Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема » Подготовка на повеќе експедиции до најдлабоката точка на планетата Земја

Подготовка на повеќе експедиции до најдлабоката точка на планетата Земја

11.03.2012

Канадскиот режисер на филмовите Титаник и Аватар, големиот авантурист Џејмс Камерон, се подготвува до крајот на април да се обиде да спушти до дното на Маријанскиот ров, најдлабокото место на Земјата кое лежи на 11 км под површината на Тихиот океан. Намерата на режисерот е да изврши снимање на дното и по можност да донесе примероци од тамошниот жив свет на површината.

Експедицијата Deepsea Challenge се организира од страната на National Geographic и тоа е прв ваков потфат по половина век, односно од 1960 година кога специјалната подморница Триесте со дваица членови на екипажот се спушти на дното од Маријанскиот ров и се задржа само дваесетина минути. Целта на новата мисија не е само да се спушти до најголемите длабочини, туку и подобро да се запознат и разберат овие речиси сосема непознати подводни предели (1). Инаку, Маријанскиот ров е околу 2500 км долг, 60-70 км широк и 8-10 км длабок, лачно издолжен ров сместен на дното од Тихиот океан помеѓу Јапонија и Нова Гвинеја. Во јужниот дел на ровот е измерена најголемата досега позната длабочина на Земјата, која (според различни мерења) достигнува околу 10,9-11,03 км (2).

Камерон (57 год.) зад себе има над 70 нуркања во поголеми длабочини, од кои 12 за потребите околу снимањето на Титаник. Во најновата експедиција Камерон ќе нурне сам со малата 8 м долга подморница Deepsea Challenger. Подморницата е специјално дизајнирана за големи длабочини каде владее притисок од над 1 тон на сантиметар квадратен, тестирана е цели 8 години и опремена со најнова технологија. Инаку, доволно е да се спомене дека на такви длабочини Предвидено е истата да остане на дното 6 часа и со помош на моќни рефлектори за прв пат да го сними овој простор не само во 2Д туку и во 3Д техника (дел од сцените ќе биде искористен за новото продолжение на Аватар).

Покрај Камерон, за најдлабоката точка на Земјата, во текот на оваа година се подготвуваат уште најмалку три експедиции. Едната експедиција е предвидена со подморницата Тритон произведена од компанија на Флорида. Втората мисија е со подморницата Вирџин Оцеаник, спонзорирана од големиот авантурист, милијардерот Ричард Бренсон. Третата експедиција е DOER Marine на компанија за подводни истражувања од Сан Франциско, која со посада од 2-3 члена, за само околу 90 минути би требала да се нурне од површината до дното. Можна е и кинеска експедиција долж Маријанскиот ров. Сите експедиции имаат различни цели: од научни до согледување на можности за комерцијално искористување. Познато е дека некои држави и компании се поборници дното на Маријанскиот ров да служи за одлагање на нуклеарниот отпад кој тектонски би се „сомелувал“ заедно со океанската кора која се подвлекува, иако тоа со меѓународните конвенции за сега е забрането.

Како и да е, бидејќи до сега речиси и нема снимки на длабочини поголеми од 6-7 км, со мисијата Deepsea Challenger и останатите предвидени експедиции се очекуваат многу интересни и нови сознанија за најдлабоките предели на Земјата и тајните што ги кријат. Од досегашните истражувања, во длабоките води (над 1 км) се откриени многу чудни, па дури и бизарни суштества со впечатлив изглед, прилагодени за живот во средини со малку кислород, големи притисоци и недостаток на светлина.

Извори:
(1) http://www.huffingtonpost.com/2012/03/09/james-cameron-plans-deep-_n_1334488.html
(2) http://en.wikipedia.org/wiki/Mariana_Trench
(3) http://www.ouramazingplanet.com/1993-ocean-deep-mysteries-exploration.html

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4315 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, На тема · Tags: , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger