Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Вселена, На тема » Набљудувајте го ноќното небо кога сакате и од каде сакате преку Stellarium

Набљудувајте го ноќното небо кога сакате и од каде сакате преку Stellarium

27.02.2012

Од пред неколку години, на интернет се појави прекрасна апликација Stellarium – виртуелен планетариум за набљудување на ноќното небо. Со напредокот на користената технологија, денес оваа апликација со верзијата 0.11.1, стана една од најкористените виртуелни планетариуми во светот, а за тоа има повеќе причини. Пред се, инсталацијата и работата со програмата се многу едноставни, а приказот на хоризонтот и на ноќното небо извонредно реалистичен. Второ, апликацијата ги покажува положбите на небесните тела во реално време, кое пак може да го менуваме по желба нанапред или наназад. Исто така, имаме можност да ја избереме локацијата (градот, местото или според зададени координати) од каде ќе го гледаме ноќното небо, како и да го вртиме погледот по желба кон разните страни на хоризонтот (кон исток, запад, свер и слично). Трето, оваа аликација има огромна база на податоци за над милион небесни објекти (планети, ѕвезди, комети, сателити, маглини, галактики и што уште не). Со позиционирање и кликнување врз некој објект, ги добиваме моменталните податоци за него (големина, тип, видлива магнитуда, спектар, оддалеченост). Што е можеби најважно, сето тоа го добиваме бесплатно, бидејќи апликацијата е бесплатна и слободна за користење без ограничувања. Покрај основните поставки, во Stellarium може сами да си креираме или поставиме наш хоризонт (како на примерот на сликата горе, со локација од Природно-математичкиот факултет), да додаваме ефекти на атмосфера, сонце, да добиеме скица на соѕвездија, нивни имиња и ознаки, да вршиме пребарувања на небесни тела и многу други можности.

Бидејќи преку посебна опрема може да се поврзе на вистински планетариум или на моторизиран телескоп, Stellarium многу често се користи во планетариумите ширум светот, како и за електронско следење на објекти на небото со помош на телескоп.

Апликацијата Stellarium може да се симне слободно од следниот линк: http://www.stellarium.org. Единствено треба да изберете за која платформа (оперативен систем) ќе ја користите, бидејќи освен Windows се подржани Linux и Mac OS.

Инаку, оваа и сличните современи апликации се користат во наставата на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет, главно во рамките на  предметот „Земјата и вселената“.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3966 пати!

Објавено од:

Од категорија: Вселена, На тема · Tags: , , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger