Најдени повеќе од 1000 нови потенцијални планети

3.03.2012

Според последните истражувања на НАСА, надвор од нашиот Сончев систем се најдени барем 1000 нови потенцијални планети, речиси двојно повеќе од претходно евидентираните екстрасоларни планети откриени со Кеплеровиот вселенски телескоп. Ова произлезе од најновите анализи на таканаречените Кеплерови објекти од интерест (КОИ), односно снимки на истоимената мисија направени во периодот од мај 2009 до септември 2010 година. Станува збор за 1091 нови потенцијални планети, така што заедно со веќе откриените, вкупната бројка на екстрасоларни планети ќе изнесува над 2300. Тоа е одличен резултат за овој вселенски телескоп лансиран во март, 2009 година, како и за целата мисија вклучена во проектот на барање на нови екстрасоларни планети погодни за живот. Инаку, тимот на мисијата Кеплер вели дека барем 90% од тие 2300 потенцијални планети веројатно се „реални“ или „вистински“ планети. Меѓу нив не мал број се планети слични на Земјата, кои орбитираат во таканаречената „зона на живот“ односно на доволна оддалеченост од матичната ѕвезда каде не е ни премногу жешко ни премногу студено. Всушност, астрономите се изненадени од бројот на мали, ладни планети кои би биле слични на Земјата. Така, според последните истражувања, анализите од мисијата Кеплер укажуваат на околу 196 потенцијални планети слични на Земјата – бројка која е речиси четири пати поголема од онаа презентирана пред само неколку месеци. Бројот пак на потенцијални нови планети околу два пати поголеми од Земјата (таканаречени Суперземји) е 416, па и тоа претставува огроме скок во однос на претходните проценки.

Трендот на пронаоѓање на помали планети слични на Земјата на кои е можно постоење на вода па дури и жив свет, со мисијата Кеплер (летало лансирано во 2009 година) значително се зголеми. Тоа ги оправда очекувањата од овој извонредно софистициран вселенски телескоп со камера од 90 мегапиксели. Од друга страна, според членовите на мисијата, за да се потврди дека некоја планета е слична на Земјата и со сличен орбитален период, потребни се набљудувања од барем неколку години. Пред самото потврдување дека станува збор за вистински планети на новите Кеплерови објекти од интерес (потенцијални планети) мора да поминат многу ригорозен процес на анализи кои можат да траат од 6 месеци до година дена. Она што ги загрижува астрономите е дека може да се испостави „потенцијалната планета“ да е всушност член на двоен ѕвезден систем, или пак затемнување настанато од некој друг објект кој минал преку нашиот видик кон главната ѕвезда во тој систем. За таа цел, тимот на Кеплер усоврши софтвер кој максимално ги минимизира таквите можни грешки, но воедно секоја помош во овој проект е добредојдена, како што е planetarius.org.

Извор: http://news.nationalgeographic.com/news/2012/03/120302

Подготвил: д-р Ивица Милевски   

Оваа статија е прочитана 4229 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *