Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Козјак, Герман и Билино – неоткриена планинска убавина на североистокот на Македонија

Козјак, Герман и Билино – неоткриена планинска убавина на североистокот на Македонија

22.02.2012

Поради положбата во однос на останатиот дел од Македонија, планините Козјак, Герман и Билино кои се протегаат покрај самата граница со Србија се многу слабо посетени. Меѓутоа, интересниот релјеф со бројните атрактивни форми, пријатната клима, чистиот воздух, многуте рекички со брзаци, слапови и мали водопади, природната вегетација и културно-историските споменици претставуваат доволен мотив да се прошета по овие планини.

Планината Козјак е средно висока планина со лачно протегање, од границата со Србија кон југоисток. Највисок врв е Перен, 1326 м, а неколку други се повисоки од 1000 м од кои посебно впечатлив е врвот Вирови (1283 м) чија јужна страна е каменлива и стрмно паѓа кон долината на реката Бистрица. Има долго, заоблено било кое се протега во должина од 16 км. Јужниот дел е интересен по остатоците на вулкански релјеф во вид на бројни конусни возвишенија и вулкански карпи. Овде, во близина на с. Страцин кај локалноста Плоче има ретка појава на басенчиња издлабени во хоризонтални вулкански карпи. Басенчињата во врнежлив период се исполнети со вода, во која се среќава многу редок вид ракчиња. Многу интересни се и двете природни езерца во близина на манастирот Карпино, речиси на самиот водораздел на планината, околу 5 км на северозапад од Страцин. Тие се долги по околу 100 м, исполнети со барска вегетација и со интересен растителен и животински свет. По својата положба, начин на постанок, по живиот свет, овие езерца се навистина уникатни. Од вулканските врвови секако многу интересен е Татиќев Камен во западниот дел на планината, со веќе далеку познатата мегалитска опсерваторија Кокино. Инаку, климата на планината Козјак е умерено-континентална, релативно топла и сува. По падините се спуштаат „слаби“ рекички и потоци (особено на запад – кон Пчиња), а поради падот на нив има бројни брзаци и помали водопади (особено на реката Бистрица). Западниот дел од планината е под тревна вегетација и мала површина под шуми. Во повисокиот, шумовит дел на планината кон Герман, има разновиден животински свет: волци, диви свињи, лисици, зајаци, разни видови на птици и слично. Освен манастирот Карпино со своите прекрасни вредности, на Козјак и во неговото подножје има повеќе други манастири, цркви, а на западната страна во близина е и музејскиот и спортско-рекреативниот комплекс Асном. Всушност, планината Козјак нуди најразлични можност за рекреативно планинарење, набљудување, лов, планински велосипедизам, излетнички посети и едноставно уживање во природата. Најлесно се доаѓа преку магистралниот пат Куманово-Крива Паланка (кај с. Страцин; 30 км), потоа преку патот Куманово-с. Пелинце (25 км) или преку асфалтните патишта за с. Арбанашко, односно за с. Бајловце. На било кој начин, од Куманово се стигнува за околу половина час, а од Скопје за околу еден час.

Герман и Билино се средно високи планини северно од с. Ранковце и Крива Паланка, до границата со Србија. Се протегаат лачно кон североисток, преку 26 км долго, заоблено и широко планинско било. Западниот, понизок дел е познат како Герман, со највисок врв Модра Глава (1390 м), а источниот повисок дел се нарекува Билино (највисок врв Чупино Брдо, 1703 м), иако двата дела не се јасно одвоени како одделни планини. Пространото, зарамнето било и врвовите на него се одлични за ненапорно, рекреативно планинарење и трекинг, а воедно даваат можности за панорамско набљудување. На Билино, кај месноста Градечки Чуки северно од Крива Паланка има интересни остатоци од некогашен вулканизам во вид на мали купести возвишенија, скаменети лавични текови, туфови и сл. Од речните долини овде особено е значајна тесната, наместа кањонеста долина на Радибушка Река (од која се формира Ранковачка Река), која е длабоко всечена во јужните страни на Герман. На реката и нејзините притоки има 5 водопади високи од 3-8 м. На северната страна пак кон границата со Србија се длабоко всечените долини на Козједолска и Лесничка Река, со бројни брзаци и помали водопади. Инаку, климата на овој простор е континентална до планинска, свежа и релативно влажна. Има голем број на извори, потоци и реки кои течат кон Крива Река на југ и Пчиња на север. Растителниот и животинскиот свет се доста разновидни. Планините се погодни за рекреативно планинарење, панорамско разгледување од повисоките врвови, пешачење, планински велосипедизам, џип сафари, лов и др. До планината Герман или до Билино, наједноставно се стигнува преку магистралниот пат Куманово-Крива Паланка, при што кај с. Ранковце се свртува по локален пат за с. Герман, или пак кај Крива Паланка се оди на север по многу интересен и живописен асфалтен пат кој води до с. Огут на граница со Србија. Уште една можност е да се пристигне преку не помалку живописниот пат од Крива Паланка до с. Луке, а од тука кон врвовите на шумовитата планина Билино.

Козјак, Герман и Билино се питоми планини, лесно достапни по асфалтни, а потоа макадамски патишта и планински, шумски или велосипедски (маунтбајк) патеки. Најубав период за посета е во месеците април и мај, кога природата е раззеленета, а потоците и рекичките полни со вода. На враќање пак од планинарската или излетничка авантура, може да се посетат неколкуте угостителски објекти како рибникот во с. Гиновце, комплексот Визиана кај с. Клечовце, Етно село кај с. Војник или едноставно да уживате во природен пикник-амбиент покрај езерото Отошница (кај истоименото село) или кај комплексот Асном и спортско-рекреативниот центар кај с. Пелинце.

Автор: д-р ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 7673 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , , , , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger