Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » За имињата на месеците во годината

За имињата на месеците во годината

21.02.2012

Во најстарото време од Римскиот период, календарот се состоел од 10 месеци, од кои шест имале по 30, а четири по 31 ден. Годината започнувала со месецот март, а завршувала со декември. Потоа следувал период во кој немало сметање на времето, сe до доаѓањето на потоплите денови, односно до март, кога и започнувала новата година. За да ја пополни оваа празнина, Римскиот крал Помпилиј ги вовел месеците јануари и февруари, но при тоа годината сепак требало да имала 355 дена. За да добие доволен број на денови, Помпилиј морал да извади по еден ден од секој месец, па за двата нови месеци останале 56 дена, што значи по 28 дена за секој месец. Но, Римјаните биле суеверни и не сакале годината да им започнува со парен број на денови. Затоа Помпилиј решил на јануари да му додаде уште еден ден, па така јануари имал 29 дена. Според ова, месеците март, мај, јули и октомври имале по 31 ден, а јануари, април, јуни, август, септември, ноември и декември по 29 дена. Месецот февруари останал со 28 дена. Годината имала 355 дена, што не е во согласност со тропската година од 365 или 366 дена. За таа цел, во месецот февруари секоја втора година е додаван уште еден месец и тоа во периодот помеѓу 23 и 24 февруари. Месецот се викал Mercedonius и имал 27, а секој втор пат 28 дена. Секако, овој календар бил доста непрецизен и тоа преставувало основа за понатамошна реформа, која ја извршил Цезар во 46 година п.н.е.

Првиот месец во годината е месецот јануари и со него започнува секоја нова година. Самото име јануари потекнува од името на Римскиот бог Јанус, бог на сите почетоци, па според тоа логично е и месецот јануари да биде почетен месец. Така при оваа реформа месецот октомври, кој во тоа време бил осми месец (што може да се види од неговото име), станува десетти месец, а месецот декември (според името значи десетти) станува дванаесетти месец.

Вториот месец е месецот февруари, најкраткиот месец во годината. Февруари има 28 дена и секоја четврта година (секоја престапна година, како што е и оваа 2012) му се додава уште еден ден – 29. Името февруари е добиено од латинскиот збор fevruaris што значи „да се чисти“. Месецот февруари бил последен месец во годината и тогаш се чистеле храмовите и улиците во чест на доаѓањето на новата година.

Месецот март е третиот месец во годината. Тоа е месец на пролетната рамноденица (еквоницијум) и месец кога започнува пролетта. Тогаш Сонцето од јужната преминува на северната полутопка. Името на месецот март потекнува од Римскиот бог на војната Марс, кој според оваа митологија бил најголем бог по Јупитер. Според традицијата како татко на Ромул (еден од основачите на градот Рим), Марс е и татко на целата Римска нација. Од тука не е ни чудно што Римјаните го ставиле за почетен месец во нивната година.

Април е четвртиот месец во годината и спаѓа во пролетните месеци. Името на месецот во Римската држава бил наменет за божицата Венера. Нема точни податоци од каде е земено името април. Според едни, името е поврзано со божицита Афродита, а според други, потекнува од латинскиот збор aperire што значи „се отвара“. Претпоставката е дека во месец април цутат (се отвараат) цветовите, па од таму потекнува и името на месецот. Во овој месец нема некоја значајна астрономска појава. Интересно е што месецот е познат како месец на шегата речиси во сите европски земји. Во Индија постои сличен празник, но тој се прославува на 31 март. Шеговитоста на месецот потекнува од 1860 година кога 100-тина благородници од Лондон примиле покана да присуствуваат на капењето на белиот лав во едно езеро покрај градот. Многумина се одзвале на поканата, но се покажало дека сепак се работи за шега и дека не постои никаков бел лав.

Месецот мај е петтиот месец во годината и е можеби најубавиот пролетен месец. Името мај најверојатно го добил по староиталската божица Маја, божица на природата, билките и плодната земја. Во мај се буди природата, растенијата процутуваат, денот е поголем, времето е потопло (без високи температури) и затоа месецот мај е најомилен кај народот. Астрономски не се случува ништо позначајно во овој месец. Мај е попознат по празникот 1 мај – празник на трудот, кој се прославува во сите посткомунистички и некои капиталистички земји. Мај има 31 ден уште од Римскиот период.

Шестиот месец во годината е јуни – месец кога започнува летото на северната полутопка. Летото започнува на 21 или 22 јуни. Денот на северната полутопка е најдолг во годината и во астрономијата е познат уште како летен солстициј (летна повратна точка). Се претпоставува дека името на месецот потекнува од Римската божица Јунони – божица на породувањето и заштитничка на браковите и мажените жени. Јуни има 30 дена.

Седмиот месец во годината е јули. Тој е летен месец и спаѓа во најтоплите месеци во годината. Јули своето име го добил по Римскиот император Јулије Цезар. За време на Помпилиј месецот јули се викал Quintilis (петти месец), но со самата реформа на календарот (во 46 год п.н.е од страна на Јулије Цезар) Римскиот сенат донесува одлука седмиот месец да се нарече Julius во чест на императорот. И самиот Цезар е роден на 12 или 13 јули 100 год. п.н.е. (а убиен во 44 год. п.н.е.).

Осмиот месец во годината е месецот август. Спаѓа во летните месеци и, како и јули, е еден од најтоплите месеци. За време на Римската империја името на месецот било Sextilis, што значи „шести месец“ и имал 29 дена. Но, во осмата година пред Христа, Римскиот сенат донесува одлука овој месец да се преименува во Augustus во чест на Октавијан Август, посвоениот син на Јулије Цезар и прв Римски цар. За време на реформата од страна на Цезар, на месецот Август му е додаден уште еден ден, а по преименувањето од Sextilis во Augustus месецот добива уште еден ден (кој е одземен од февруари) и така се доаѓа до бројката од 31 ден.

Деветтиот месец во годината е септември. Со овој месец започнува есента и тоа околу 23-от ден во месецот. Во овој месец се забележува дека деновите стануваат пократки и постудени. Во астрономијата е важен заради есенската рамноденица, кога Сонцето од северната се префрла на јужната полутопка и со тоа почнува есента. Името на месецот потекнува од зборот septem што значи „седми месец“ (во римско време тој и бил седми месец). При реформата на Цезар на месецот септември му се додадени два дена, така да месецот имал 31 ден. Во осмата година п.н.е., при преименувањето на месецот Sextilis во Augustus, месеците јули, август и септември имале по 31 ден. Сенатот не можел да си дозволи три месеци по ред да имаат по 31 ден и затоа решиле на септември да му скратат еден ден. Јули и август биле поштедени затоа што ги носеле имињата на Јулије Цезар и неговиот посвоен син.

Десеттиот месец во годината е месецот октомври. Тоа е класичен есенски месец. Од астрономски аспект во овој месец не се случува ништо позначајно. Деновите се доста пократки од ноќта, а времето е постудено. Името на месецот потекнува од латинскиот збор oktober што во превод значи „осми месец“. За време на владеењето на Помпилиј, октомври имал 30 дена. Но, при преименувањето на Sextilis во Augustus и при појавата на трите месеци по ред со по 31 ден (јули, август и септември) од месецот септември е одземен еден ден и е додаден на октомври. Од тогаш, октомври има 31 ден.

Единаесеттиот месец во годиата е ноември. Ноември е типичен есенски месец, со кратки денови и појава на првиот мраз. Името на месецот потекнува од латинскиот збор novem што значи девет. Во првобитниот календар на Помпилиј, овој месец бил деветти месец во годината. Во почетокот, месецот имал 29 дена, но со реформата на Цезар на овој месец му се додадени два дена. Па така, сe до 8 год. п.н.е. овој месец имал 31 ден. Но, повторно при преименувањето на Sextilis во Augustus, за да не се појават два месеца по ред кои ќе имаат по 31 ден, од ноември е одземен еден ден и додаден на последниот месец – декември.

Дванаесеттиот месец, а воедно и последен во годината, е месецот декември. Декември е зимски месец. Од астрономски аспект месецот е важен затоа што околу 22-от ден од месецот започнува зимата, односно Сонцето се наоѓа во зимскиот солстициј (зимска повратна точка). Со почетокот на зимата и денот е најкраток за сметка на ноќта. Името на месецот потекнува од латинскиот збор decem што во превод значи десет (месецот декември за време на Помпилиј бил десетти по ред).

Во долната табела се дадени македонските изворни (народни) имиња на месеците во годината. Воедно треба да се напомене дека нивното траење не се поклопува со стандардните месеци, туку според поголемите празници, слави и слично. Така, месец септември трае од Крстовден до Петковден, а месец октомври од Петковден до Митровден и сл.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Извори:
http://astronomija.com.mk/vest.asp?id=429
Ристески С. Љупчо. „Категориите простор и време во народната култура на Македонците“. „Матица“, Скопје, 2005

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 13194 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger