Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Најдалечното нешто што може да се види во Македонија?

Најдалечното нешто што може да се види во Македонија?

11.03.2012

Веројатно понекогаш ќе се запрашате што е она најдалечно што може да го видиме со голо око од некој дел на Македонија. Колку далеку може да видиме нешто, многу зависи од конфигурацијата на теренот, нашата положба (височина) во однос на околниот терен, чистината на атмосферата и секако од нашиот вид. За обичен или просечен ведар ден, може јасно да видиме место, рид или планина оддалечени околу 50-100 км. Така, од Скопје може да се види врвот Солунска Глава на Јакупица оддалечен околу 35-40 км (сликата е со видик од врвовите на Скопска Црна Гора кон Јакупица, на оддалеченост од 55 км), или пак билото на Шар Планина оддалечено 40-60 км, а од Охрид или Струга може да се здогледаат ниските планини на јужната страна од Охридското Езеро (во Албанија), оддалечени околу 40-50 км. Од планинските врвови долж источната граница на Македонија, при ведро време убаво се гледаат Рила и Пирин, оддалечени 40-70 км. При многу ведро време, кристално чиста атмосфера и доста погодна положба, би можеле да видиме место, објект или пејсаж оддалечен и до 200-300 км. Така, следното утро по врнежлив пролетен ден, можно е од врвот на Водно јасно да се видат високите делови на Осогово или Плачковица оддалечени околу 100 км, а нешто послабо силуетите на Беласица (оддалечена 170 км). Од врвот Љуботен пак, при исти услови може да се здогледаат врвовите на Беласица и некои планини во Србија оддалечени околу 200 км (на сликата десно, во позадината е Јабланица сликана од Ниџе на оддалеченост од 110 км)! Слично долго видно поле има и од врвот Лисец на Плачковица кон југ, до Солунскиот залив и планината Олимп. Од високите делови на Беласица и Кожуф, се гледаат Егејско Море, планината Олимп и други планини во Грција оддалечени до околу 100 км, но всушност подалечен видик има на север кон крајните планински врвови на Козјак и Шар Планина. Поради планинскиот терен во Македонија и соседните подрачја, видното поле е значително ограничено. Низ светот се тврди дека при идеални услови и на залез на Сонце, во некои подрачја можат да се видат обриси на планини оддалечени и до 500 км!

Сепак, одговорот на она што може најдалеку да се види од Македонија, не е на земјината површина туку на небото. Така, при ведро време, преку ден го гледаме Сонцето оддалечено 150 милиони км, а преку ноќ, со голо око може да видиме ѕвезди од нашата галактика оддалечени до неколку стотици светлосни години или неколку стотици илјади милијарди км. При темно и чисто небо, во вечерните часови кон западниот хоризонт, во соѕвездието Андромеда јасно може да видиме еден магличест објект – галактиката Андромеда, која е оддалечена 2,2 милиони светлосни години или 20.000.000.000.000.000.000 км! Тоа е навистина огромно растојание и за да се стигне до оваа галактика со најбрзите денешни вселенски летала, потребни се стотици милиони години. Според тоа, галактиката Андромеда (или маглината Андромеда) е најдалечниот објект или најдалечното нешто што може да се види од Македонија.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4110 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: , , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger