Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Раткова Скала – всечена во карпите

Раткова Скала – всечена во карпите

3.03.2012

На десетина километри североисточно од с. Злетово е прекрасната месност Раткова Скала. До неа се доаѓа преку асфалтниот пат од с. Злетово до селото Турско Рударе (3 км), потоа уште 4 км по добар макадамски пат до с. Шталковица и уште околу 2-3 км кон с. Ратковица по малку полош макадамски пат. Раткова Скала оддалеку е препознатлива по стрмните карпи со темно до светло сивкаста боја, така што е лесно воочливо кога ќе се дојде до неа. Инаку локациски се наоѓа длабоко во југозападниот дел на Осоговските Планини, во долината на Шталковичка Река (лева притка на Злетовска Река), поточно во нејзиниот горен тек. Овде, како последица на малата појава на извонредно цврсти кварцити, кои многу побавно се еродираат од околните кристалести шкрилци, релјефот има интересна физиономија, која отстапува од питомоста на Осоговските Планини. Имено, поради забавеното, речиси вертикално всекување на Шталковичка Река низ кварцитите, нејзината долина, во должина од околу 1.5 км има изглед на кањон, со стрмни, речиси вертикални страни, длабоки и до 400 м. Всушност, долинските страни претставуваат големи скалесто наредени карпести отсеци – скали високи до 200 м, заради што самата месност се нарекува Раткова Скала (со името се поврзани бројни легенди). Најголеми отсеци се на десната (северна) долинска страна под с. Ратковица, каде се протегаат во должина од 1.2 км, а на левата долинска страна тие се нешто помали, високи до 130 м и во должина од 0.5 км. Вакви карпести отсеци со помали димензии, настанати со ист процес на ерозија има и кон југоисток во месноста Синковица. Нивното формирање и обликување траело речиси милион години, а самите карпи се стари стотици милиони години. Покрај карпестите отсеци, во релјефот на овој простор се изразени бројни сипари од распаднати камења и денудациски форми во кварцитите и кристалестите карпи (меѓу кои има и псевдопештери). Всушност, целата природа е доста интересна, со повеќе водопади на Шталковичка Река и нејзините притоки. Исто така има многу густа и разновидна вегетација по долинските страни, со повеќе ендемични видови. На некои места, густите шуми се речиси непроодни, а во летниот период можат да се сретнат и разновидни животни: од гуштери, желки, змии до разни видови на птици (соколи, орли), лисици и волци. Движејќи се нагоре по долината (кон североисток) на Шталковица, по само 4 км може да се искачиме од 700 м во подножјето на Раткова Скала до над 1500 м кај локалитетот Пониква. Веќе над 1200 м надморска височина има преубав панорамски видик кон бројните вулкански купи во Злетовско, потоа кон Кочанската Котлина и соседните предели.

Освен природата, многу интересни за посета се селата во овој простор. Тие го задржале автентичниот архаичен изглед стар со векови. Поради сето наведено, подрачјето на Раткова Скала (заедно со локалитетите Пониква и Синковица околу неа), нуди одлични можности за престој на помали групи планинари, алпинисти и вљубеници во недопрената природа. Рекреативно-планинарските патеки, погодностите за поставување на алпинистички правци по карпите, потоа можностите за планински велосипедизам, па и за параглајдинг, можат да го направат овој простор доста атрактивен. Меѓутоа, при сето тоа мора да се води сметка да не се претерува, односно да се зачувува уникатната природа онака како што опстојувала со милениуми.

Извор:

Милевски И. (2006): Геоморфологија на Осоговскиот планински масив, докторска дисертација, ПМФ, Скопје

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3310 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , , , , ,

Еден одговор на "Раткова Скала – всечена во карпите"

  1. Поздрав до порталот и професорот Милевски. Се надевам дека ќе има и други теми од Осоговските Планини. Јас сум авторот на првата и третата фотографија од прилогот, што пред неколку години им ги отстапив на редакцијата на Инфо Кочани.
    Повеќе на
    http://gevi.webs.com/apps/photos/photo?photoid=37832276

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger