени со растресита геолошка или земјишна подлога, неотпорни карпи и претходно познатите лавинско-свлечишни коридори. Воедно, зголемен ризик од свлечишта и лавини има и на поголемите засеци над патиштата. Во таа смисла, особено треба да се внимава на долината на реката Радика и патниот правец Маврово-Дебар-Струга кој е познат по честа појава на свлечишта и лавини, потоа на патиштата Охрид-Ресен-Битола, Струмица-Берово-Делчево, Македонска Каменица-Истибања, Гостивар-Охрид, Куманово-Страцин-Кратово, делови од автопатот Скопје-Велес, делови од засеците на железничките линии како и многу други. Иако е малку веројатно да се повтори зимско-пролетниот период од 2010 година кога во месеците февруари и март се активираа многу свлечишта и лавини, сепак треба да се биде претпазлив, посебно ако во наредниот период се јават и врнежи од дожд. Во таа смисла, населението, возачите и сите други треба да внимаваат и да го имаат во предвид зголемениот ризик од вакви природни непогоди на наведените стрмни или нестабилни места. Што се однесува пак до превентивно-заштитните мерки, тие се планираат, подготвуваат и изведуваат во еден подолг временски период преку разни биотехнички, градежнотехнички, хидротехнички и мелиоративни зафати во зависност од конкретната ситуација. Во ниските пак, зарамнети котлински терени, доколку значително се зголемат температурите или се поjават врнежи од дожд, може да се очекуваат локални поплави, особено по течението на Вардар низ Долни Полог, потоа кај Велес, во Гевгелиско-валандовското подрачје, потоа на реката Струмица со Радовишка Река, на притоките на Вардар (Пена, Пчиња со Крива Река и Кумановска Река, Коњарска Река, Брегалница со Луда Мара, Желевица и Каменичка) и слично.
Заради сето наведено, голема улога во следењето на состојбата и навременото преземање на соодветни мерки треба да имаат надлежните државни институции, особено Центарот за упоравување со кризи (ЦУК).

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3788 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема · Tags: , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger